Ветингот не е процес од денес до утре
19 ноември 2019Ветингот е корисен процес, но тој може да трае неколку години, а нам ни треба кредибилно и независно судството и обвинителство - денес. Ова е ставот на правни експерти со кои разговараше ДВ, откако ветингот (проверка) стана најспоменуваниот збор во контекст на состојбите во правосудството.
Ниската доверба на граѓаните во судството, предметите за политичари кои брзо застаруваат, различните аршини во казнувањето и други аспекти, го зголемија притисокот за проверка на работата на судиите и обвинителите. Министерката за правда, Рената Дескоска, по средбата со еврокомесарката за правда, Вера Јурова, рече дека го отвориле прашањето за ветинг во судството, и дека биле изнесени аргументите како основа за тој процес.
„Сите законски текстови поминуваа низ Венецијанската комисија за создавање независно судство во законска рамка. Имплементацијата лежи во надлежност на Судскиот совет и на судовите. Тежината и одговорноста е на нив. Тие треба да ја вратат довербата во судскиот систем. Станува збор за испитување на имотна состојба и влијанието од лоби и адвокатски групи во носењето и одложувањето на нивните одлуки. Примерите од одредени земји се добредојдени“, изјави министерката.
„Сакаме да видиме секторот правосудство да биде пополнет со професионалци кои ќе уживаат доверба, за кои нема да има сомнежи за нивниот интегиртет, за нивната прифесионалност, па ветингот може да биде еден од инструментите којшто може тоа да го гарантира", рече Јурова, додавајќи дека искуството на Албанија покажува дека тоа не е лесен процес.
Ветинг по изборите
Според најавите, ваквиот процес на проверка би почнал следната година, по изборите. Темата ја актуелизираше и премиерот Заев на граѓанската трибина во минатата сабота.
„Создадовме амбиент соодветен, донесовме закони, секој обвинител и судија да работи независно. Денеска имаме специјални обвинители во затвори, затоа што законот важи еднакво за сите, што беше мисловна именка пред две години. Но слободата не дозволува да застаруваат предметите, ниту да нема одговорност. Баравме целосен реизбор во судството, не дозволи Европа затоа што секој треба поединечно да одговара, а сме немале ресурс од каде да го надоместиме тој дел од правосудството. Еве кажувам - целосен ветинг во прасудството ќе има, и во судството и во обвинителството", најави Заев.
Но, дилемите за кадровските ресурси, исто како за процесот на генерален реизбор, важат и за ветингот. За илустрација, во моментов има 520 судии, а според проценките, на судството му се потребни околу 750. Не е јасно од каде ќе се надомести бројката, ако дел од нив отпаднат во процесот на проверка, при што ќе се создаде и состојба на дополнително развлекување на активните судски предмети. Тој дефицит не може многу брзо да се надополни со кадри кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, имајќи предвид дека во последните две години бројката на оние кои излегле од таму со положен испит изнесува 37. Како друга можност се спомнува стручните соработници со работно искуство над 5 години, за покус период да го поминат филтерот на Академијата и да ги заменат оние што не го поминале ветингот.
Искуството на Албанија
Ветингот е обемен и долготраен процес. Во Албанија започна во јули 2016 година, со темелни законски подготовки и со 17 амандмани на Уставот, кои имаа за цел да обезбедат стручност во правосудниот сектор, да ги унапредат вредностите на независноста и непристрасноста, и да ја зголемат довербата на јавноста. Согласно со законот за проверка, во период од 5 години таму треба да се изврши проверка на околу 800 судии и обвинители, низ процесот заснован на три столбови за проценка: стручност, проверка на имотната состојба (и на нивните блиски роднини за богатство стекнато и во Албанија, и во странство), и независност од организиран криминал, корупција и политички функционери (проверка на минатото). Процесот се уште не е завршен. Од досега проверени 185 судии и обвинители, 76 од нив го поминале ветингот и ја задржале функцијата, 80 се отповикани, 29 судии и обвинители сами се откажале. Процесот на проверка треба да го поминат уште околу 600 судии и обвинители.
Иако во македонската јавност процесот се смета за потребен, во експертски кругови потенцираат дека тој нема да донесе резултати - уште утре.
„За да се спроведе ваква реформа во правосудството, прво нужен е консензус на власта и опозицијата за опсегот, длабочината и времетраењето на процесот. Второ, треба да има одржливи, применливи и мерливи критериуми за вршење на судиската и обвинителската функцијата. Трето, треба да се превенираат сите можни опструкции во текот на проверката, со цел да не се загрозат тековните процеси“, вели правен експерт.
Повеќе:
Ветингот да не се претвори во ветер и магла
Името на промените: едни за метла, други за ветинг
Тој укажува дека во Албанија постоела загриженост дека можно е постапките за реизбор да оставаат простор за политичко вмешување на извршната власт во независните институции надлежни за постапките за проверка. Исто така, мора да се внимава законот да не остави простор и ситуации судии или обвинители да го заобиколат процесот на проверка, но и да спречи можност ситуации кога тие одбиваат да ја пријават својата имотна состојба, но не се повлекуваат од функцијата, како што се случувало во Албанија.
Таму, проценката на имотот се сметаше за главна причина за најголемиот отпор на судиите и обвинителите кон ветингот. Според Законот, на евалуација подлежат сите финансиски обврски кои стојат зад имотот и сите можни приватни интереси што произлегуваат од него. Тоа важи за имотот на лицето кое е предмет на проверка, но и на лица кои се во блиска роднинска врска со него. Сите тие имаа обврска да го пријават имотот и да го оправдаат врз основа на легитимни извори (приходи и даночни пријави) и друга документација потребна за да се оправда точноста на изјавите.
Веднаш по почнувањето на проверката во Албанија, голем број судии, обвинители и судски службеници одбија да го пријават имотот и наследството за проверка. Некои се повлекоа од функција поради наводна промена на кариерата, други, наводно, од здравствени причини.