1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отровни стрели меѓу опозицијата и власта во Собранието

ДТЗ
15 јули 2022

Со жестоки навреди, закани за барање одговорност, меѓусебно обвинување и докажување кој е поголем патриот - собраниската сала која стана борбен ринг за различните позиции на двата табори околу францускиот предлог.

https://p.dw.com/p/4EDQq
Nordmazedonien | EU Beitrittsverhandlungen | Parlamentsdebatte
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Францускиот предлог за којшто веќе два дена расправаат пратениците во македонското Собрание го продлабочи и онака големиот јазик меѓу власта и опозицијата. Со жестоки навреди, закани за барање одговорност, меѓусебно обвинување и докажување кој е поголем патриот, пратениците од опозицијата и власта разменија отровни стрели во собраниската сала, која стана борбен ринг за различните позиции на двата табори околу францускиот предлог.

Звукот на вувузелите беше толку гласен, што пратениците на владејачката коалиција буквално се надвикуваа со нив за да ги пренесат своите ставови околу предлогот којшто сметаат дека ќе обезбеди подобра европска иднина за земјата. За опозицијата, пак, документот кој што е на ставен на маса пред пратениците е обичен „памфлет“, „срамен предлог“ за кој што велат дека никогаш нема да го поддржат. „Ни треба европеизација, а не бугаризација“, порачаа пратениците од опозицијата.

„Кукавици, ксенофоби и криминалци, можете да викате и да се заканувате колку сакате, ние ќе продолжиме по европскиот пат кон ЕУ при тоа, зачувувајќи го македонски јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет“, порача независната пратеничка Санела Шкријељ.

Nordmazedonien Rede Ursula von der Leyen
Жестоки навреди и обвинувања по посетата на Скопје на претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Arbnora Memeti/DW

Скандалозни обвинувања

Обвинувањата отидоа до таму што пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, од собраниската говорница рече дека „вчера во парламентот дошле да ги стерилизираат Македонците дома“, осврнувајќи се на вчерашната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Скопје.

„Ќе ви прочитам еден твит – на денешен ден 1933 година, нацистите донеле закон за задолжителна стерилизација на лицата со наследни болести. Денес, односно вчера, 2022 година, ни дојдоа дома, во парламентот, да нè стерилизираат нас Македонците“, рече Лозановска.

Од СДСМ реагираа дека примитивизмот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ги минува сите граници. „Денеска, од собраниска говорница ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен нацист. Скандалозно, за ВМРО ДПМНЕ Фон дер Лајен е нацист! Ова е скандалозно, срамно и за секаква осуда, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по налог на Христијан Мицкоски, освен што го резилат Собранието директно ги наредуваат нашите пријатели во Европската Унија, го нарушуваат угледот на државата, на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ се против целата ЕУ“, реагираа од СДСМ.

Порака од Брисел

Ситуацијата дополнително ја вжешти информацијата од Брисел, каде заменик-портпаролката на Европската комисија (ЕК), Дана Спинант на брифинг, одговарајќи на прашање на дописничката на МИА, дали вчерашната изјава на претседателката на ЕК во Собранието значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик, изјавила дека Урсула фон дер Лајен всушност мислела на јазикот кој го зборуваат граѓаните во Северна Македонија.

„Ако е така како што кажувате дека бил заштитен македонскиот јазик, зошто денес добивте демант од заменичката – портпаролка на ЕК која појасни дека вчера од оваа говорница претседателката на ЕК зборувала за јазикот на луѓето во Република Македонија која таа го нарекла македонски. Зошто тоа не го кажавте“, реагираше од собраниската говорница Мирче Аџиоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Марковска е децидна дека во ЕУ влегуваме како Македонци со чист македонски јазик.
„За што протестирате вие од ВМРО-ДПМНЕ, изгубени во историјата? Вчера врховисти, завчера антички, а денеска наводно партизани. Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, а јас како пратеничка од Ѓорче Петров ќе се борам да го сочувам ликот и делото на Ѓорче Петров и тоа токму од вас, ќе се борам да го зачувам ликот и делото на нашите народно-ослободителни херои кои вие ги нарекувавте злосторници“, порача Марковска.

Nordmazedonien | EU Beitrittsverhandlungen | Parlamentsdebatte
Собраниската сала стана борбен ринг за различнiте позиции на двата табора околу францускиот предлогФотографија: Petr Stojanovski/DW

Притисок врз Трајанов

Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска се најде под притисок на опозициските пратеници кои што бараа од него да се изјасни дали и за или против францускиот предлог.  Тој неколкупати излезе на говорницата, при што порача дека не е време „за рушење на Владата“ и побара пораките на фор дел Лајен да бидат нотирани во преговарачката рамка или во пакетот документи.

„Демократскиот сојуз изгради став „не“ за францускиот предлог ако не се направат одредени корекции кои се во функција на нашите национални интереси, идентитет, јазик, историја, обичаи и традиции“, рече Трајанов.

Љупчо Димовски од СПМ од говорницата порача дека за него не се прифатливи договорот, информацијата и заклучоците и дека  нема намера да гласа за уставните измени кои ќе следат. Според него, со францускиот предлог се поставува прашањето дали земјава аплицира за влез во Бугарија или за влез во ЕУ.

На 81-та седницата, на дневен ред како единствена точка е Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, предложена од француското претседателство. Пратениците треба да гласаат за предлог-заклучоците доставени до Собранието. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема