1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ самa на избори?

Катерина Блажевска6 мај 2016

Покрај СДСМ, и ДУИ и ДПА не доставиле предлози за членови во Избирачките одбори, со што е навестен првиот чекор кон неучеството на избори на 5-ти јуни.

https://p.dw.com/p/1IixI
Фотографија: MIA

Ноќеска на полноќ истече рокот во кој партиите до Општинските изборни комисии (ОИК) требаше да достават предлози за членови во Избирачките одбори. Од 81 ОИК, 10 веќе ја информирале ДИК дека до нив не стигнале предлози ниту од ДПА, ниту од ДУИ. Иако од 71 ОИК претпладнево се чекаат информации, се претпоставува дека трендот ќе биде ист. Од партиската четворка, само ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден доставила предлози. До истекот на крајниот рок не стигнале предлози од опозицискиот СДСМ, што беше и очекувано, со оглед дека партијата уште пред еден месец соопшти оти нема да учествува на избори за кои не се обезбедени услови кои ќе гарантираат нивна кредибилност.

ДПА до денес официјално не се изјасни околу (не)учеството на избори, но со повеќе постапки ја навести таквата одлука. Новина е што владејачката ДУИ не доставила предлози за Избирачките одбори, ако се има предвид дека оваа партија заедно со ВМРО-ДПМНЕ веќе делегираше членови за Избирачките одбори во дипломатско - конзуларните претставништва, за што крајниот рок беше 27-ми април.

Ако некои партии не достават листи за Избирачки одбори, тогаш членовите се пополнуваат од редовите на администрацијата. Но, таа постапка сега паѓа во втор план, откако три од четирите најголеми партии-потписнички на Договорот од Пржино, со овој потег навестија дека нема да учествуваат на избори на 5 -ти јуни. Со тоа, и крајниот рок за доставување листи на пратеници (11-ти мај) практично станува беззначаен и ќе фигурира единствено во роковникот на ДИК, но не и во плановите на СДСМ, ДПА и ДУИ.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

На ред - седница на Собранието

Холандија како земја претседавач со ЕУ, вчера упати писмо до партиските лидери- потписници на Договорот од Пржино, потишано од шефот на холандската дипломатија, Берт Кундерс, во кое се вели дека во Македонија не се исполнети условите за избори: „Минимумот критериуми за кредибилни избори не е исполнет, а тоа се прочистениот избирачки список, медиумските реформи и одвојувањето на партијата од државата“. Исто така, во писмото е потенцирано е дека на СЈО треба да му се овозможи докрај да ги изврши своите обврски, без попречувања, но и веднаш да се повлече претседателската одлука за аболиција.

Поради бројните опструкции врз СЈО, на билатералните преговарачки средби во изминативе денови се реафирмирала потребата од формирање посебно судско одделение кое ќе постапува по неговите предмети. Таа тема се очекува да биде ставена на дневен ред, откако ќе се направат главните чекори кои треба да овозможат враќање на дијалогот и заедничка средба на лидерската четворка. Тоа значи дека во наредните денови треба да се закаже седница на Собранието, на која ќе се изгласа поништување на одлуката за избори на 5-ти јуни, а на која дел од партиите очекуваат да биде поништена и претседателската одлука за аболиција. Иако тоа од Иванов го побара и ВМРО-ДПМНЕ со официјално писмо, според преговарачки извори, оваа партија неукинувањето на аболицијата го третира како врвен услов за какви било други отстапки, односно, бара и други начини и гаранции како нејзини членови и функционери да бидат амнестирани од кривична одговорност. За ваквото барање ДПМНЕ наводно имала затсценска поддршка од ДУИ, со што двете партии рефлектираат двојни стандарди по прашањето за владеењето на правото.

Замаскиран очај во ДПМНЕ

Извори во ВМРО-ДПМНЕ, кои не се засегнати со постапките на СЈО, велат дека и покрај обидите на раководството се да изгледа нормално, дека имиџот и рејтингот на партијата не се загрозени, дека не треба да се потклекува и да се покажува малодушност, реалната слика е сосема поинаква.

„Членството е во очај. Но, тоа јавно не смеат да го покажат. На средби со лица од Извршниот комитет или од Владата, го говорат тоа што функционерите сакаат да го слушнат, затоа што им е речено е дека сега треба да се форсира победнички дух, непопустливост, да не се покажува ни трошка слабост, и дека партијата гледа кој како се однесува во овие тешки моменти. И сега сите глумат. Но, реално, состојбата е очајна. Огромен дел се разочарани од начинот на кој врвот се богател во име на народот и од неговите пари. Ретко кој е подготвен понатаму да ја брани политиката на оваа партија, освен оние кои мора да се штитат заедно, заради криминалот. Луѓето се кријат на разни можни начини за да избегнат да одат по налог на контрапротести или на јалови партиски средби. Го нема оној страв од лидерот и од најтесниот круг околу него, како претходно. Таа приказна умре. Расте презирот“, велат партиски извори.

Mazedonien Wahlen 27.04.2014
Фотографија: Reuters

Според нив, ситуацијата не е поразлична и во „централата“, каде засега доминира стравот дека некој може да го напушти „кругот“. Во игра биле дискретни, но темелни контроли на лојалноста и однесувањето на членови на највисоките партиски тела и на пратениците. Се надгледувал степенот на изразен личен ангажман, нивната загриженост за состојбите, степенот на отпор кон притисоци, фреквенцијата на телефонски јавувања во партијата или кај шефот, нивното движење и контакти. Но, и покрај тоа што централата сметала дека ја контролира состојбата, имало индиции дека дел од надгледуваните „го преиспитале својот став и не биле подготвени и натаму да бранат нешто што не може да се брани, а тоа планирале да го соопштат таму каде што треба, пред оние од кого се избрани.“