Враќање на нуклеарната закана
26 март 2022Кога рускиот претседател, Владимир Путин, ги стави руските нуклеарни сили во „посебен степен на подготвеност“ на почетокот на војната во Украина, незадоволството во Европа беше големо. По предупредувањето од Запад, стигна вториот чекор: на почетокот на март претседателот како маневар ги мобилизираше руските подморници со нуклеарно оружје и мобилните ракетни единици. Дали Путин им се заканува на своите противници на Запад со нуклеарен напад?
Со над 6.300 боеви глави, Русија го поседува најголемиот нуклеарен арсенал во светот. Меѓу членките на НАТО, САД имаат најголема нуклеарна сила со околу 5.800 нуклеарни боеви глави. Франција, наводно, има околу 300, а Обединетото Кралство околу 215 боеви глави. Точни податоци нема - во контекст на нуклеарните програми државите ги држат информациите целосно во тајност.
Како Европа се штити од напади со нуклеарно оружје?
Дури и ако се зборува за „нуклеарен одбранбен штит“, од страна на САД, нуклеарен напад на Европа не може да се спречи по воен пат. Всушност, „одбранбениот штит“ се темели на претпоставка дека противникот не би се осудил да ги нападне земјите од НАТО со нуклеарно оружје бидејќи би морал да смета на противнапад.
Таков воен одговор би можела да нареди и да изврши која била нуклеарна сила на НАТО: САД, Британија и Франција. Сите три држави поседуваат стратешко нуклеарно оружје кое, меѓу останатото, може да уништи нуклеарни подморници и на тој начин да овозможи контранапад во секое замисливо сценарио.
Психологија на одвраќање
Нуклеарните сили на НАТО следат различни концепти на одвраќање. Франција и Велика Британија се потпираат на таканаречениот минимален фактор на одвраќање. Тие така не поаѓаат од тоа дека нуклеарниот конфликт би можел да трае неколку дена. Нив им е доволна способноста да се одмаздат или да го запрат непријателот со „последен удар на предупредување“ како што станува збор во случајот на Франција.
САД, од друга страна, се потпираат на пошироко одвраќање, кое вклучува и нуклеарно оружје со намалена експлозивна сила. Идејата зад ова е тоа што американските воени планери разгледуваат, барем во теорија, можност за „ограничена нуклеарна војна“.
Правно гледано важно е тоа што речиси секоја употреба на нуклеарно оружје, со неговото огромно влијание врз цивилите, ќе го прекрши меѓународното хуманитарно право. Од друга страна, еден од теоретски замисливите исклучоци би можело да биде ограничен нуклеарен напад на воен брод на отворено море.
Како Германија учествува во одвраќањето?
Германија учествува во нуклеарното одвраќање во Европа со борбени авиони Торнадо од составот на германиските воздушни сили кои се стационирани во Бихел, во покраината Рајнланд Пфалц. Во случај на нужда, авионите со германска посада би го префрлиле нуклеарното оружје на САД до целта. Најмалку еднаш годишно пилотите на Бундесверот вежбаат префрлање на американски атомски бомби од лажни објекти.
Освен Германија, во таканареченото нуклеарно учество во НАТО учествуваат и Холандија, Белгија и Италија. Во меѓувреме, меѓу 100 и 150 гравитациски бомби сертифицирани за овие авиони, кои се релативно непрецизни, се стационирани во Европа.
„Бомбите се реликт на минатите времиња чија воена важност денес е мала“, вели Петер Рудолф, политиколог од Фондацијата за наука и политика во Берлин, кој ја истражува темата за нуклеарно одвраќање. Меѓутоа, за да можат да се користат, прво, како што вели, мора да се елиминира непријателската противвоздушна одбрана, што во секој случај изгледа замисливо во голема војна.
Определеност за нуклеарно учество
Иако постојат многу критичари за нуклеарното учество во владејачката коалиција, канцеларот Олаф Шолц не смета дека германискиот придонес е на диспозиција. Непосредно откако руските војници ја нападнаа Украина, Шолц вети дека ќе купи американски борбени авиони Ф35 за да се заменат старите Торнада, кои наскоро мора да бидат повлечени.
Минатата година САД започнаа да произведуваат ревидирана верзија на гравитациски бомби за кои, меѓу останатото, се вели оти имаат подобра прецизност за време на целењето.
Дури и ако политичарите сѐ уште сметаат дека нуклеарното учество е важен политички симбол, тоа за Германија за време на Студената војна беше од многу поголема важност отколку денес. Во време на Варшавскиот пакт, Германија би станала централно бојно поле во евентуален вооружен конфликт со НАТО. Нуклеарното учество ѝ даде можност на германската влада во Бон да изврши барем ограничено влијание врз нуклеарната стратегија на Алијансата.
Кој ја планира употребата на нуклеарно оружје?
Групата за нуклеарно планирање (НПГ) во НАТО постои од 1966 година и расправа за сценаријата за употреба на нуклеарно оружје. Сите земји на НАТО сега се застапени во НПГ - со исклучок на Франција, која оди по сопствен пат за прашањата за одвраќање. Ова тело се состанува најмалку еднаш годишно на ниво на министри за одбрана, а по потреба и на ниво на амбасадори.
Поновите политички насоки за употреба на нуклеарно оружје од страна на НАТО не се јавно познати. Последниот документ датира од 1980-тите. „НАТО секогаш вели дека е нуклеарна алијанса, но колку што може да се види, нема нуклеарна доктрина. Она што се дискутира во групата за нуклеарно планирање не е препознатливо за аутсајдерите“, анализира политикологот Рудолф. Една суштинска одлука за ова опстојува до ден-денес: иако во САД секогаш одново се отвора дебата за тоа, НАТО сè уште не се откажал од можноста прв да употреби нуклеарно оружје.
Кој одлучува за употребата на нуклеарно оружје?
За употреба на нуклеарно оружје во Германија, Италија, Белгија и во Холандија прв одлучува американскиот претседател. Тој би ја донел одлуката, а земјата каде што се стационирани бомбите (на пример, Германија) би морала да се согласи на фрлање на бомбите со сопствени борбени авиони. Пред таквата акција, најверојатно ќе има консултации со другите НАТО-сојузници во Северноатлантскиот совет.
За користењето на француското нуклеарно оружје одлучува исклучиво француски претседател, во Обединетото Кралство, пак, британскиот премиер има моќ да одлучува. Трите центри за донесување одлуки за употреба на нуклеарното оружје се сметаат за елемент на одвраќање, бидејќи му отежнуваат на противникот да процени како НАТО би реагирал во случај на напад.
Употреба во украинската војна?
Употребата на тактичко нуклеарно оружје на бојното поле не е сосема туѓа за руската воена доктрина. Русија има такво оружје, исто како и САД. Можната употреба на такво тактичко нуклеарно оружје над Црното Море се дискутира во медиумите уште од почетокот на руската инвазија на Украина, но досега западните воени набљудувачи немаат сознанија дека руската војска размислува да употреби тактичко или супстратешко нуклеарно оружје, ниту дека се подготува за такво нешто.
„Руските закани првенствено имаат политичка функција“, вели политикологот Рудолф. „Тоа е порака до САД да не се мешаат преку одредена граница во Украина. Слични закани со нуклеарно оружје имаше и при руската анексија на Крим пред осум години“.
Нуклеарно оружје против хемиско оружје
Хемиското оружје е меѓународно забрането со Конвенцијата за хемиско оружје. Русија официјално ја уништи својата последна хемиска боева глава пред речиси пет години. САД сакаат да ја постигнат оваа цел следната година. За разлика од хемиското оружје, кое исто така беше користено по Втората светска војна (последен пат во граѓанската војна во Сирија), нуклеарното оружје не е употребено по фрлањето атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Пeтер Рудолф објаснува: „Очигледно постоеше нормативен праг од 1945 година, и покрај сите размислувања во САД во 1950-тите и 1960-тите за употребата на нуклеарно оружје во конфликти. Политичките одлучувачи развија голема воздржаност. Ова може да биде придружено со морална нелагодност, но и страв од последиците, бидејќи употребата на нуклеарно оружје може да започне синџирна реакција што завршува со меѓусебно уништување“.