1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија ќе воведе тестови за коронавирус на аеродромите

БГ /РТР
23 јули 2020

Патниците кои пристигнуваат во Германија од високо ризични земји ќе мора да прифатат да бидат тестирани на германските аеродроми. Формалната одлука се очекува до крајот на неделава.

https://p.dw.com/p/3fnsV
Deutschland Symbolbild Corona-Tests
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Секој кој ќе сака да влезе во Германија од земја која се смета за високо-ризична во однос на коронавирусот би можел да се соочи со тестирање на Ковид-19 при самото пристигнување на аеродром, одлучи германскиот министер за здравство.
Министерот Јенс Шпан и министрите за здравство од 16 германски покраини ја договорија мерката на состанок во средата.
Патниците кои ќе влегуваат во Германија од ниско-ризични земји како Франција, Шпанија или Грција, нема да мора да се тестираат, се наведува во предлогот. Мерката треба да биде детално договорена на следниот состанок кој е закажан за в петок.
Институтот Роберт Кох во моментов е задолжен за издавање препораки и насоки за справување со пандемијата на коронавирусот. Институтот изработува и листа на земји кои се сметаат за ризични, па од нив е забранет влезот во Германија. Северна Македонија, на пример, се смета за високо-ризична земја, и новата мерка, доколку се усвои, ќе ги опфати и македонските државјани. Дополнително, мерката ќе важи и за германски државјани кои се враќаат од одмор од ризични земји.
Аеродромите се загрижени поради предлогот и бараат од властите тие самите да го вршат тестирањето, а не тоа да им се препушта на аеродромските службеници.
„Доколку здравствените власти нарачаат брз тест, од било каков вид, тогаш самите нека си го спроведуваат“, се наведува во соопштение од германското Здружение на аеродроми.
„Потоа мора да се донесе одлука и како ќе се постапува со патници кои се позитивни на тестот“.
Досега, патниците кои доаѓаат од високоризични земји мораа да се самоизолираат за период од 14 дена, но доколку немаат со себе негативен тест. Алтернативно, патниците можат веднаш да се тестираат и по пристигнување во земјата, и доколку се негативни, да избегнат карантин.
Баварскиот премиер Маркус Зедер во неделата најави дека властите во таа покраина работат на инсталирање на центри за тестирање на аеродромите во кои „секој ќе може да се тестира бесплатно во секое време“.
Олеснувањето на патните ограничувања на почетокот на јули им овозможи на многу туристи да се упатат кон популарните летни дестинации ширум Европа. Но веќе се појавуваат медиумски извештаи за забави на шпанските острови на кои туристите не ги почитуваат мерките за социјална дистанца и носење маска. Тоа предизвика загриженост кај политичарите кои сега бараат начин да се заштитат од нова ерупција на вирусот.