221111 Bundestag 3 Rechtsterrorismus
22 ноември 2011Германските пратеници седницата ја почнаа со минута молчење. Првите зборови на претседателот на Бундестагот не им беа упатени на убијците, туку на жртвите на десниот тероризам и на нивните семејства:
„Упатуваме сочувство до роднините и посебна молба за извинување за некои сомничења на жртвите и роднините, кои ги доживеале за време на истрагата“, рече Норберт Ламерт.
Тој грешките направени при истрагата ги нарече засрамувачки. Дотолку појасен треба да е политичкиот сигнал испратен од денешната вонредна седница на парламентот. Јасно е дека сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих сака да ги промени структурите на германските безбедносни власти, за да се подобри размената на информации:
„Во сферата на борба против терористичкиот исламизам основавме заеднички Центар за одбрана од тероризам во кој сите надлежни служби на сојузно и покраинско ниво ги имаат ’вткаено’ своите сили. Сакаме таков центар да биде етаблиран и во борбата против десниот екстремизам.“
Министерот веќе не исклучува и нова постапка за забрана на десноекстремната НПД. Тоа, според опозицијата, е дури итно неопходно:
„Поделба од типот - овде примерната НПД, таму насилниот десен екстремизам - е и било отсекогаш лажна слика. Тука постои тесно испреплетена мрежа“, оцени шефот на пратеничката група на социјалдемократите, Франк-Валтер Штајнмајер.
Колку тесно испреплетена, треба да докаже истрагата. Сите говорници денеска во парламентот, меѓутоа, јасно кажаа дека не само политичарите и институциите, туку сите се повикани да го кренат гласот против расизмот, зашто убиствата се напад врз слободарското општество во целост.
Автор: Андреа Бушбергер / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Симе Недевски