Вакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна
9 ноември 2020Вакцината, заеднички развиена од германската компанија БиоНТек и американската фирма Фајзер е докажано дека е 90% ефикасна во спречување на инфекции со Ковид-19, според испитувањата во третата фаза.
Ова е прва информација за успешноста на испитување кое што е дел од голема лепеза на тестирања во тек за пронаоѓање на вакцина за коронавирус. Според извештаите, двете компании не наишле на сериозна загриженост за безбедноста поврзана со вакцината. Истражувачите веруваат дека ефектите на имунизација нема да траат кратко. Доколку тоа се докаже, оваа вакцина ќе биде чекор напред во борбата против пандемијата на коронавирусот.
Ефектите можат да траат најмалку една година
Извршниот директор на БиоНТек, Угур Сахин, за Ројтерс изјави дека „треба да бидеме пооптимистични дека ефектот на имунизација може да трае најмалку една година“.
„Првиот сет на резултати од фазата 3 од нашето испитување ги дава првичните докази за можноста на нашата вакцина да спречи Ковид-19", рече претседателот на Фајзер и извршен директор Алберт Бурла.
Анализата на експерименталните испитувања на вакцините ефективно спречи инфекција кај учесниците „без претходни докази за инфекција со САРС-КоВ-2", се вели во заедничката изјава.
-повеќе на темата: Цената на корона-вакцината: од 5 до 15 евра
Фајзер предупреди дека иницијалната стапка на заштита може да се промени со текот на времето и јасно стави до знаење дека вакцината најверојатно нема да биде достапна пред крајот на годината. И покрај тоа, постариот потпретседател на клиничкиот развој на Фајзер, др. Бил Грубер за Асошиејтед Прес изјави: „Ние сме многу охрабрени“.
Бајден и Трамп ги поздравуваат новостите за вакцините
Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден ги поздрави ветувачките резултати од испитувањата за вакцините, но предупреди дека до широката вакцинација има уште неколку месеци. Тој исто така ја повика американската јавност да продолжи да носи маски и да одржува физичка дистанца.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на Твитер исто така коментираше дека станува збор „многу добри вести“ – алудирајќи и на позитивните вести за вакцината, но и за движењето на берзата.
-повеќе на темата: Коронавирус: Седум различни типови симптоми
Европските берзи реагираа позитивно на вестите со уделот на „Фајзер“ за 6%, додека акциите на „БиоНТек“ во САД растат за 18%.
ЕУ чека повеќе податоци пред одобрување
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека Европската Унија ќе почека да ја одобри вакцината додека не се соберат безбедносните податоци во доцната фаза за да се обезбеди најшироко можно прифаќање на вакцината. „Најважно е дека од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека ќе чекаме клинички испитувања во Фаза 3 пред одобрување“, рече тој.
Шпан го поздрави ветувачкиот напредок за вакцина против коронавирус, но додаде дека германската Влада не сака да даде никакви избрзани ветувања и да донесе нешто премногу брзо на пазарот. Според него, вакцина против коронавирус би можело да има во првите три месеци од 2021 година.
Научната заедница реагира со оптимизам
Вилијам Шафнер, експерт за инфективни болести од Медицинскиот центар на универзитетот Вандербилт во Нешвил, САД, ги коментираше објавените податоци, велејќи: „Податоците за ефикасноста се навистина импресивни. Ова е подобро отколку што очекуваа повеќето од нас. Би бил воодушевен од ефикасноста од 70% или 75%. 90% се многу импресивни за секоја вакцина. Студијата сè уште не е завршена, но сепак податоците изгледаат многу солидни “.
Бернд Салцбергер, раководител на Инфектиологија на Универзитетската болница Регенсбург во Германија, рече: „Иако досега се анализирани само 94 случаи - ова е многу добар резултат. Нема сериозни несакани ефекти. Севкупно многу позитивен резултат, што веројатно ќе доведе до рано одобрување“.
Мерилин Адо, раководител на тропска медицина на Универзитетскиот медицински центар Епендорф во Хамбург, Германија беше повнимателна, велејќи: „Основните податоци сè уште не се достапни, а публикацијата со рецензии е сè уште во очекување. Сè уште треба да ги чекаме точните податоци пред да можеме да направиме конечна проценка".
Вакцината е веќе во производство
Над 43.500 луѓе учествуваа во тестирањето кое трае од крајот на јули. Двете компании соопштија дека наредната недела ќе аплицираат за авторизација со американската Администрација за храна и лекови .
БиоНТек и Фајзер веќе имаат договор од 1,95 милијарди американски долари (1,64 милијарди евра) за испорака на 100 милиони дози на вакцини во САД. Тие исто така имаат договори со ЕУ, Велика Британија, Канада и Јапонија. Тие очекуваат глобално да произведат до 50 милиони дози до крајот на 2020 година.
„Се очекува да бидат произведени до 1,3 милијарди дози во 2021 година“, соопшти Фајзер.