Власта и опозицијата во клинч за францускиот предлог
15 јули 2022Во тензична атмосфера, со надвикување, расправии, свирежи и навреди заврши првиот ден од расправата во македонското Собрание околу предлог-заклучоците за францускиот предлог, којшто е услов да се тргне бугарското вето и отворање на патот кон ЕУ. Пријавени се 42 пратеници за збор, од кои петмина зедоа збор во четвртокот (14.07). Расправата во македонското Собрание продолжува и денеска. На дневен ред има само една точка - Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на француското претседателството. Пратениците треба да гласаат за предлог-заклучоците коишто ги доставија партиите до Собранието.
Свирежи и обвинувања
Вчерашниот ден помина во напната атмосфера. Пратениците од опозицијата со транспаренти, свирежи, извици и обвинувања за предавство го попречуваа говорот на премиерот Димитар Ковачевски, но и на пратениците од владејачката коалиција.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски на прес-конференција оцени дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вистината, па затоа со свирежи со вувузели го саботираа говорот на премиерот Димитар Ковачевски на собраниската говорница.
„Македонската вистина е една и ниту едни лажни патриоти со вувузели не можат да ја замолчат. Антиевропската коалиција која е против ЕУ толку може. Тензиите и крвавите сценарија кои намерно ги ширеа по улиците и не им успеаjа, сакаа да ги пресликаат во Собранието“, рече Митревски.
Некој го кинеше, друг го запали документот
Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ го искина документот уште на почетокот на расправата, барајќи предлогот да се врати кај Владата, додека нејзиниот партиски колега Јован Јаулески отиде чекор понатаму, па го запали истиот документ кој што им беше поделен на пратениците.
„Промена на Уставот по бугарски диктат нема да има, никој не смее да посегне по македонскиот идентитет. Доста си игравте со Македонија, слушнете го гласот на народот“, порача од собраниската говорница, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Слични пораки можеа да се слушнат и од другите говорници од опозицискиот блок. Тие претходно ги слушнаа и пораките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која рече дека нема причина за загриженост, ниту за македонскиот јазик и идентитет, ниту дека билатералните прашања, како што е толкувањето на историјата, би можеле да станат дел од пристапните преговори.
„Можете да сметате на мене дека процесот на пристапување строго ќе ги почитува европските принципи и стандарди“, рече фон дер Лајен. Нејзиниот говор беше пречекан со аплауз од страна на владејачките партии и со транспаренти со порака „Јазикот е идентитетот“, „Народот вели не, свестете се“, „Ултиматум не благодарам“ од страна на опозицијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и по средбата со Фон дер Лајен рече дека има три дилеми за јазикот, историјата и Протоколот, за којшто вели дека никој не го видел.
Додека пратениците се надвикуваа во парламентот, пред собраниската зграда се одржа протест на кој дел од учесниците фрлаа јајца, камења и тврди предмети кон парламентот. Полицијата приведе пет лица.