1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-вакцини за деца - прашања и одговори

Александер Фројнд
24 мај 2021

По одобрувањето во САД и во Канада, од јуни се очекува и во Германија децата и младите од 12 до 15 години да можат да се вакцинираат со Бионтек/Фајзер. Но, дали оваа возрасна група воопшто треба да се вакцинира?

https://p.dw.com/p/3tqsR
USA Impfung Jugenliche
Фотографија: Jeff Kowalsky/AFP/Getty Images

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести - ЦДЦ, околу 600.000 деца на возраст помеѓу 12 и 15 години биле вакцинирани против Ковид-19 за помалку од една недела по издаденото одобрување од страна на американската Федерална агенција за лекови - ФДА за вакцината Бионтек/Фајзер за деца. И Канада, која стана прва земја во светот што ја одобри споменатата вакцина на 5 мај, планира сите во оваа возрасна група да бидат вакцинирани со една доза или целосно до почетокот на училишната година наесен .

Во ЕУ, според шефицата на Европската агенција за лекови-ЕМА, Емер Кук, може да се очекува соодветно одобрување на оваа вакцина од страна на ЕМА на крајот на мај. Германската канцеларка Ангела Меркел и 16-те премиери на германските покраини на 27 мај, ќе го разјаснат прашањето како и каде треба да се вакцинираат децата во Германија.

Зарем не е доволно да се вакцинираат возрасните за да се заштитат децата преку колективен имунитет?

Претпоставката дека децата можат да бидат заштитени од Ковид-19 со вакцинирање само на возрасните е погрешна. Статистички гледано, процентот на деца и млади во светската популација е превисок за да се постигне колективен имунитет само преку имунизација на возрасните

Пред една година Светската здравствена организација (СЗО) сметаше дека за колективен имунитет е неопходна стапка на вакцинација од 60 до 70%. Во меѓувреме, многу експерти, вклучувајќи го и водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи, сметаат дека оваа бројка треба да изнесува 85% и дури изразија сомнежи за остварливоста на оваа цел со оглед на новите варијанти на коронавирусот. Во Германија, шефот на институтот „Роберт Кох', Лотар Вилер, претпоставува дека  за справување со пандемијата значително „над 80%“ од населението мора да се имунизира преку вакцинација или прележување на болеста.

Повеќе:

-Фотографија на денот: Во САД одобрена вакцината Бионтек/Фајзер за деца од 12 до 15 години

-Колку родители би си ги вакцинирале децата против Ковид?

-Бионтек и Фајзер бараат дозвола за вакцинирање деца постари од 12 години

Според проценките на Одделот за економски и социјални работи на Обединетите нации - ОН ДЕСА, процентот на деца и млади на возраст до 17 години во светската популација е околу 30,2%, што одговара на околу 2,35 милијарди луѓе. Во средината на мај 2021 година, процентот на луѓе ширум светот кои примиле барем една доза од ковид-вакцината беше под 10%.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Според Германскиот завод за статистика, процентот на луѓе на возраст под 18 години во Германија е значително помал - околу 16,4% од населението. Значи, може да се претпостави дека во случајот на Германија, вакцинацијата на сите возрасни би била доволна за колективен имунитет. Досега во земјата барем една доза од вакцината примиле околу 40% од населението.

Германското професионално здружение на педијатри (БВКЈ) се изјасни за вакцинирање за дванаесет до 16-годишна возраст - за да се постигне неопходниот колективен имунитет. Предуслов е вакцината на Бионтек/ Фајзер да биде одобрена од ЕМА и да постои препорака од германската Постојана комисија за вакцинација - СТИКО. Портпаролот на БВКЈ, Аксел Гершлауер укажува дека иако процентот на возрасни луѓе во земјата е голем, значителен дел од нив нема да сакаат да се вакцинираат и затоа е од исклучителна важност да се вакцинираат и децата за да се постигне стапка на вакцинирани и граѓани кои ја прележале болеста поголема од 80 %.

Слични грижи има и во други земји, потврдува за ДВ и д-р Карина Топ, канадски истражувач на вакцини и предавач за детски заразни болести на Универзитетот Далхози. „Постигнувањето на колективен имунитет зависи од вакцинирањето доволно возрасни лица. И јас знам дека многу земји се загрижени затоа што многу возрасни не сакаат да се вакцинираат. На пример, гледаме како американската кампања за имунизација забавува бидејќи привршува вакцинирањето на луѓето кои апсолутно сакале да бидат вакцинирани. Сега стигнуваме до групата која малку потешко може да се убеди. Затоа, вакцинирањето деца и млади е важно“.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Дали децата и младите не се во опасност, бидејќи кај нив е помала веројатноста за тешо заболување, а стапката на смртност е помала?

Да се ​​каже паушално дека децата и младите не страдаат од тежок облик на Ковид-19 е погрешно. Сепак, точно е дека поголемиот дел од децата имаат асимптоматски или благ тек на болеста.

На пример, една италијанска студија од 2020 година заклучи дека тинејџерите под 18 години имаат помал ризик да се разболат сериозно. 4,3% од 3.836 болни деца и млади имале тежок облик на болеста, а починале четири лица. Според Американската академија за педијатрија, 3,85 милиони деца во САД биле позитивни на Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Од нив, околу 0,1-1,9% морале да се лекуваат во болница. Вкупно, околу 0,3% од заразените деца починале.

И според германското министерство за образование и наука, децата се заразуваат еднакво често како и возрасните, но генерално се разболуваат поретко од возрасните. „Оваа разлика во зависност од возраста е позната и од други заразни болести и се припишува на фактот дека имунолошките клетки на децата и младите реагираат поинаку на патогени од оние на  возрасните“, пишува министерството на својата веб-страница.

Според актуелните податоци на Германското друштво за детски инфективни болести, 1522 деца и млади заразени со САРС-КоВ-2  завршиле во болница во Германија или Австрија од избувнувањето на пандемијата. 74 (околу 5%) од нив биле третирани на одделот за интензивна нега. Во околу 29% од случаите, децата биле на возраст од шест до 16 години. Меѓутоа, најголем процент на пријавени случаи има кај бебиња до една година - 46,7%.

Истовремено Аксел Гершлауер од БВКЈ посочува дека 11 проценти од сите девојчиња и 16% од момчињата на возраст до 17 години во Германија страдаат од хронично заболување, и кај нив постои зголемен ризик за тежок облик на Ковид-19. „На овие деца едноставно мора итно да им понудиме вакцинација. Тука станува збор за индивидуална заштита, а не за колективна заштита“, вели Гершлауер.

Може ли кај децата да се користи истата ковид-вакцина како кај возрасните?

Бројот на студиите за ефектите на вакцините против коронавирусот кај децата и младите во моментов е многу мал - вакцините обично се тестираат прво кај возрасни. Одобрувањето на вакцината на Бионтек/Фајзер за деца на возраст од 12 до 15 години во Канада и во САД се заснова на студија со 2.260 учесници на таа возраст. Вакцината ја примиле 1.131 учесник. Според Бионтек/Фајзер, вакцината е 100% ефикасна кај оваа возрасна група, односно поефикасна отколку кај која било друга група тестирана досега.

Канадската истражувачка на вакцини, Карина Топ, смета дека релативно малиот број на учесници во студијата не претставува проблем, бидејќи има доволно искуство и податоци за ефикасноста и безбедноста на оваа вакцина кај вакцинираните на возраст од 16 до 25 години. „Но, и покрај тоа, мора да продолжиме да ја следиме безбедноста на вакцините откако тие ќе бидат одобрени за јавна употреба, бидејќи дури и кај студија со 30.000 луѓе не можат да се утврдат ретките несакани ефекти кои што се јавуваат на сто илјади или пак еден милион вакцинирари“, предупредува научничката.

Што се однесува до вакцината против Ковид-19 за деца под 12 години, и германскиот педијатар Аксел Гершлауер и канадската истражувачка Карина Топ се согласуваат: вакцината за возрасни не може еден на еден да се користи кај децата.

Руска вакцина против Ковид-19 за животни

Само по себе, не е невообичаено ист вид вакцина да се користи кај деца и кај возрасни, објаснува Карина Топ. Понекогаш, како на пример кај вакцината против тетанус, формулата за бебиња е различна од онаа за деца и тинејџери. Кај други вакцини, пак, се користат различен број на дози за различни возрасни групи. „На пример, со вакцината против ХПВ, на лица на возраст под 14 години, барем во Канада, можеме да им дадеме само две дози. Но, на 15-годишници и постарите им е потребна трета доза бидејќи имунолошкиот одговор не е толку силен".

Имунолошкиот систем кај помалите деца реагира на вакцините поинаку отколку кај младите и возрасните, велат експертите. Затоа е потребно детално истражување за безбедно и ефикасно дозирање на соодветната вакцина. Бионтек/Фајзер во моментов спроведува студии со деца на возраст од шест месеци до единаесет години. Производителите на вакцини како Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон веќе ги тестираат своите вакцини за деца - но сè уште не се објавени резултати од студиите.