Антикорупциската стратегија фаќа прав
27 јануари 2021Владата најави отворен фронт во битката против корупцијата, а од друга страна, чудно, но вистинито - Собранието сѐ уште ја нема усвоено Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси. За држава која тврди дека битката со корупцијата е во врвот на приоритетите, ова е податок кој не оди во прилог на декларираните цели.
Носител на процесот на подготовка на Националната стратегија е Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Комисијата започна со изработка на Стратегијата во летото 2019 година. За таа цел, врз основа на претходно спроведена анализа на ризиците од корупција, ДКСК примени широк, инклузивен и транспарентен процес на консултации со учество на претставници од јавниот и приватниот сектор, медиумите, граѓанските здруженија и фондации, експерти и претставници од релевантни меѓународни организации. Нацрт Стратегијата беше ставена на увид и коментари на јавноста.
Повеќе на темата:
ДКСК и Владата различно ги читаат законите
Корупцијата во Северна Македонија како октопод
Во ДКСК нема хартија, а камоли ресурси за проверка на сите судии
Има ли крај на паролите околу корупцијата?
Така беше во 2019 година. Како се изгуби една цела година (2020) и зошто 2021 година ја дочекавме без национална антикорупциска стратегија: сплет на околности (избори, пандемија) или незаинтересираност?
Се чека мислење од Владата
Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси е документ кој го усвојува Собранието, а опфаќа период од пет години. Стратегијата што во 2019 година ја подготви ДКСК се однесуваше на периодот 2020- 2024 година. Иако беше поднесена до Собранието во јануари 2020 година, поради изборите планирани во април, таа не стигна на дневен ред до распуштањето на парламентот. Така се изгуби една година, а тоа на Комисијата и отвори нови обврски: да направи нови консултации, да внесе корекции, да предвиди нови рокови и да ги помести активностите за новиот петгодишен период 2021-2025 година. Стратегијата во почетокот на декември 2020 повторно е доставена до Собранието. Но, не можела да започне расправата на седница на Комисијата за политички систем, бидејќи за Стратегијата сѐ уште не било доставено мислење од Владата.
Ова е изненадувачки податок за членовите на ДКСК, со оглед дека во инклузивниот процес на подготовка на Стратегијата уште во почетокот биле запознати и министрите, кои определиле нивни претставници што ќе ги споделат проблемите со кои најчесто се соочуваат соодветните ресори и ќе сугерираат решенија.
„Ние како ДКСК го водевме процесот на проценката на ризици од корупција, а тие ги посочуваа проблемите и мислења како да се надминат. Беа повикани и државни ревизори за да кажат до какви наоди дошле. Значи беа во тек, не беа надвор од процесот“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Фактот дека Владата не доставила мислење за Стратегијата, не ги обесхрабрува.
„Напротив, уште повеќе нѐ мотивира да не се откажуваме“, вели Ивановска.
Неприфатени една третина од иницијативите
Ова не е прв потег кој може да стане доминантна перцепција за односот на Владата кон антикорупциските политики, односно нејзините носители. ДКСК не доби кат во зградата каде се смести Министерството за политички систем, туку доби пари за реконструкција на просториите каде досега е сместена Комисијата. Ивановска вели дека сместувањето не е толку важно, и без оглед на условите, целата енергија на Комисијата е насочена кон решавањето на проблемите кои генерираат висок ризик од корупција.
Но, податоците илустративно го опишуваат односот на институциите кон иницијативите на ДКСК. Од 44 иницијативи за одговорност, од кои 27 за судир на интереси и 17 за корупција, постапено било само по 15 иницијативи.
„На 16 инцијативи не доставиле одговор, а 13 ни ги отфрлиле“, вели Ивановска.
ЈО отфрлило 4, управни и надзорни одобори отфрлиле 5, градоначалници отфрлиле 3 и Владата отфрлила една инцијатива.
„Една третина од иницијативите не ни се прифатени. Тоа не е добро“, посочува претседателката на ДКСК.