1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатската офанзива на Мицкоски

19 јануари 2021

Штом Христијан Мицкоски и Александар Николоски, тргнаа на турнеја за спасување на Македонија, сигурно ќе успеат, исто како што завршија работа да станеме експресно членка на НАТО. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3o6H0
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Е, сега веќе можеме да здивнеме, трите најголеми проблеми со кои се соочува државата набргу ќе бидат решени. По 15 години Северна Македонија, вечниот кандидат за членство во ЕУ, по сите комшиски и европски неправди и блокади и по неуспесите и грешките на неспособните влади, набргу ќе почнат историските преговори со Брисел без да се загрозат идентитетските посебности и вековното историско минато на македонскиот народ.

По цели 18 години ќе се одржи и попис според европските стандарди штом се вакцинираме и се победи пандемијата. Вакцините ќе стасаат многу побргу отколку што најавува владата. Не верувате? Се разбира, никој разумен не верува. Не верував ни јас, ама кога  Христијан Мицкоски и Александар Николоски, претседателот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тргнаа заедно во дипломатска офанзива за спасување на Северна Македонија, за конечно да почнат преговорите со ЕУ, без условувања од Бугарија, сигурен сум дека ќе успеат, исто како што завршија работа да станеме експресно  членка на НАТО. Да не ја земеа тие во свои раце работата, уште ќе бевме на прокиснување надвор од чадорот на Северноатланскиот сојуз.

Офанзивата на Мицкоски и на Николоски ќе заврши на први април, кога ќе почне и пописот како што налагаат европските правила. На 29 февруари ќе почне и масовното „пелцување“ на населението, и благодарение на мудрото раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема да  останеме единствена земја на светот која се' уште не почнала со вакцинација.

Блиц-криг турнејата почнува од Будимпешта

Првата станица од блиц-криг турнејата е Будимпешта. А, каде од друго место ако не од премиерот Виктор Орбан и од азилантскиот центар на партијата. Потоа спасителите ќе се спуштат во Љубљана кај Јанез Јанша, па уште малку ако даде Господ и до Загреб, а патем можат малку да се задржат и во Виена кај сестринската партија.

Тоа се силните адути кои гарантираат историски чекор кон остварување на стратегиските државни интереси. Воедно, тоа ќе биде  пример како треба да се работи и крунски доказ за ефикасноста и патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ не само кога е на власт, туку и како опозиција која во татковината е блокирана од нелегитимната и предавничка власт.

Тоа извонредно добро го објасни пред јавноста Христијан Мицкоски кога пред тргнување во диломатска мисијаво интервју за Дојче Веле ќе каже: „Секоја средба има своја цел, но заедничко е тоа што на овие средби отворено ќе разговараме за блокираната европска перспектива на Македонија и можноста тие да помогнат во насока на придвижување кон европската иднина. Независно што ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, сметам дека треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на ЕУ. Имаме две опции – или да се задушиме во домашни обвинувања за тоа кој шири лажни вести, а кој ја говори вистината, па да се спроведува операција со која ќе се сака да се прикрие анексот на Договор за кој јавно говори Бугарија, а гледаме дека власта во Македонија моли Бога да не се дознае. Или пак, втората опција е да не чекаме, да тропнеме на вратите кои можеме да ги отвориме, и да побараме поддршка за она што е заедничка стратегиска цел, а тоа е одблокирање на патот кон ЕУ."

Убаво звучи овој „своевиден притисок да се придвижиме кон патот на ЕУ“ како што вели Мицкоски кон победничките и влијателни сестрински партии за да се спасиме од мочуришето во кое тонеме последните четири години. Еве, да не се навраќаме кон големите успеси на европскиот пат од 2006 до 2016 во ерата на груевизмот, кога ги блокиравме сите патишта и кон Европа и на Балканот, споредба која редовно го нервира Мицкоски како лошо минато кое било и поминало.

Ова е навистина добра прилика да се прашаат сестринските народни партии и во Унгарија и во Словенија и во Хрватска, а зошто не и во Бугарија, во партијата на Бојко Борисов - ГЕРБ, што тие направија дома кај себе и тогашните власти и опозициски партии и лидери, интелектуални и деловни елити? Колку и какви кнедли проголтаа пред и за време на преговорите со ЕУ, иако тогашната ситуација со проширувањето на ЕУ беше многу поповолна во европската јавност.

Дали партиите на власт и во опозиција ги користеа негативните последици од брзите промени во меѓусебни пресметки и блокади во битките за власт,  или прво што направија беше консензуален договор да не се злоупотребуваат болните реформи при остварување на најголемиот стратегиски државен интерес - членството во ЕУ. Дали е воопшто можно без партиски и без граѓански заеднички став да се изоди овој пат и во многу поповолни сутации отколку што се најде Македонија?
Колку за овие  фундаментални прашања даде свој придонес ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт и сега кога е во опозиција? Во целиот овој дводецениски период ВМРО-ДПМНЕ работеше деструктивно, со катастрофални резултати кои доведоа до најголем застој на Македонија во евроатланските интеграции во целиот регион.

Други колумни од авторот:

Заврши ли малтретирањето на Македонија

Затворено. Вршиме попис!

Нема вакцина против лажење

Триела баба лен да и' помине ден

Затоа турнејата на Мицкоски и на Николоски е партиска активност од типот „триела баба лен да и' помине ден“, да се покаже некакво учество во земјите во кои никогаш не била спорна поддршката за Македонија да ги почне преговорите и да биде членка на ЕУ и на НАТО.

И Унгарија и Словенија и Хрватска спаѓаат во членките на ЕУ кои искрено и целосно даваат поддршка за проширување на европското семејство. Сосема други се мотивите на нивното спротивставување на некои одлуки на Брисел што можат да си го дозволат редовните членки на ЕУ. И конечно ставот на Мицкоски дека „доколку Бугарија продолжи да инсистира на идентитетските прашања, тоа ќе значи дека содржината на овој актуелен билатерален договор кој го склучи Заев е исцрпена,  бидејќи наместо да нуди иднина, тој договор за нас ќе биде минато. Тогаш јасно е дека е потребен нов договор кој ќе обезбеди иднина и во кој овие работи нема да бидат дел од преговорите.“

И овде Мицкоски игра на картата на кратко помнење на јавноста. Не верувам дека не ги знае разликите од Договорот што беше подготвен во времето на премиерот Љупчо Георгиевски и овој што го склучи Зоран Заев. Она што е многу поважно е - доколку се преговараше за идентитетските прашања, Северна Македонија во декември ќе ги почнеше преговорите со ЕУ. Самиот тој факт јасно кажува дека за идентитетските посебности не се преговара. Исто така, ако беше извршен притисок врз таканречената историска комисија, досега ќе беа расчистени големите несогласувања меѓу историчарите, факт што ја оспорува популистичката пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ за предавство на националните интереси и за укинување на предметот историја под притисок на Бугарија.

Најголемата лага е дека е исцрпена содржината на актуелниот договор за добрососедство и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе подготви нов подобар договор за европска иднина. Истото Мицкоски го ветуваше и за Преспанскиот договор со Грција. Сега, откако се виде дека не е загрозен ни македонскиот идентитет, ни македонскиот јазик , ни суштината на името на државата Република Македонија со додавката северна, повеќе не го спомнува ветувањето за поништување и на овој договор.

Црната дупка на пописот

И со пописот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја манипулираат јавноста кога велат дека повеќе европски земји го одложуваат пописот поради пандемијата. Тоа е полувистина.

Нема европска земја, а многу веројатно според некои сознанија и во светот, која 18 години немала попис, најзначајната статистичка операција без која не може успешно да се гради национала стратегија за идниот развој. Европските држави кои имаат редовни пописи и строги законски одредби за секоја промена, немаат голем проблем да го одложат пописот за неколку месеци, или за една година. Но блокирањето на пописот безмалку две децении е своевидна диверзија со несогледливи последици.

Конечно Мицкоски ги призна мотивите за блокирање на пописот. Неговиот страв, како што кажа во интервјуто за Дојче Веле, е дека се подговува фалсификат кој може да покаже дека во земјата има над 30 проценти Албанци. На ова најдобар и најискрен одговор даде директорот на државниот Завод за статистика, Апостол Симовски, во интервјуто за „Слободна Европа“, при што кажa: „Статистиката не ја прави реалноста, статистиката ја регистрира реалноста, тоа е нашата обврска и тоа мора да го направиме. Секогаш ќе има незадоволни во државата каков попис и да направите. Да дојдат и најреномираните светски стручњаци да спроведат попис, дури како попишувачи да ги собереме од цел свет, пак ќе има некој на кој нема да му се допаѓа.

- Лично мене нема да ми се допаѓаат податоците на пописот, бидејќи јас знам дека ќе имаме голема црна дупка на оние кои се иселиле од државата, но ние не сме ги регистрирале со тековните регистрации, значи далеку ќе бидеме од тоа дека имаме раст на населението. Јас ќе бидам прв незадоволен од податокот, но тоа не значи дека нема да го прифатам. Треба да погледнеме, да отвориме очи, да си ја прифатиме реалноста каква ни е.

И Мицкоски ја знае реалноста, ја знае и црната дупка со иселувањето, особено во последните 15 години, кога, според извештаите од Евростат, уште до пред пет години беа легално иселени над 300.000 граѓани од Македонија. Реалноста не може да се промени со политичка блокада и непризнавање на пописот. Но, има уште нешто многу покрупно што ќе излезе од црната дупка.