1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на „отпишаните“ и нови кадри во врвот на СДСМ

27 декември 2021

ЦО на СДСМ денеска треба да му даде овластување на партискиот лидер Димитар Ковачевски да биде мандатар за состав на новата влада, и да избере нови кадри во раководството.

https://p.dw.com/p/44rF9
Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Раздвижено е во седиштето на социјалдемократите. Ова е прв случај во тридецениската историја на партијата, кога во исто време треба да се избираат и кадри за партиските тела и органи, и кадровски адути за состав на идната влада. Изборот на кандидати за министри ќе се најде пред Централниот одбор неколку дена подоцна, а одлуката што се очекува од денешната седница на ЦО на СДСМ - е да му даде овластување на новоизбраниот партиски лидер, Димитар Ковачевски, да биде мандатар за состав на новата влада.

На истата седница треба да се изберат и нови партиски потпретседатели, секретари, членови на Извршниот одбор... Она што го потврдуваат од СДСМ е дека на три од четирите потпретседателски позиции ќе дојдат нови лица, а нови кадри ќе има на две од трите секретарски позиции. Се очекува во Извршниот одбор да има 50% нови лица, а меѓу предлозите се слушаат имиња на универзитетски професори, архитекти, поранешни партиски функционери, но и млади кадри.

Nord-Mazedonien Skopje | Dimitar Kovacevski zum neuen Präsidenten der Sozialdemokraten gewählt
Новоизбраниот партиски лидер, Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Искуство и младост

Формулата низ која  социјалдемократите ќе го прават изборот е комбинација од искуство и нови лица и идеи. Сања Лукаревска останува заменик претседател на партијата со оглед дека таа има конгресен мандат. Од досегашните четири партиски потпретседатели  (Царовска,  Филипче, Спасовски и Битиќи) на истата позиција ќе остане само Фатмир Битиќи. Оливер Спасовски минатата недела и самиот изјави дека не треба да биде дел од новиот партиски тим.

„На новиот претседател треба да му се даде полно право во однос на изборот на неговиот тим. Тој избор треба да го направи од нови луѓе, и затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим, со цел да не го обременуваме ни претседателот ни тимот“, изјави Спасовски.

Според партиски извори „сигурен кандидат“ за нов потпретседател е актуелната пратеничка Бисера Костадинова Стојчева, професорка по англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола. Меѓу имињата за потпретседателската позиција засега се спомнуваат и актуелниот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, како и поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев.

Во  СДСМ „нема дилеми“ дека нов Генерален секретар на партијата ќе биде Миле Зечевиќ, функција која досега ја извршуваше блискиот соработник на  Заев,  Љупчо Николовски. Извесно е дека Бојан Маричиќ ќе ја задржи досегашната позиција секретар за меѓународна соработка, а предлогот за нов организациски секретар се очекувало да го даде Зечевиќ.

Новина во СДСМ е новото тело - Совет за креирање и имплементација на политики, на чие чело било планирано да застане поранешниот висок функционер на партијата и универзитетски професор, Игор Ивановски. Разговори за враќање во раководните структури на СДСМ имало и со Андреј Петров, поранешен Генерален секретар на партијата, пратеник и градоначалник на Општина Карпош, но не е познато за каква позиција станува збор.

„Не станува збор за однапред посочени позиции. Разговорите се водат со цел за да се утврди каде нашите партиски другари самите сметаат дека најмногу може да придонесат со својот потенцијал и искуство“, велат од партијата, посочувајќи дека станува збор за луѓе успешни во нивните професионални кариери.

При комплетирањето на составот на партиските органи ќе се води најмногу сметка за личниот интегритет на кадрите, но и за регионалната претставеност, па се очекува во раководството да се најдат сопартијци од Штип, Битола, Прилеп, Охрид...

СДСМ мора да се менува

На „Бихаќка“ број 8 очекуваат промените во раководство да донесат нова енергија и раздвижување во партијата, особено по неуспехот на локалните избори, иако според Оливер Спасовски, тие и не ги разнишале многу позициите на СДСМ.

„Ако погледнеме низ призмата на локалните избори, не гледам дека СДСМ е премногу ослабната како партија. Но дали треба нешто да се поправи во структурата? Да. Дали треба да се смени нешто во начинот на делување, во политиките? Секако да. И тоа треба да биде основата на делување. Не е доволна само промената на луѓето во партијата. И луѓето се важни, но многу е важно колку ќе се потрудите да имате понуда за граѓаните, за да ги добиете на своја страна“, рече Спасовски минатата недела.

Лидерот на партијата,  Димитар Ковачевски,  пред два дена од Политичката академија за социјална демократија во организација на Прогрес институтот, порача дека СДСМ мора да се менува и дека клучна треба да биде улогата на младите.

„СДСМ во периодот кој следи мора да се менува, а вие мора да бидете носители на таа промена. Има многу работа пред нас, за да ги промениме работите, но тоа почнува од промената на самите себе. Младината е можеби и најважниот дел од едно општество и должна е да ја обликува сегашноста, но и иднината во тоа општество. Младината не смее да седи на страна и чека туку да преземе акција, да го дигне гласот и да се бори за својата иднина. Гласот на младите и нивните потреби е глас кој јас како лидер ќе го слушам“, рече лидерот на СДСМ.