1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцината како тест за интелигенција

29 декември 2021

Вакцинацијата ги исфрли на површина сите потиснати фрустрации, инаети, недостаток од еманципација и езотерични квази-филозофии, зашто тие сега се прекршија со тема која не’допира сите. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/44wVk
Corona-Krise könnte Impfbereitschaft fördern
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Живееме во време кога односот спрема пандемијата стана тест за еманципација.  Старите поделби не важат: се чини како помалку да е важно кој е сега конзервативен или либерал, демократ или републиканец, Македонец или Албанец, ВМРО ДПМНЕ или СДСМ.  Односот кон вакцините, и воопшто, кон пандемијата, како да станува нова доминантна оска на дефиниција, се наметнува како исконски критериум помеѓу напредното и ретроградното, помеѓу еманципацијата и атавизмот, помеѓу паметните и оние кои тоа не се, едноставно, стана врвен цивилизациски критериум.

Други колумни од авторот: До идилата и по неа

Да се разбереме: секое општество има свои будали, на Балканот малку повеќе од просекот.  Но, вакцинацијата ги исфрли на површина сите потиснати фрустрации, инаети, недостаток од еманципација и езотерични квази-филозофии, зашто тие сега се прекршија со тема која не'допира сите, веднаш и без пардон.  Така, патопсихологиите кои можеби би вирееле на маргините на општеството, сега одеднаш се под силното светло на мејнстрим општествениот дискурс, зашто таквото однесување се рефлектира директно во секојдневното однесување, во без малку сите активности, општествени норми и принципи.  Со тоа, кога овие кулоарски изместени вредносни системи се соочуваат со волку етаблирана тема, потиснатите фрустрации и патологија, скоро секогаш, уредно блеснуваат во целиот свој сјај.

Суеверие и депласиран снобизам

Тука најнапред се издвојуваат оние кои одбиваат да почитуваат мерки или да се вакцинираат.  Во најголем дел, тоа одбивање се сведува на простотилак, но појавно, во јавноста и во сопствената рационализација, тие комплекси се одвојуваат како две одделни манифестации на етаблираната медицинско-општествена патологија: првата во вид на суеверие, втората во вид на депласиран снобизам.  Кај првата категорија, интерниот психолошки механизам за одбивање на мерки и вакцинација се процесира како фатализам.  За нив, дали ќе се заразиш, ќе се разболиш и колку тешка форма ќе добие болеста, конечно е прашање на судбина, на карма, или на религија.  Оттаму, тие не гледаат причина за посериозна сопствена акција, бидејќи интимно сметаат дека коцката е веќе фрлена, и што и да прават, таа ќе се стркала како што ќе се стркала.  Затоа, тие се пасивни, не преземаат никакво дејство, зашто се уверени дека нивното дејство не би го сменило крајниот исход.  Нив „Господ ги чува“, па нема потреба да му помагаат со вакцина.  Овој пристап, иако погрешен, е во основа автентичен и искрен. 

Petar Arsovski
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Втората категорија е подијаболична, зашто е во основа неискрена, инверзна патопсихологија.  Тоа е категоријата која својот простотилак кон вакцините го маскира со еден вид езотеричен антиестаблишмент снобизам. За нив, вакцината е лага, оние кои се вакцинираат се во заблуда од  „длабоката држава“;  а тие се над тоа, и не го „купуваат“ мејнстрим наративот.  За нив СЗО манипулира, тие не се задоволни од доказите,  сето е заговор, а вакцинираните се „стадо“.  Лесно се препознаваат: тоа се оние кои, кога некој во продавница, училиште или ресторан ќе ги замоли да стават маска, не се извинуваат и ја ставаат маската, туку се бунат, се убедуваат за нивните „права“, се расправаат самобендисано за вакцините, или уште држат јавни лекции кон „заблудените“.   Оваа патологија е пострашна,  зашто во неа се прекршени два проблеми: првиот е секако недостатокот на еманципација, но вториот, оној во кој нецелосно интегрираните личности се истакнуваат, е одбранбениот механизам против самоспознанието за простотилакот.  Во таа, во основа патолошка рационализација, ваквите личности околу сопствената несигурност изградиле фасада на правичност и лажно знаење, како механизам кој ги спасува од тоа да се соочат со самите себеси.  Ваквите личности, соочени со вистински аргументи, во превод соочени со сопствените недостатоци, стануваат агресивни, нападни, и дрски, се' во обид да се спасат од погледот во огледало.

Изместена аргументација

Во основа, аргументацијата за вакцинирање или почитување мерки е изместена.  Тоа не е дебата за човекови права.  Тој однос не е примарно однос кон самиот себеси, туку кон другите. Мерките за заштита се само делумно наменети за заштита на оној кој ги применува, напротив, поголемиот дел од овие постапки се наменети за  заштита на другите околу нас,  на општеството и на јавното здравје, што е впрочем и уставна обврска на секој граѓанин.  Оттаму, дебатата не е дали некоја индивидуа има право  да одбере да се вакцинира или не,  туку, откако одбрала, како со таа одлука треба да живее во општеството.  Имајте предвид дека најголем дел од оние кои одбиваат да се вакцинираат, потоа сакаат слободно да се движат и да влегуваат во диска, училишта и продавници.  Значи, тие во основа не се борат за правото на сопствен избор, туку се борат за  правото да ги заразуваат другите.   Ниту еден од антиваксерите не вели: „не се вакцинирам и одам да медитирам на Кодра Фура“, не, тие не се вакцинираат и бараат да влезат во просторија со други луѓе.  Тоа е исто како да кажеш: „јас можеби имам ХИВ, ама ќе ве убедувам дека со мене треба да имате незаштитен секс“.  Со други зборови, не е прашањето дали имате право да поседувате пушка, можеби имате, ама секако не смеете со таа пушка да влезете во продавница и да почнете да пукате. Првото е дебата за човекови права, но второто секако не е.

Вакцината и популизмот

Во прилог на ова, интересна е последната студија за корелацијата помеѓу одбивањето вакцини и популизмот и недовербата кон институциите, првично објавена во Европскиот журнал за јавно здравје уште во 2019.  Во основа, студијата посочува дека верувањето во популистички наративи, политичкиот атавизам и одбивањето вакцинација се во тесна врска: што поголем број граѓани се изјаснуваат дека веруваат во теории на заговор, во кемтрејлс, во рамна земја, и други бајки, толку поголем е степенот на одбивање на вакцините и мерките за заштита.  Така, вакцината, од лек, всушност се претвори во тест за интелигенција. 

Други колумни од авторот: Кога се тркаат змијата и магарето

Токму затоа, тешко е дека оваа состојба ќе се надмине само со кампањи и јавни повици: за оние кои веруваат во вакцините кампањите не се потребни, зашто тие се секако вакцинирани, а за оние кои не веруваат, кампањите се бесполезни, зашто нивната психологија е устроена така да ги одбива тие аргументи.

Оттаму, работата се движи кон задолжителна вакцинација ако сакаме излез од ситуацијата.  За попаметните побрзо, за оние кои тоа не се, подоцна.