1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британскиот суд му пресуди на Путин

Инго Мантојфел/превод:бг22 јануари 2016

Британскиот извештај за смртта на Александар Литвиненко правно е безначаен. Сепак, неговата содржина е експлозивна и поради тоа има далекусежни политички последици, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1Hi6o
Фотографија: Reuters/V. Djachkov

Во ноември 2006, поранешниот агент на КГБ и критичар на рускиот претседател Владимир Путин почина во Лондон од труење со радиоактивен плутониум. Низ светот се прошири сомнежот дека во неговата смрт се вмешани руските државни органи. Пред сѐ, таков отров е многу тешко да се набави. Но сомнително беше и тоа што Литвиненко пред смртта контактирал со двајца осомничени, Андреј Лугавој и Дмитри Ковтун. Тие двајца до денес ја негираат својата вина. Но, тие и не беа сослушани или обвинети во Лондон. Русија, имено, одбива да ги испорача.

Затоа уште тогаш се постави интересно прашање - колку руската тајна служба ФСБ е вмешана во случајот? Дали тогашниот шеф на службата Николај Петрушев и претседателот Путин се директно вмешани во сето ова? Опсежната истрага во Британија се обиде да даде одговор на тие прашања.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел

Според британските закони, рокот за подигнување обвинение истече, па досегашните резултати од истрагата можат да се објават. Иако не се работи за конечна пресуда, заклучокот на судијата Роберт Оуен е спектакуларен. Според него, не само што обвинетите Луговој и Ковтун работеле по наредба на ФСБ, туку во извештајот на 300 страници со име се споменуваат Патрушев и Путин како личности кои го одобриле убиството - со мала ограда „веројатно“.

Човек мора прво ваквата информација да ја прифати: угледен британски судија, по повеќегодишна истрага и испитување низа сведоци, доаѓа до заклучок дека Путин „веројатно одобрил“ убиство на политички противник. Сите кои веќе долго го обвинуваат руското раководство за злосторнички активности, сега чувствуваат дека нивната критика е потврдена. Александар Литвиненко ни од далеку не е единствен критичар на Кремљ кој е убиен по доаѓањето на Путин на власт. Тешко е да се замисли поексплозивен резултат од истрагата.

Ограничени последици

За волја на вистината, правните последици на овој извештај не се големи, сѐ додека осомничените се недостапни. Ни последиците за британско-руските односи не би требало да бидат големи. Тие и онака се многу студени од убиството на Литвиненко пред 10 години. Натамошно влошување е речиси невозможно. Во пошироки политички раки, тој извештај за истрагата е експлозивен, бидејќи објавените резултати во нашиот глобален информативен простор, претставуваат хибридна пресуда на еден британски суд за рускиот претседател Путин.