Германија го осудува принудните „фалби“ за Лукашенко
4 јуни 2021Затворениот критичар на режимот на властодржецот Александар Лукашенко зборуваше 90 минути на белоруската државна телевизија - понекогаш со трепетлив глас. За семејството и колегите на 26-годишниот Роман Протасевич едно е сигурно: неговите реченици се резултат на тортура.
Во меѓувреме и германската влада се приклучи кон меѓународните реакции на осуда на признанието пред камера на Потасевич, кое очигледно било дадено под принуда.
Официјален Берлин денеска соопшти дека емитувањето на изјавата на белорускиот опозиционер и новинар Роман Протасевич е „срам“ за државната телевизија и за лидерите во Белорусија.
Второ обраќање по апсењето
Емитувањето на оваа „изјава-признание е срам за телевизијата која го емитуваше и за белоруските лидери кои уште еднаш го покажаа својот презир кон демократијата и, мора да се каже, кон луѓето“, изјави портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.
Протасевич изјави, од затвор, дека демонстрациите против авторитарниот претседател на државата Александар Лукашенко замреа и оти опозицијата треба да почека подобар момент за нивно оживување.
Повеќе:
-Таткото на Протасевич тврди: Тоа не се негови зборови
-САД го казнуваат Лукашенко, Путин му дава поддршка
Тоа е негово второ обраќање откако беше уапсен на аеродромот во Минск на 23 мај, а неговите соборци тврдат дека изјавата ја снимил под присила.Снимката беше објавена синоќа на белоруската државна телевизија, а Протасевич, меѓу останатото, зборуваше за пропаста на демонстрациите, кои започна ширум земјата по претседателските избори на 9 август 2020 година.
Родителите зборуваат за тортура
Неговата мајка Наталија Протасевич, која живее во Полска, го опиша интервјуто како последица на тортурата во затвор. „Не можам ни да ги замислам методите на тортура - и психички и физички - на кои мојот син во моментов е изложен“, изјави 46-годишната Наталија Протасевич. „Како мајка, веројатно не можете да издржите повеќе агонија“. Таткото на владиниот критичар даде слична изјава. „Јас многу добро го познавам мојот син и мислам дека тој никогаш не би рекол такво нешто”, рече Дмитриј Протасевич. Видеото е направено како последица на „злоупотреба, тортура и закани“. „Го скршија и го принудија да каже што е потребно“, рече таткото на Протасевич, додвајќи дека е многу загрижен за неговиот син.