1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богојески: Со вакво ВМРО-ДПМНЕ, Заев ќе добие и трет мандат

22 септември 2020

Опонентите на Мицкоски во кадровското освежување на партијата препознаваат „театар“ и „стари кадри“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е уверен дека опозицијата е посилна од власта.

https://p.dw.com/p/3ip8M
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во последниов париод е посветена на кадровски промени во партијата, од синоќа доби и нов состав на Извршниот комитет (ИК), но и критики од опонентите дека станува збор за „театар“ и промоција на стари кадри. Најголемо изненадување е тивкото заминување на Генералниот секретар, Игор Јанушев, кој пред изборите беше најгласен во оценката дека „ВМРО-ДПМНЕ е пред голема победа“. Според Мицкоски, Јанушев се повлекол поради лични причини, а партискиот лидер му се заблагодари за неговата работа, најавувајќи дека тој и натаму ќе продолжи да придонесува и помага во ВМРО-ДПМНЕ.

Тим за рушење на мафијата

Во составот на новиот Извршен комитет влегоа партиските потпретседатели Александар Николоски и Владимир Мисајловски, Иван Иванов пратеник од минатиот собраниски состав, како и членовите кои согласно со Статутот по функција се дел од ИК: претседателот на Унијата на млади сили Сергеј Попов и координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски. Во ИК влегоа и две претставнички на последната пржинска влада: Гордана Димитриеска - Кочоска, соработничка на Мицкоски кога тој беше на чело на ЕЛЕМ и заменик- министерка во ресорот финансии во последната техничка влада, како и актуелната пратеничка Рашела Мизрахи, која многу кратко беше технички министер за труд и социјална политика. Во ИК влегуваат и несудениот министер за внатрешни работи во пржинската влада, полковникот Драган Ковачки, Стефан Андоновски - досегашен советник во партискиот кабинет на Мицкоски, Марија Андоновска - докторант на Стоматолошкиот факултет, пратеничката од Битола Олга Лозаноска, пратеникот Антонијо Милошоски и инфектологот Вело Марковски. Во составот на ИК е и пратеничката Дафина Стојановска, која и досега беше член на ИК, професорот Трајко Славески, поранешниот пратеник Владимир Ѓорчев, поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски и д-р Кирил Пецаков.

Кадровските освежувања во партијата доаѓаат по изборниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ, и барањата на незадоволни партиски членови за одржување вонреден Конгрес и избор на ново раководство. Мицкоски синоќа изјави дека тој се залагал за свикување на вонреден Конгрес, но Централниот комитет (ЦК) му го одбил тоа барање.

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Христијан Мицкоски се залагал за вонреден конгрес, но ЦК тоа го одбилФотографија: Petr Stojanovski

„Јас не бегам од моите принципи, и иако до денешен ден не беше поднесена никаква иницијатива за вонреден конгрес од страна на оние кои водат хајка врз мене, јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден Конгрес, на кој што јас нема да се кандидирам. Централниот комитет, надвор од моето присуство откако ја напуштив салата во која се оддржуваше седницата, практично едногласно го одби ова мое барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми  даде полн легимитет да продолжам со раководењето со ВМРО-ДПМНЕ и јас им се заблагодарувам на укажаната доверба, што за мене е обврска, со уште посилно темпо да продолжиме со рушењето на мафијата“, рече Мицкоски.

Театар наместо оставка

Оваа негова изјава предизвика реакција од неодамна формираниот Иницијативен одбор кој се залага за свикување на вонреден Конгрес и за смена на кормилото на партијата.

„Да беше искрен во предлогот за вонреден Конгрес и намерата да не се кандидира, ќе ја искористеше можноста што ја дава Статутот, ќе си дадеше оставка и ќе беше свикан Конгресот, наместо да прави театар злоупотребувајќи го Централниот комитет, кој е со истечен мандат. Сè уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет да именува или разрешува партиски органи. Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање на одговорност, оставка и закажување на вонреден Конгрес“, се вели во соопштението на Иницијативниот одбор, во кое се оценува дека предложените нови структури во партијата „во суштина не нудат ништо ново“.

Повеќе:

Зошто ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски не може да победи?

Последниот претседател на ВМРО?

Мицкоски: Нема да дозволиме мафија да ни ги потроши и следните 4 години

Бели марамчиња за селекторот

Мицкоски уште во синоќешната изјава по седницата на ЦК, се осврна на сите опоненти, нарекувајќи ги „политички хиени“.

„Задача на оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ е да ја задржат оваа структура чиста и да се одбранат од политичките хиени, без разлика дали тие се од нашиот политички противник, одвнатре или од некои друг места“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ништо ново

Критики доаѓаат и од опозиционери кои се надвор од Иницијативниот одбор за свикување вонреден Конгрес. Петар Богојески, промотор на „Македонски концепт“ и учесник во некогашната иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, смета дека ниту изборите во земјата, ниту кадровските промени во опозицијата не донеле ништо ново. 

„Изборите не донесоа никакви промени во земјата! Како што во Владата останаа истите луѓе, така и во партиската влада на ВМРО- ДПМНЕ, исти луѓе, некои ‘кабинетски глувци’ на Мицкоски, од кои двајца проверени кадри на Мијалков и една госпоѓа задолжена за црните вреќи од Будимпешта! Забележливо е засилување на советскиот/болшевички блок во партијата, контролиран од полициско мафијашки структури на Синиша Алексовски. Ако во иднина партијата ја нарекуваме СССР- ДПМНЕ, нема многу да погрешиме! Сонот за европеизација на ВМРО-ДПМНЕ засекогаш исчезна! И онака целата домашна и меѓународна јавност, ја перцепира ВМРО ДПМНЕ како опозицијата во Црна Гора, просрбо/руска, a Мицкоски со овој потег тоа го докажа! Со ова вториот мандат на Заев, е продолжен со трет, за жал! Македонија е на прагот да го разреши огромното црковно прашање за признавање на МПЦ-ОА, а Мицкоски се враќа во 1994 година!“, вели Богојески.

Petar Bogojevski VMRO DPMNE Reformpolitiker aus Mazedonien
Петар Богојески: Забележливо е засилување на советскиот/болшевички блок во партијатаФотографија: Privat

Избор скроен од Груевски

Спротивно на критиките, кај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ владее увереност во огромната моќ на опозицијата.

„Опозицијата во оваа држава е посилна од власта и власта не треба да се плаши од одмазда, туку таа треба да се плаши од правда која порано или подоцна ќе дојде“, порача Мицкоски.

Од владејачката СДСМ му порачаа, дека откако и трет пат изгубил на изборите, бегалецот Никола Груевски му скроил нов Извршен комитет во обид да му ја спаси фотелјата во белиот дворец.

„Секоја демократска партија е нормално да одржи Конгрес по избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата нема капацитет да се реформира. Последен доказ за тоа се т.н. големи промени со стари, потрошени кадри, послушници и извршители на Груевски. За нови лица Мицкоски ги нуди Антонио Милошоски против кого се водат предмети и човек кој се криеше од судски доставувачи; Рашела Мизрахи која од позиција на министерка го кршеше Уставот и законите; Гордана Димитриевска Кочовска која блокираше средства од Светска банка за помош на здравството; Марија Андоновска за која цела јавност слушна како Гордана Јанкуловска лобирала да се вработи во Фондот за здравствено осигурување“, набројуваат од СДСМ.

Владејачката партија оценува дека партијата предводена од Мицкоски не е поместена „од деструктивната, антидржавна и антинародна матрица, и затоа уште долго ќе биде во опозиција“.

Мицкоски, пак, продолжува со кадровските промени. Највува дека во наредниот период Извршниот Комитет ќе биде проширен и со нови членови, со нов Генерален секретар, нова претседателка на Унијата на жени и нов претседавач на Унијата на ветерани.