Внимание, ова не е Студената војна!
18 февруари 2022Повеќе од 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, распадот на Југославија, крахот на СССР, граѓаните на Европа, дури и ние од нејзината мизерна периферија, сме оставени со детскиот избор дали сме за Русите или за Американците.
Каде исчезна притоа самата идеја за некој вид на чесна неутралност во оваа поделба? Ние бевме децата на „неврзаните", нашите родители растеа со идејата и во духот на потрага по мировни алтернативи. Наместо тоа денес повторно сме вшмукани во идеолошкиот и геополитички радикализам на бинарниот блоковски систем САД-СССР.
Поентата е дека светот кој денес повеќе не подложи на логиките од Студената војна, и понатаму е формиран и пласиран од луѓе кои токму таквиот систем ги моделирал. Зарем не е веќе малку досаден овој застарен начин на размислување?! Зарем не е тажно да сфатиме дека живееме во свет кој не ни размислува за алтернативи?
Погледнето ја само шаховската игра помеѓу САД и Русија околу Украина во моментов. Погледнете ги потезите и сличностите со логиките од Студената војна и ќе видите колку ретроградно се размислува во едно сосема поинакво време.
Воени сценарија
Прв пример е дека Путиновото тропање по воените тапани веднаш го подигна катастрофалниот рејтинг на Џо Бајден. Бајден веќе зазеде позиција на „војник од Студената војна“, каде секој ден го појачува звукот од тапаните на Путин, до степен што хистеријата почна да им смета и на Украинците, кои знаат дека во случај на напад, сами ќе мора да војуваат. Потоа погледнете како Европа која повеќе од деценија се обидува да изгради своја независна надворешна политика, своја автономна позиција и своја сопствена војска, веднаш ја прифати тврдата линија на Вашингтон и застана зад американскиот лидершип. Потоа видете како НАТО Алијанската, на која Макрон пред некоја година и предвиде „мозочна смрт“, одеднаш се реанимираше и ревитализираше под руските закани и уцени.
Повеќе од Ивор Мицковски: Шатл-дипломатијата на Макрон
Кризата во Украина неизбежно ни наметнува воени сценарија од Студената војна. Една од посилните аналогии е онаа со Кубанската криза од 1962 година. Во тоа време Хрушчов беше убеден дека има надмоќ над младиот Џон Кенеди. Но, наместо тоа, браќата Џон и Боб ја скршија Москва и го примораа Хрушчов да се повлече правдајќи се дека ракетите кои сакал да ги инсталира во Куба, служеле да се спречи САД во соборувањето на кубанската влада.
Тактичката победа на Кенеди лежеше во антиципирање на секој советски потег, објавувајќи ги сите извештаи на тајните служби. Њујорк Тајмс добро ја нотира аналогијата со актуелната криза во Украина, каде сме сведоци на „најгресивно објавување на разузнавачки информации од Кубанската ракетна криза“. Белата Куќа јавно ги објави сите движења на руските трупи, нивните планови за креирање лажен повод за напад, проектите за инсталирање на про-руска влада, предвидувања за билансот на загинати во случај на војна, па дури и информации за наводни сомнежи кај руските воени старешини околу стратегијата на Путин. САД одговори на психолошката војна на Москва со истата стратегија употребена во Студената војна.
Слична е и аналогијата со случајот на Полска во 1980 година, кога Солидарност на Лех Валенса, ја загрози полската влада и го примора Брежњев да ја опколи земјата како што тоа денес го прави Путин со Киев. 400 илјади војска на источната граница на Полска, неколку дивизии од Источна Германија и од Чехословачка на запад. И во тој случај САД се заканија со сериозни економски санкции за Москва, и тогаш и покрај двоумењата на францускиот претседател Жискар Дестен и на германскиот канцелар Хелмут Шмит, Вашингтон не попушти се додека Москва не се откажа поради страв од воените ризици и економските санкции.
Западна вредносна криза
Историјата речиси никогаш не се повторува, освен нели како фарса, па сепак можеби е паметно да се размислува и за алтернативи. Алтернативата би требало да произлезе од Европа, која настрана крвопролевањата во Југославија, веќе 80 години мирно коегзистира. Во спротивно, Европа одејќи по патот на аналогиите, ризикува да ја отвори и оваа втора декада од 2000-тата слично како и страшните 20, 30, 40-ти години од минатиот век. Доволно е застрашувачки што војната се враќа како конкретна можност после 2 генерации кои заборавиле што е тоа војна, додека третата генерација родена 50 години после последниот конфликт, би требало да војува. Некои политичари, што домашни, што странски, треба повеќе да размислат на тоа поле и малку да ги подигнат главите од географската карта и границата меѓу Русија и Украина.
Повеќе од Ивор Мицковски :Македонија влезе во психолошката војна на САД и НАТО против Русија
Светот денес не е тој од Студената војна и нема гаранции дека со истите методи ќе се обезбеди мир. Прво што недостасува е стариот систем на регулирање на конфликтите, дали преку бафер зони, сфери на влијание, прокси војни, кој беше карактеристичен за фазата на Студена војна, и кој не дозволуваше конфликтите да експлодираат во општа војна. Потоа не постои ни старата блоковска безбедносна архитектура која ја минимизираше можноста од директен допир меѓу НАТО и Варшавскиот пакт. Заслепени од падот на Ѕидот и својата хегемонија, Америка и НАТО продолжија да се шират на Исток, не земајќи ја предвид променетата реалност и во Русија и во Кина. Нападот на Кулите-близначки му демонстрираше на Западот дека нашата демократска вредносна хиерархија не е општоприфатена и општоважечка во светот и дека западната култура не само што за другите е страно тело, туку е и непријателски сфатена. Тука настанува и веќе развиената западна вредносна криза каде повеќе немаме заеднички критериуми околу вреднување на настаните и нештата, немаме договорена демаркациона линија околу тоа што е добро, а што лошо.
Студената војна си имаше свои догми и канони како да ја регулира конкуретноста, воената закана, заемното следење, па дури и заемно загарантираното уништување, низ еден примитивен, но ефективен механизам. Ова модерно време повеќе не е подложно на тие механизми и логики. Денеска сме во фазата кога секој и сечиј критериум е суверен, а секој суверен има свој критериум. Денес откриваме дека ниедна наша вредност или принцип повеќе не се третира за универзален, дека се е станато релативно, и дека никој не се обидува ниту да пронајде простор за споделување вредности, камоли да го измисли. Дури ни демократијата, која е основата на секоја западна цивилизациска конструкција, повеќе не може да се толкува како апсолут. Путин, Џипинг, Болсонаро, Трамп, Орбан или Вучиќ, секој денес си дозволува да ја интерпретира, минимизира и пласира онака како што му одговара на неговите авторитарни импулси. Денес не постои метод или договор, кој може да ја издржи оваа состојба на ничија земја што владее во политиката која премногу се потпира на силата, а премалку на разумот.
Најважната разлика од Студената војна
Различно е ова време за Европа од Студената војна и во своите геополитички динамики. Од падот на СССР, иако НАТО напредува, САД сепак полека и неизбежно се оддалечува од континентот, што преку изолационизмот на Трамп, што преку итноста на Бајден кон Кина. Во очите на Русија тоа е еднакво на абдикација на американската хегемонија во Европа. Во исто време Русија го реконструира својот изгубен империјализам, што преку хегемонија дома, што преку анексии и прецизни воени упади низ целото Средоземје, од Блискиот Исток, преку Крим до Африка. Тоа е осветата на Путин кон Западот кој после СССР мислеше дека може Москва да ја декласира во регионална сила, како нејзината империјална димензија да била болшевичка измислица, а не реален елемент на руската духовна проекција.
Повеќе од авторот: Олимписки или воени игри?!
Ќе беше убаво и здраво Европската Унија да измисли за себе една нова состојба на „неврзани" или некаква форма на неутралност, наместо слепо да ги следи интересите на сојузниците кои повеќе немаат намера да војуваат за Европа. Но, Европа е нем набљудувач и ја плаќа цената за својата политичка нецелосност и недовршеност, каде тоталниот срам е покриен од стерилните индивидуални мисии на националните лидери. Затоа, помеѓу САД кој не е заинтересиран и Европа која политички и воено не постои, ќе биде лесно за Путин да игра уценувачка игра користејќи воени закани или дипломатските решенија. И тоа е уште една разлика од Студената војна која денес со преголема леснотија се имитира. Западот не е навикнат да преговара фатен во ќош, кога и повеќе од јасно е дека на воените закани не е во состојба да одговори со еднаква мера. И затоа денеска и без постоење на „Ѕидот“, Путин ја има можноста повторно да ја дели Европа на Исток и Запад, без обединета Европа да знае како со заеднички јазик да разговара и да се однесува со Москва.
Системот од Јалта наваму е срушен, нов систем за безбедност во Европа никогаш не се изгради, ниту меѓу сојузниците, камоли помеѓу противниците. Во такви услови границите стануваат подвижни, а кога тие почнуваат да играат, тогаш се тресе целата архитектура на вредности, култура, историја и право. Новите популисти гордо маршираат, користејќи ја старата географија за нови ревизии и нови национализми. Путин бара нова Јалта, нов Виенски Конгрес, и неутрализирањето на Украина и апсорбцијата на Белорусија за него се предуслов за преговори, не цел сама по себе. На Европа останува прашањето, уште колку време планира да се претставува на светската сцена или како американска колонија, или како потенцијална руска пратерија.
Русија не води војна со европските држави, таа војува со нашите општества. И тоа е најважната разлика од Студената војна.