1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ и преку локален ќе тргне во глобален фронт?!

6 февруари 2017

ВМРО-Народна партија денеска ќе побара објаснување од нивниот советник кој овозможи Струмица да падне под власта на ВМРО-ДПМНЕ. Дали е тоа само вовед во нечисти игри и нови прегрупирања зад сцената?

https://p.dw.com/p/2X1vw
Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Преземање на власта во општинските совети каде опозицијата има тесно мнозинство, инсистирање на нови парламентарни избори во кус рок, спречување на можноста СДСМ да формира влада, мобилизација на граѓаните во таа насока, подготовка на уставни решенија со кои ќе се зголемат овластувањата на претседателот и одредби за трајна забрана за менување на уставното име и на унитарниот карактер на државата. Ова, според извори во ВМРО-ДПМНЕ, е дел од поголем „пакет“ на кој е посветена партијата, со цел преку „семакедонска платформа“ и нови избори да се врати во игра откако не успеа да формира влада.

Првиот резултат ВМРО-ДПМНЕ го прокнижи вчера, објавувајќи дека Струмица паднала во нивна власт. Додека Социјалдемократскиот Сојуз е посветен на собирање 61 потпис за да добие мандат за формирање влада, го загуби мнозинството во Советот на општината, која во три  мандати беше најсилното упориште на лидерот Зоран Заев. Советникот Мето Витанов од ВМРО-Народна партија премина во коалиција со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која сега бара итно да се свика седница на која ќе се верификува новото советничко мнозинство, ќе се избере нов претседател на Советот и ќе се бара избор на нов градоначалник на Струмица. СДСМ вчера го повика Витанов „да ја преиспита одлуката и да ја тргне дамката која сам си ја ставил, бидејќи следува голем пад на ВМРО-ДПМНЕ на државно и локално ниво“.

„Тврдењата дека неморалниот чин на еден поединец претставува волја на граѓаните на Струмица, во најмала рака е манипулација. Волјата на граѓаните е поголема од постапката на само еден граѓанин кој беше дел од победничката коалиција на СДСМ“, рече Марјан Даскаловски, претседател на Општинската организација на СДСМ од Струмица.

Strumica Mazedonien Strassenszene
СтрумицаФотографија: Petr Stojanovski

Притисок или пријателско потсетување?

Одговор од Витанов денеска ќе побара и раководството на ВМРО-НП.

„На разговор во Скопје ги повикавме претседателот на Општинскиот комитет на партијата и советникот Витанов за да ги разјасниме работите“, велат од ВМРО-НП.

Тврдат дека постапката ги изненадила, бидејќи се случила во недела, кога немало ниту седница на Советот, ниту некаков конкретен повод, па сето тоа останало надвор од контрола на централата. Но, признаваат и дека нивните советници не „не се под некаква голема контрола на централата и на некој начин функционираат независно“. Не знаат дали постапката е поттикната од ВМРО-ДПМНЕ или можеби тлеело незадоволство од соработката со коалицискиот партнер на локално ниво.

„Секој советник сака да направи нешто за членството. Ако можеби не наишол на разбирање, ако служел само како бројка во мнозинството, не треба да се исклучат вакви постапки. А такви тесни мнозинства каде советниците на ВМРО-НП имаат одлучувачка улога, има и во Куманово, Богданци, Берово, мислам и во Македонска Каменица“, посочува функционер од партијата.   

Од таму немаат јасен одговор, дали ова потсетување на „тесните грла“ може да се протолкува и како директен притисок врз СДСМ во однос на составот на нова влада, односно да резултира со менување на опозицискиот курс на ВМРО-НП и нејзино влегување во аранжман со ВМРО-ДПМНЕ.

„Во моментов не можаме да кажеме дали ова е отидено подлабоко. Факт е дека на изборите настапивме во посебна коалиција на партии од центарот и десницата. Факт е дека од СДСМ сметаа дека е подобро да не сме во нивниот фронт. Но, факт е и дека СДСМ во тие 612.000 гласови дадени за промени, ги смета и оние 25.000 гласови што ги освои нашата коалиција, а од друга страна, немаме некој конкретен договор за соработка“, велат од партијата и нагласуваат дека со нивните гласови - кој и да ги имал, ќе имал посилна победа. 

„Овие факти само по себе сугерираат дека може да бидеме клучна фигура и на локално, но и на централно ниво ако има нови избори“, потенцираат од ВМРО-НП.

Mazedonien Wahlen - Wahlkampf der größten Oppositionspartei  SDSM (Sozialdemokratische Partei)
Фотографија: P. Stojanovski

Битка за мнозинство

Ваквите пресврти во клучен политички период отвораат сомнежи дека зад сцената може да земе замав реализацијата на најнечистите сценарија за ново прегруприрање - купување пратеници и советници од опонентскиот блок, односно нивно „предомислување“ преку разни видови притисоци - инспекции и истраги. Од СДСМ велат дека таквите обиди нема да успеат да ја сменат волјата на граѓаните за промени, и дека партијата е целосно посветена на изнаоѓање брзо и ефикасно решение за формирање на новата Влада.

„Процесот е во тек, работиме на нивно обезбедување и веднаш на формирање на новата влада и јавноста ќе биде веднаш информирана кога ќе има некои нови моменти во однос на ова прашање“, изјави потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски. Но, засега различни се видувањата како тоа да се реализира. Од СДСМ сметаат дека потписите се важни за да се добие мандатот за состав на влада и да продолжат разговорите, а од ДУИ сметаат дека потписите ќе дојдат ако се постигне договор за сите точки што ќе бидат предмет на разговори, односно дека не е важно прво да се добие мандатот, туку да се обезбеди мнозинството.