1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во ВМРО заборавија дека се и ДПМНЕ

Зоран Јордановски19 јуни 2016

Основањето партија со предзнак ВМРО уште пред самостојна Македонија беше проследено од едни со надеж, од други со скепса. Изминатите 26 години повеќе ја оправдаа скепсата. Неделна анализа на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1J9Rw
Фотографија: Reuters

По 26 години дејствување на ВМРО ДПМНЕ, прва партија со тоа име на територијата на државата Македонија, пред некое време се слушнаа барања за забрана да се користи тој историски предзнак. Тоа е своевиден коментар за постигнувањето на партијата во услови кога е остварен сонот поради кој била основана првата ВМРО – постоење на самостојна држава Македонија. Неминовниот распад и крај на Југославија во нејзината дотогашна форма, дилемите на Македонија и различните ставови за тоа - како понатаму, создадоа предуслови за политички плурализам, за артикулирање на различни погледи и ставови во однос на иднината на дотогашната ју-федерална единка. Чувството на загрозеност, втиснато во генот на Македонецот, малку подзаборавено во децениите под закрила на заедничката југословенска држава, во која тој можеше да се афирмира со свој јазик, култура и државност (посебно изразена по уставните реформи од 70-те години на минатиот век), повторно изби на површината. Тоа беше историскиот миг за патриотите, но и за македонските националисти, кои не се наоѓаа себе си во социјалистичката идеја, за кои таму и немаше место и беа сметани и третирани како опасност.

Основањето партија која со името директно се надоврзува на историските традиции со корен од крајот на 19. век, за некои роди надеж, а повеќемина го дочеаа со скепса. Оние кои беа убедени дека пред Македонците се отвора широк хоризонт кога својата судбина дефинитивно и исклучиво ќе ја земат во сопствени раце, надежите ги врзуваа за новата партија. Другите, инертно приврзани на идејата на некаква заедничка држава или воспитани во социјалистички дух, со голема скепса гледаа на „најмакедонската” партија (оти не беше само таа со национална ориентација, да се потсетиме и на МААК, на пример). Добра причина за скепса, секако беше и „биографијата” на самата историска ВМРО – исполнета со контроверзи, раскол, меѓусебно истребување, злоупотреба во служба на туѓи, немакедонски интереси; згора на се` уште и релативно еднострано прикажувана од југо-македонската историографија.

Македонија не профитира од инервенцијата на НАТО во Косово

ВМРО ДПМНЕ ги преболе детските болести, ги надмина наивните сфаќања во стилот на „Солун е наш” и најавите за „одржување на наредниот партиски конгрес во Солун“, се соочи со актуелната историска реалност и се‘ повеќе се преобразуваше во конформна партија способна да ја преземе власта и да ја води државата. Првата влада со четиригодишен мандат предводена од ВМРО ДПМНЕ не доби доверба по втор пат, иако рака на срце мораше да менџира кризни ситуации од егзистенцијално значење – војна на Косово, интервенција на НАТО преку македонска територија, оружан конфликт на сопствена територија. „Најмакедонската партија” беше принудена на отстапки „на свој терен“ (пред албанските терористи или востаници, или во војната увезена од Косово – во зависност од аголот на гледање). Од отстапувањето на македонската територија за дотур на воен материјал, што ја направи интервенцијата на НАТО далеку поедноставна, државата не извлече никаков политички профит. Бугарија и Романија својата забрана за прелет на руски авиони за време на војната на Косово ја наплатија со членство во НАТО и ЕУ иако ни оддалеку не беа подготвени, како што подоцна експлицитно призна Гинтер Ферхојген, во тоа време еврокомесар за проширување на Унијата (тој во едно интервју – патем, кога веќе не беше на функции во ЕУ – зборуваше за „награда” за двете држави).

Останува дилемата дали не профитирале поединци. Во ВМРО ДПМНЕ можеби бавно учеа како се води држава, но според тоа колку бргу им порасна стадардот на дел од членовите на раководството на партијата, се чини како брзо да ја совладале лекцијата како се профитира од вршењето на власта.

Мора да се каже дека „школо” им беше однесувањето на идеолошкиот опонент кој претходно беше на власт – социјалдемократите. Во нивно време започна создавањето на македонска економска и политичка елита. Новостекнатото богатство, се` понападно покажувано, тешко дека може да резултира од регуларните функционерски плати. Тука ВМРО ДПМНЕ, посебно откако во 2006 повторно дојде на власт, ги надмина учителите.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Раскол „до коска”

Во дејствувањето на партијата во сите изминати 26 години константа се крстоносната војна против идеолошкиот противник, со потценување и презир означен како „комуњари“, како и максимата „кој не е со нас, е против нас“. Расколот во општеството, во времето на ВМРО ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски беше релативно наивен во споредба со денешниот длабок засек во неговото ткиво, тогаш децата уште играа мал фудбал делејќи се во тимови на вмровци и сдсмовци. Во десетте години на Никола Груевски расколот достигна и невидени размери на анимозитет. Тој беше инициран од врвот – прво беа Љубчо Георгиевски против Бранко Црвенковски (и обратно), а потоа Никола Груевски против Црвенковски, за потоа во Зоран Заев да го најде противиграчот, лик за проекција на својата (и на партиската, и на членството и на сите приврзаници на ВМРО ДПМНЕ) омраза кон се` што е комуњарско, дури уште повеќе, кон се` што е невмровско. Во меѓувреме тој анимозитет ги зафати сите пори на општеството. Грст народ, а толку поделби и омраза! Некои во нормални општества маргинални и во дејствувањето дури комични фигури (поголеми католици од папата) во функција на звучници на владата и партијата (во Македонија денес има знак на еднаквост: партија = влада) почнаа да ги препознаваат и осудуваат на смрт непријателитe. Досега за среќа, се’ остана на тие вербални будалаштини. Семето на злото, говорот и јазикот на омраза, го посеаја и го контаминираа општеството луѓе од медиуми блиски до власта. Расколот, се разбира, го продлабочува и сразмeрно големата „љубов” на „комуњарите” кон, како што тие за возврат ги означуваат, “вмр-овците”. И во медиуми блиски до опозицијата, посебно во авторски прилози или лични фејсбук-статуси посветени на противничката страна веќе подолго време доминираат вулгаризми.

Се чудам и се прашувам: заборавија ли во ВМРО ДПМНЕ како им се вика партијата?! Не е само ВМРО, туку е и Демократска партија за македонско национално единство. На кое единство се мисли? Сегашнава состојба е се` друго, само не е слика за национално единство. Или, со оглед на тоа кому се` поставија споменици, во сегашново ВМРО (ДПМНЕ) под национално помирување, за кое стануваше збор во почетокот, подразбираат само историско помирување со отпадниците и дубиозните фигури од ВМРО-историската?

Пресврт само од партијата одвнатре

Македонија во моментов се занимава со прашањето за спроведувањето на Пржинскиот договор и со прашањето за одговорноста за можниот тежок криминал сторен од челници на ВМРО ДПМНЕ, антиквизацијата падна во втор план. Но судбински позначајна е одговорноста на ова раководство на ВМРО ДПМНЕ за длабокиот внатремакедонски раскол. Вака длабоко поделено, на многу начини урнисано општество, носи егзистенцијална опасност за македонската држава. Некако многу бегло, главно само беа пренесени, но не и анализирани и коментирани, оценките на двајца западни експерти за идни можни промени на границите, со Македонија како објект на тие промени. Тие двајца сигурно не се неупатени во состојбите со оглед на тоа со што се занимавале (едниот во ЦИА втор човек за Балкан, другиот советник на британски премиер и раководител на агенција за анализа на ризици во Источна Европа). Денешните самопрогласени наследници на организацијата која ја започна борбата за национално ослободување и за посебна македонска држава, на крајот ќе го доведат под прашање опстанокот на таа држава. Надеж за промена не треба толку да биде СЈО, кое се занимава со сомневањата за криминал, колку самата ВМРО ДПМНЕ. Таа треба да се сврти и да почне да дејствува согласно својата определба содржана во вториот дел од името на партијата. Членството нека се потсети – и „комуњарите” се сепак Македонци – во граѓанска или и во етничка смисла. Тука е на потег членството и оние кадри во ВМРО ДПМНЕ, кои останаа доследни и верни на првичните определби. Тие треба дефинитивно да му го завртат грбот на ова раководство и на лидерот. Ново раководство, без директен товар на вината за сегашните состојби (индиректно сепак се одговорни и сите членови на партијата), би било од огромна полза не само за партијата, туку и за државата - со една партија ВМРО ДПМНЕ како конструктивен играч во демократскиот натпревар на идеи, што конечно би го повеле македонското општество напред.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема