Германија воведува обврзувачки корона-тестови
27 јули 2020Стравот од нов раст на бројот на заразени од коронавирус поради годишните одмори и локалните кластери, ги натера германските власти за само неколку дена тестовите за коронавирус за патниците од странство наместо препорачливи, да ги направат задолжителни.
„Мораме да спречиме патниците кои се враќаат од странство да ги заразуваат останатите незабележано и со тоа да предизвикуваат нови синџири на зараза. Затоа ќе наредам обврзувачко тестирање на патници од ризични региони“, најави денеска министерот за здравство Јенс Шпан.
Новото правило ќе стапи во сила од следната недела, а тестирањето ќе биде бесплатно.
Во петокот Шпан, заедно со покраинските министри за здравство, одлучи да се воведат бесплатни тестови за коронавирус на аеродромите во земјата. Но немаше обврска за патниците да се тестираат.
По притисокот од повеќе страни поради растот на бројот на новозаразени, веќе денеска одлуката е дополнета. Експертите сепак не се убедени дека мерката ќе биде од голема помош.
„Еднократните тестови не нудат никаква сигурност“, вели првиот човек на здружението на лекари на Германија, Уте Тајхерт. „Напротив. Тие само водат кон лажно чувство на сигурност“, вели таа.
Во покраината Баварија веќе се најавени пунктови за тестирање и на двете најголеми железнички станици, како и на клучни точки на автопатите.
Германија досега успешно се справуваше со пандемијата. Регистрирани се нешто над 200,000 заразени и над 9,000 смртни случаи, но тоа е далеку под просекот во околните европски земји. Но, во последниот период зачестено се појавуваат изолирани кластери во кланици, фарми и некои населби. Просекот последниве денови е околу 800 случаи дневно, но властите велат дека сакаат да ја спуштат таа бројка под 500.
Патниците од ризични земји, како Северна Македонија, веќе сега можат да се тестираат на неколку германски аеродроми бесплатно. Алтернативно, можат да се тестираат и пред доаѓањето во Германија, и со тоа да избегнат задолжителен карантин од 14 дена.