1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ- политичка ѕвезда во Македонија

9 февруари 2021

Српските пропагандни фабрики се главен извор на информациите за големите успеси и достигнувања на Србија кај нас, за храброста на Вучиќ, за големите успеси во економијата и справување со коронавирусот. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3p5Gh
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Претседателот на Србија Александар Вучиќ станува политичка ѕвезда во Македонија. Српските медиуми, таблоиди, портали и пропагандни фабрики се главен извор на најчитаните информации кај нас за големите успеси и достигнувања на Србија. Храброста на Вучиќ да му возврати со „не“ на американскиот претседател Џо Бајден по неговата „непристојна“ честитка за државноста на Србија со желба за меѓусебно признавање со Косово, кај нас е светол пример за самостојна, независна и суверена држава на чие чело е вистински државник.

Вучиќ му ги истегна ушите на Бајден со зборовите: „Државноста на Србија ми е поважна од желбите на САД за Косово“. Каков мелем за душа да му се удри шлаканица на американски претседател без оглед на фактот што Косово е веќе од поодамна независна и самостојна држава. Вучиќ веќе не е она послушно учениче што седеше на клупата пред претседателот Трамп.

Тоа не е се'. Србија, како што се препишува и прикажува во Македонија, е меѓу најуспешните држави во светот во пресметка со пандемијата и во набавката на вакцини. Од сите страни стигнуваат вакцини во Србија и од Русија и од Кина и од Запад. Масовната вакцинација е достапна и за некои наши граѓани кои ги исполнуват условите. Нивната вакцинација е ударна вест, редовно проследена со изјави на среќни луѓе во комшиските клиники.

Ете, ваков лидер ни треба!

Економските успеси и реформи како најдобри во Европа кај нас се голтаат со воздишка „ете ваков лидер ни треба.“ Воопшто не ни пречи што подигнувањето на споменик на Стеван Немања го загрози сериозно приматот на Александар Македонски од скопскиот плоштад. Штета што за неколку метри не е поголем од нашиот воин на коњ, ама затоа мечот на Немања е подолг од оној на Александар. Самиот Немања е поголем од Александар, ама не е качен на коњ, туку на средновековен шлем, а шлемот не е коњ. 

-претходни колумни: Дипломатската офанзива на Мицкоски

Големите белградски градилишта, фрапантниот напредок на демократските процеси и слободата на медиумите, решителната пресметка со организираниот криминал и корупција, спектакуларни апсења на криминалци поранешни пријатели на власта, навременото откривање на незаконското прислушување на претседателот Вучиќ, асоцираат на славните времиња на Никола Груевски и неговите реформски и градителски потфати што многу ја радува македонската патриотска опозиција. Претседателот Вучиќ и неговата Напредна странка ги надминуваат успесите од ерата на груевизмот во Македонија - некогашниот светски првак во дуинг бизнис и економски слободи.

На Вучиќ му недостасуваат уште две години неограничена власт да го стаса и надмине Груевски за да ја стекне славата на нашиот Перикле, за тоа да стане златната ера и на Србија како и нашата.

Вучиќ, подучен од домашниот и светски заговор против Никола Груевски, превентивно и ефикасно ги решава сите обиди за негово уривање. Во рингот на политичката борба им задава силни удари на грогираната предавничка и арамиска опозиција, постојано алармирајќи колку се тие опасни непријатели и предавници за иднината на Србија. Ни случајно не може да му се појави некаков Зоран Заев со незаконски стекнати снимки, или некаква си Шарена револуција. Секоја таква појава се расчистува за 24 часа со обелоденување на подготовките за државен удар и за уривање на власта и на Србија. Оти, несомнено, Вучиќ е Србија.

Сите парламентарци на власта, министри, премиерката Ана Брнабиќ, медумските приврзаници и симпатизери секојдневно по стотина пати повторуваат Драган Ѓилас, еден од опозициските лидери, е крадец кој како градоначалник на Белград украл стотици милиони евра.

Се разбира, во ваква ситуација тоа што го кажува српската предавничка опозиција во Македонија не е нималку важно, па затоа и не се објавува во нашите опозициски и независни  медиуми.

Не е добро да се кажува од што умираат луѓето

Кога опозицијата е речиси нечујна во Србија, зошто би била гласна во Македонија? Зошто некој би ги откривал опозициските аргументи за грешките на власта, или како таму велат - лажните достигнувања на Вучиќ и неговите кули од карти, кога тоа не и' се допаѓа на македонската опозиција. Причината за тоа е многу едноставна, тоа што го постигнува се' попопуларниот во Македонија претседател Вучиќ ни оддалеку не може да го постигнат Зоран Заев, претседателот Стево Пендарсовски и македонската  влада.

Кој е тој во Македонија што има храброст да му одбруси на американскиот претседател Џо Бајден? Можно ли е да има некакво и најмало сомневање за трагични последици од пандемијата во Србија и за многу поголем број умрени од она што официјално се соопштува кога фрчат од сите страни вакцини и само што не почнало производството на руски вакцини во српски фабрики.

Но ајде да видиме што тоа „блебетаат“ некои „странски платеници и српски предавници“, малкуте преживеани медиуми и професионални новинари и јавни личности. На пример, за големите успеси во пресметката со коронавирусот. Деновиве се појави прашањето „каква катаклизма се случила во Србија пред два месеца, поточно во декември лани, кога умреле 17.321 човек, а од коронавирусот умреле 1.515  лица. Истиот месец една година порано во 2019., кога немало заболени од коронавирус, умреле двојно помалку луѓе или поточно 8.803 лица. Значи во декември во Србија се случило нешто страшно, но никој тоа ни од власта, ни од надлежните институции не го објаснува. 

-претходни колумни: Нема вакцина против лажење

Во текот на целата измината година во Србија починале 114.954 луѓе, односно 14.000 повеќе отколку претходната 2019 година. И ова остана незабележано долго време во српската јавност. Офцијално што се објавува во Србија е дека од Ковид -19 починале над 3000 луѓе. Или како што пишува во првата и единствена реакција во колумна на Владо Глигоров објавена во „Нови Магазин,“ во Србија починале двојно помалку луѓе од Австрија, каде од вирусот до крајот на мината година починале близу 7.500 луѓе, или четири пати помалку од Унгарија, каде умреле над 12.000 луѓе од вирусот. Во споредба со Македонија, осуммилионска Србија има речиси еднаков број починати. Тоа што 14.000 луѓе повеќе починале во 2020 од 2019 година во Србија останува јавна тајна за која не е упатно да се зборува и која ќе се разјасни во некои други околности, кога таа вест нема да биде многу значајна. И онака мртвите никој не може да ги врати. Колумната на Владимир Глигоров предизвика и други истражувања, па така во „Пешчаник“ Мијат Лакичевиќ доаѓа до дополонителни сознанија за кои кај раководството на Србија владее молк. Лакичевиќ пишува: „Кон крајот на јули лани премиерката Брнабиќ со гордост изјави дека смртноста во Србија е за 1,5 отсто помала отколку вкупната смртност во Србија во истиот период претходната година, кога немало епидемија од коронавирусот.“

Стапката на смртност означува број на умрени на илјада жители, а податокот на Брнабиќ се однесува на првите пет месеци од 2019 година. Според Заводот за статистика на Србија, бројот на починати луѓе до крајот на мај 2020 година изнесувал 43.244 и бил за три отсто помал отколку претходната 2019 година. Но, што се случило следните седум месеци, прашува Лакичевиќ, што смртноста толку се зголемила што бројот на починати од три отсто помалку се зголемила на 14 отсто повеќе во споредба со претходната година.

Каде е сега премиерката Брнабиќ, каде е претседателот Вучиќ да се обратат до јавноста и да кажат за што станува збор, бидејќи немало ни земјотрес, ни катастрофални поплави, а не е јавено ни за некоја тешка болест која го коси населението. Не била причина за толку големата смртност ни корона-епидемијата, бидејќи официјалните податоци за бројот на починати од вирусот не беа драматични. Крајот на минатата година Србија го дочека со 3.211 починат,и што е помалку од еден отсто од заболените. И сега што да се прави со „вишокот“ од  умрени. Ако од 14.000 починати се одземат 3.000 починати од коронавирусот остануваат 11.000 умрени од „непозната мистериозна смрт“ констатира Лакичевиќ. 

-претходни колумни: Затворено. Вршиме попис!

Ако половина од овие 11.000 умреле од вирусот, тогаш Србија има 9.000 починати од Ковид-19, а тоа значи над три отсто од официјално заболените. Тоа веќе не е успех, ни близу колку што се фалат властите.

Како економскиот пад стана раст

Да ги видиме и големите економски успеси на Вучиќ од еден друг агол, пореален од чаламџискиот. Вучиќ секој ден повторува по неколку пати, а неговите медиуми тоа го множат со десет и верглаат како празни воденици, дека Србија никогаш не била како сега прва во Европа по висината на економскиот раст. Економскиот бум на Србија е спектакуларен иако не допира до повеќе од две третини на населението кое рапидно си заминува од земјата.

Но, да ги видиме бројките и фактите. Во 2001 година, кога Вучиќ не е на власт, Србија има економски раст од 6.9 отсто и е прва во Европа. Во 2004 година, исто така, кога Вучиќ не е на власт, Србија има раст 9.1 отсто, но тогаш е четврта во Европа. Се разбира и овој голем раст во годините на големата економска криза беа далеку од очекуваното подобрување, но секако беа добар сигнал за закрепнување на српската економија. Кажано прецизно со јазикот на бројките - во периодот од 2001 до 2012 година, за време на светската економска криза и се' уште присутните  последици од поствоената криза по распадот на Југославија, Србија остври раст на БДП просечно годишно од 4 отсто. По доаѓањето на Вучиќ тој раст драстично паѓа во периодот од 2012 до 2019 на просечно 2.4 отсто, а ако се пресмета и 2020 година, тој раст се сведува на два отсто.  

Во 2020 година, кога е во ек најголемата пропаганда на Вучиќ за големите економски успеси, Србија има најмал пад на економијата во Европа, што секако не е мала работа во пандемиска година, но разликата меѓу зборовите пад и раст е голема. Вучиќ ја избриша таа разлика, па така најмалиот пад стана најголем раст.

Тоа што не е објавено во медиумите на Вучиќ не се ни случило. Тоа се разбира се проблеми на Србија, но кога тие се пренесуваат како адути за политичка пресметка во Македонија должни сме да укажеме и на другата страна, помалку видливата, особедно што тој долгометражен филм на големите успеси веќе го гледавме 11 години, кога бевме светски и европски прваци во многу дисциплини на обилните пропаганди.