Има ли крај на паролите околу корупцијата?
7 декември 2019Дали македонското општество е со кусо паметење? Дали медиумскиот свет е само неверојатно гладен да гледа како се черечат луѓе уште пред да влезат во судница? Дали на граѓаните им се поднесуваат како жртви само луѓе кои треба да ја задоволат формата на процесиите како од времето на Рим? Дали еден криминал треба да покрие стотици други кои многу осомничени сакаат да ги запретаат во прашината на големата врева? Има уште многу дали во државата која се бори да пронајде дел од своите загубени параметри и да зачува некои нови што се појавија во последниве години.
Процесот за случајот „Рекет“ е извонреден пример за импулсивната реакција и на општеството и на судскиот систем. Приказната е навистина фантастична, па дури и хичкоковска. Јасно е дека специјалната обвинителка Катица Јанева потклекна онаму каде што сите мислеа дека е неможно, па дури и неприродно да се потклекне, дека може да влезе во матни води, коишто може само да ја однесат. Изневерените очекувања на граѓаните се најважната работа во овој случај, но исто така важна работа е линчот што беше извршен врз неа уште пред да влезе во судот.
Обвинителката Вилма Русковска вели дека има несоборливи докази за нејзината вина и вината на Бојан Јовановски. Можеби е така, но тие докази допрва треба да се презентираат во судот и тој да ја оцени нивната валидност. Во овој политичко-шпионски-криминален комплот можат многу работи да се случат за време на судењето. Па дури и да има изненадувања кои може да бидат продолжение на хичкоковската фабула. Русковска изгледаше разочарано што само Зоран Милески ја призна вината на првото рочиште (а утредента експресно доби три години затвор). Има логика во нејзината разочараност – така ќе ѝ беше олеснето докажувањето на вината, а сосем сигурно ќе беше избегнато процесот да добие некакви можни драматични заплети од кои би биле инфицирани многу други луѓе. Ќе видиме - можеби обвинението е навистина „под конец“, па разочараноста на Русковска била само привремена, но можеби ќе откриеме и нова светлина во мрачниот политичко-судски свет.
Што по „Рекет“?
Многумина го прогласија овој процес за судење на годината. Од политичари до новинари. Во општеството кое е гладно за крв понекогаш изгледа неверојатно како работите брзо се забораваат. Па, беше 15 март оваа година, 2019, кога 16 души добија големи казни за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Тогаш тоа беше оквалификувано како „судење на деценијата“. Како сега процесот за „Рекет“ стана судење на годината. Но такво е општеството – сака да ги симплифицира работите и свесно да се отвора за политички манипулации. И да ги слуша навредите како ништо да не се случува. Орце Камчев вчера по сведочењето во судот ги нарече Катица Јанева и Бојан Јовановски „накази“. Запрепастувачки речник на човекот што се води како најбогат во Македонија. Вакви квалификации немаме слушнато дури ни во оние далеку подраматични случаи. Но, така е – овде парите треба да се претстават дека произведуваат личности кои се толку многу чисти и морално исправни како да се самовили.
Ќе заврши и „Рекет“. За Вилма Русковска и за обвинителите што се и под неа и над неа ќе биде испорачан клучот за владеењето на правдата во Македонија – гонењето на високата корупција. Нехумано е, а и непринципиелно, целиот товар сега да ѝ се префрла на Антикорупциската комисија, која има желба, но нема ресурси, алатки и реална моќ да го стори тоа. Русковска релативно лесно ја преброди „кризата“ со тресењето на гаќите околу одлуката на апелациските судии за домашниот притвор на Јанева. Но поттекстот остана нечепнат – зошто таа би спроведувала финансиски истраги само за судиите во овој случај, а да не се грижи за исходите во многу други случаи. Зошто обвинителството не само сега, туку со години наназад, се прави како ништо да не гледа и ништо не слуша за енормното збогатување и на политичари и на судии, а можеби и на обвинители.
Оваа недела француските обвинители покренаа формално обвинение против Силви Гулар, поранешна европратеничка и министерка за одбрана на Франција. Таа се сомничи за злоупотреба на јавни фондови. Гулар ѝ стана доволно позната на македонската јавност кога Европскиот парламент ја одби нејзината номинација за моќно место во новата Европска комисија и со тоа го понижи францускиот претседател Емануел Макрон. Гулар се сомничи дека злоупотребила 45.000 евра европски пари со тоа што со нив ги исплаќала нејзините соработници во Европскиот парламент за да вршат политички работи дома, во Франција, а не во Брисел. Оваа афера ја поткопа нејзината номинација за европски комесар. Таа, како и сите политичари кои се обвинети за злоупотреба на јавни пари, тврди дека е невина. Но колнењето во невиноста не ѝ помогна многу. Прелиминарната истрага почна уште во јуни 2017 година и таа мораше да поднесе оставка на местото министер за одбрана само неколку недели откако беше поставена од претседателот Макрон. Во исто време, се водеше и паралелна истрага од ОЛАФ, европската институција за борба против корупцијата. Гулар и тогаш тврдеше дека е невина во случајот, но ги врати 45-те илјади евра на Европскиот парламент кои им беа исплаќани на асистентите за работа што не ја вршеле.
Ситуацијата за шпанскиот премиер Педро Санчез да формира влада по изборите во ноември пред три недели дополнително се комплицира откако судот во Севилја донесе пресуда во висококоруптивниот случај во кој се вклучени високи членови на неговата Социјалистичка партија. Двајца поранешни социјалистички премиери на провинцијата Андалузија беа прогласани за виновни (заедно со уште 17 други лица) дека злоупотребиле значаен дел од фондот за невработеноста вреден 680 милиони евра, со тоа што пренасочувале пари кон приматели кои не ги исполнувале условите. Еден од поранешните премиери беше осуден на шест години затвор.
Педро Санчез стана шпански премиер во јуни 2018 година кога владата на неговиот претходник Маријано Рахој (лидер на Народната партија) падна поради огромниот корупциски скандал во кој беа вмешани високи функционери на неговата партија. Тој „Случај Гуртел“ е фасцинантен пример за политичка корупција. Истрагата за него се водеше десетина години. Во таа корупциска шема познатиот бизнисмен Франциско Кореа ги култивираше врските со високи функционери на Народната партија. Кореа ја финансираше партијата, а за возврат беше наградуван со вносни зделки со локалните и регионалните влади во Валенсија, Мадрид и на многу други места каде што беше на власт Народната партија. Обвинението содржеше наводи за корупција, перење пари и даночна евазија. Според доказите, загубите на јавните фондови биле 120 милиони евра.
Казните за оваа политичка корупција беа драконски, дури и незамисливи за македонската состојба на умот. Судот донесе одлука дека политичари на Народната партија учествувале во „ефикасен систем на институционална корупција преку механизмите за манипулација на јавните тендери на национално, регионално и локално ниво меѓу 1999 и 2005 година“ и осуди 29 политичари и бизнисмени. Главниот благајник на Народната партија, Луис Барсенас, беше осуден на 33 години затвор и глоба од 44 милиони евра. Неговата сопруга доби 15 години затвор. Гилермо Ортега, градоначалник на еден од регионите во Мадрид, доби 38 години затвор. Бизнисменот Кореа, кој беше во срцето на оваа коруптивна шема, беше осуден на – 51 година затвор. Немаше тука правни замки како застарување на делото. Коруптивните зделки никогаш не застаруваат. Потоа на владата на Маријано Рахој ѝ беше изгласана недоверба и Педро Санчез стана премиер. Сега корупцијата во неговата партија може да го спречи да ја формира новата влада.
Други колумни од авторот:
Македонизмот како „хајнекен ефект“
Кој носи подароци на Балканот?
Клучното прашање во вакви злоупотреби на јавни средства е - дали корупцијата не треба да се толерира само кога станува збор за корупција на други луѓе? Владата на премиерот Зоран Заев постојано повторува дека главна нејзина цел е борбата против корупцијата. Но од тоа има само нешто малку повеќе освен празни зборови. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на цел глас прокламира дека негова главна цел е враќање на правната држава и, се разбира, борбата против корупцијата. Како до 1 јуни 2017 година да постоела правна држава, па сега во 2,5-те години владеење на Заев некаде се загубила. И ниту збор за коруптивните случаи што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, освен квалификациите дека се работело за политички реваншизам.
Корупцијата е поинаква форма на тиранијата
Има ли шанси Македонија навистина да почне да се справува со корупцијата? Се разбира дека треба да има, само што тие сега изгледаат многу мали, дури и безначајни. Вилма Русковска и целото обвинителство треба да се сконцентрираат кон оваа лепра што одамна го има заразено целото општество и која се пренесува од генерација на генерација политичари, бизнисмени и судии. Затоа што корупцијата е само поинаква форма на тиранијата. Процесот за „Рекет“ ќе заврши, а главните работи допрва треба да дојдат ако сакаме да ја препознаеме метастазираната корупција.
Неочекувано, за санирање на огромната недоверба во судиите и обвинителите може да ни помогне албанското искуство. Не во ветингот, туку во решението за избор на главен јавен обвинител на државата. Албанскиот парламент го избра Олсијан Чела (44) и направи важен чекор во исполнувањето на критериумите на ЕУ. Чела зборува четири јазици и бил долго обучуван во Европа и САД како да се бори против организираниот криминал. Неговиот избор беше поздравен од европските институции и реално може да ѝ помогне на Македонија да го добие датумот за преговори наскоро, откако Емануел Макрон најави дека по никоја цена нема да се согласи за одвојување на двете држави на нивниот пат кон ЕУ.
Неодамна против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беа подигнати три обвиненија за корупција, од кои едното е за поткупување медиуми преку нивниот сопственик (еден од главните могули во државата) со зделки кои за возврат му овозможувале благонаклоно известување. Медиумите на могулот не само што ја сатанизираа левичарската опозиција, туку ги демонизираа и партиите од десничарскиот камп за да не станат изборни ривали на Ликуд, партијата на Нетанјаху.
Кога овде пред две недели беше објавен податокот дека владата на Никола Груевски во рок од седум години им исплатила 26 милиони евра на три национални телевизии кои беа нејзини пропагандни мегафони, тоа во јавноста беше главно примено како познат факт, само со допрецизирани суми. Тоа се огромни пари за една сиромашна држава како Македонија, со кои директно е уништувана конкуренцијата во медиумскиот свет, а тие телевизии беа впрегнати во партиската машинерија.
Вилма Русковска и нејзините обвинители молчат за ова, иако се работи за класичен и драматичен пример за корупција, најмногу поради тоа што се работи за јавни пари. Дали ваквата злоупотреба на јавните пари не е интересна за обвинителите да ја истражуваат? Дали не знаат како да го направат тоа? Дали сакаат да се занимаваат само со експлозивни случаи, како овој со Катица Јанева?
Русковска и обвинителите треба да одговорат на многу прашања за многу случаи, а не само да испитуваат осомничени и сведоци. Главното прашање не е дали ќе се вратела довербата на граѓаните во судството, туку дали функционира системот. А тој сега сега не оди дури ни на патерици, туку се влече по земјата како Голум.