1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вжештени телефони на релација Скопје-Софија-Берлин

ДТЗ /ДВ
4 ноември 2020

Интензивната комуникација меѓу Скопје и Софија, со посредство на Берлин, продолжи и денеска со серија телефонски разговори. Заев и Меркел заклучиле дека целта е да се започнат преговорите со ЕУ.

https://p.dw.com/p/3ksD9
Deutschland Regierungsdelegation aus Mazedonien bei Kanzlerin Merkel
Фотографија: Government of Republic of Macedonia

Дипломатските напори за надминување на спорните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија и денеска продолжија со серија телефонски разговори во кои е вклучена и Германија, како актуелен претседавач со ЕУ.
Владата предмалку соопшти дека премиерот Заев разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел, но без никакви детали за можен исход на спорот со Бугарија.

„Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ“, соопшти Владата. Вчера Меркел на истата тема разговараше и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, но и од Софија можеше да се дознае само дека „има шанси да се надмине спорот“. 

-повеќе на темата: Борисов очекува компромис со Скопје со помош на Меркел

Претходно денеска, македонскиот претседател Стево Пендаровски телефонски разговараше со бугарскиот колега Румен Радев за позициите на двете држави во однос на условите за започнување преговори на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, двајцата соговорници размениле мислења за „можноста да се постигне одржливо решение за европскиот развој на регионот и, особено, за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“.

Радев разговарал и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер кој вчера телефонираше со Пендаровски. По разговорот, од кабинетот на Радев соопштија дека тој очекува надминување на спорот преку вклучување на целата Декларација на бугарскиот парламент во Поглавјето 35 од преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ, „со јасни критериуми и временски рокови, кои треба да се почитуваат во текот на преговарачкиот процес“.

Бугарија, вели Радев, очекува “јасни законски гаранции“ за заштита на единството на бугарската нација и нејзиното културно и историско наследство
„Ако таква одлука е невозможна, нашата земја ќе работи на постигнување билатерален договор со Република Северна Македонија, со кој билатералните прашања би се решавале во духот на пријателството и добрососедските односи“, порачал Радев.