Стоп за „АстраЗенека“ за помладите од 60 години
8 април 2021С. Македонија дефинитивно ја стопира вакцинацијата на лицата под 60 години со вакцината „АстраЗенека“. За оние коишто се вакцинираа во Србија и треба да се ревакцинирата по три месеци, ќе се носи дополнителна одлука како ќе се постапи. Во меѓувреме во земјата се очекува да пристигнат околу 300 илјади вакцини од различни прозводители, со цел имунизацијата на населението непречено да тече. Министерот за здравство вели дека притисокот врз болниците сѐ уште е голем, но дека се чувствува мало опуштање, коешто му влева надеж дека „пикот“ на заразата можеби поминал.
„Вчера, во текот на денот, почувствувавме мало спласнување на притисокот во болниците, денеска и бројката е малку помала, треба да биде околу 1.200. Да не избрзувам со изјавите, затоа што мора да ја следиме состојбата и оваа недела, многу е веројатно дека пикот е веќе зад нас, но тоа ќе го кажеме на почетокот на следната недела“, вели Филипче.
Нова терапија
Северна Македонија од идната недела се очекува да започне со примена на нова терапија за лекување на ковид-пациенти, која веќе се применува во САД. Станува збор за терапија којашто влијае на намалувањето на репликацијата на вирусот. „Тоа е терапија на едно специфично антитело што ја набавуваме преку заедничкиот систем на набавка на Европската унија. Веројатно во текот на следната недела треба да пристигне. Има специфична индикација кога се дава – на почеток на болеста, во раната фаза“, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Што се однесува пак, до пациентите со посериозни здравствени проблеми, тие и натаму ќе се лекуваат со посебни терапии. „Сведоци сме на многу брзи влошувања и многу тешка клиничка слика“, вели министерот.
-повеќе на темата: Европски суд за човекови права: Задолжителното вакцинирање е неопходно
Во меѓувреме продолжува масовната имунизација на населението против Ковид-19. Досега се вакцинирани над 15.000 граѓани со вакцината на „АстраЗенека“ и освен случајот со 28-годишната девојка, која имаше тромбоза на вената на едното око, засега не се пријавени други компликации. Со оваа вакцина и натаму ќе се вакцинира само постарото население. Министерот за здравство денеска потврди дека вакцината на „АстраЗенека“ нема да се користи за лица помлади од 60 години.
-повеќе на темата: Филипче ќе почека за вакцинација - предност им дава на колегите
„Утрово го разгледувавме ставот на бордот на ЕМА во врска со ‘АстраЗенека’. По евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби, посебно кај млади луѓе, бордот на ЕМА излезе со две препораки: првата е дека тие несакани ефекти треба да влезат во упатството и второ дека секоја држава треба да заземе став како ќе се користи вакцината. Согласно со тоа, по утринските консултации, донесовме став вакцината на ’АстраЗенека‘ да не им се дава на помлади лица од 60 години во нашата земја“, вели Филипче.
Вакцини
Во текот на овој месец се очекува да пристигнат околу 300 илјади вакцини од различни производители. „ Очекуваме да стигнат првите вакцини од 651 илјада од Европската ннија, кои се наменети за Западен Балкан, а за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20-25 илјади од нив, бидејќи неколкупати напоменуваме дека тоа не зависи од нас, туку и од испорачателот“, најави премиерот Зоран Заев.
Се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините на компанијата „Фајзер“, со која државата има договор за 800 илјади дози, како и втората пратка преку механизмот Ковакс. Според Заев, се очекува овој месец да стигнат и 200 илјади кинески вакцини, како и 200 илјади дози „Спутник“.