1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче ќе почека за вакцинација

ДТЗ
15 февруари 2021

Имунизацијата започнува во среда, но министерот најави дека ќе се вакцинира кога во земјата ќе пристигне втората пратка на вакцини. 

https://p.dw.com/p/3pOfJ
Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Venko Filipce
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Во среда се очекува да започне имунизацијата од Ковид-19 во С. Македонија, а првите вакцини ќе бидат наменети за медицинскиот персонал на Инфективната клиника. Министерот за здравство, Венко Филипче, нема да биде меѓу првите коишто ќе се вакцинираат. Тој одлучи предност да им даде на своите колеги коишто се во првите редови во борбата против коронавирусот. Најавува дека ќе се вакцинира кога во земјата ќе пристигне втората пратка на вакцини.

По повеќемесечни перипетии, првата пратка на вакцини во земјата пристигна вчера од Србија. Станува збор за 4 680 дози, од вкупно 8 000 коишто треба да пристигнат. Во голем број земји меѓу првите кои се вакцинираа беа претставници од здравствените власти или други високи државни функционери. Но, тоа нема да биде случај и во С. Македонија. Министерот за здравство во изјава за „360 Степени“ вели дека нема да се вакцинира со првата пратка која вчера пристигна од соседна Србија.

-повеќе на темата: Здравствените работници во првата борбена линија против Ковид први ќе добијат вакцина

„Министерот за здравство Венко Филипче ќе се вакцинира кога во земјава ќе пристигне втората пратка вакцини. Министерот им дава предност на неговите колеги кои се изложени на голем ризик во ковид – центрите низ државата“, велат од неговиот кабинет.
Тој неодамна рече дека би се вакцинирал со која било вакцина против Ковид-19. „Немам резерва кон ниту еднавакцина, без намера да ја земам предноста пред колегите кои работат со ковид-пациенти. Во смисла дека вакцините се безбедни и дека не треба да има сомнеж кај граѓаните, јас би се вакцинирал меѓу првите со која било вакцина која ќе пристигне во земјата“, изјави Филипче неодамна. 

Вакцинацијата почнува во среда

Досега се пријавени 4 000 здравствени работницио вакцините од „Фајзер“ кои С. Македонија ги набави од Србија први ќе се вакцинираат здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Од Министерството за здравство информираа дека првите 4 680 вакцини од Србија се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија и дека здравствениот систем е целосно спремен за имунизација на населението.
По пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови. Покрај вработените на Инфективна, меѓу првите ќе се вакцинираат и здравствените работници од ковид-центрите во земјава.
Филипче вели дека државата е отворена кон сите производители на вакцните против Ковид-19, вклучувајќи ја и руската вакцина „Спутник В“.

-повеќе на темата: Вакцинација во С. Македонија: „Чекајќи го кодот“

Премиерот Зоран Заев најави дека до крајот на наредната недела  се очекува да стигнат договорените 200.000 дози од кинеските вакцини. Според него, застој во вакцинирањето нема да има. 
„Кинеската вакцина е во постапка на договарање. Ветувањето е дека ќе стигне до крајот на февруари, но секој ден порано за нас е важен. Додека се имплементираат 4680 вакцини од Србија, а верувам дека ќе се реализираат и останатите до 8000 согласно трипартитниот договор меѓу нас, Република Србија и ’Фајзер’, ќе стигнат и кинеските вакцини за процесот континуирано да тече. Ги очекуваме од крајот на оваа седмица до крајот на следната седмица кое е и крајот на месецот“, вели Заев.