1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Русија ги зајакнува трупите на границата со Украина

ЖА / агенции
17 февруари 2022

Информациите на Русија дека делумно ги повлекува своите трупи од границата со Украина, се лажни, тврдат САД. Напротив, Москва го засилува военото присуство.

https://p.dw.com/p/479DN
Konflikt I Belarus I Ukraine I Russland
Фотографија: Maxar Technologies/AP/picture alliance

Американската влада го оцени за лажна вест најавеното делумно повлекување на руски трупи заради олабавување на конфликтот во источна Европа – наместо тоа, Вашингтон тврди дека се врши натамошно зајакнување на военото присуство. Во изминатите денови  Русија довела дополнителни 7.000 војници во близина на украинската граница, изјави висок по ранг претставник на Белата куќа синоќа. 

Москва  во вторникот објави повлекување на дел од своите војници од украинската граница. Американскиот претседател  Џо Бајден  сепак и по тоа остана на предупредувањето од можна руска инвазија врз Украина, истакнувајќи дека во граничната област се наоѓаат веќе преку 150.000 руски војници.

Со слично тврдење вчера излезе и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг – тој не гледа никакви знаци за руско повлекување на трупи: „Напротив, се чини дека Русија  натамошно го зголемува военото присуство.“ 

Американски функционер на брифинг за новинарите во Вашингтон изјавил дека Русија само привидно е отворена за дипломатско решение на конфликтот.

„Напротив, сите наши расположливи укажувања се дека (Русите) само нудат разговори и тврдења за деескалација, додека всушност се мобилизираат за војна“.

Освен тоа, постојат и натаму информации според кои Русија во секој момент може да инсценира или да измисли настани за да оправда напад врз Украина, истакнал претставникот на Белата куќа. Во тој контекст, дополнил тој, може на пример да се инсценира провокација во источноукраинскиот регион Донбас или засилено да се произведуваат тврдења без никаква основа за наводна употреба на биолошки или хемиски оружја од страна на САД и Украина. 

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Американското Министерство за надворешни работи веќе ѝ префрли на Русија ширење на неосновани обвинувања за „геноцид“ во Донбас како повод за инвазија во соседната земја. Руски медиуми деновиве објавуваат извештаи и фотографии од наводни масовни гробници во регионот контролиран од проруските сепаратисти. Рускиот претседател  Владимир Путин во овој контекст зборуваше за „геноцид“.

Ризикот од руска агресија против Украина е присутен и натаму, е проценката која ја делат американскиот претседател Џо Бајден и  германскиот канцелар Олаф Шолц.  Тие во телефонски разговор синоќа констатирале дека ситуацијата во регионот, со оглед на масивното руско воено раздвижување во граничната област кај Укарина, треба да се оценува за исклучително сериозна, изјави портпаролот на германската влада, Стефен Хеберштрајт во Берлин.

Двајцата политичари ги поздравиле изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за потреба од продолжување на дипломатските напори. Приоритет во моментов е водење конструктивен дијалог за прашањата поврзани со европската безбедност, реализација на Минскиот договор и поддршка и напредок во посредничките напори на Германија и Франција во рамките на Нормандискиот формат, констатирале двајцата политичари.