1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелените и либералите ќе го „крунисаат” идниот канцелар

Фолкер Витинг
28 септември 2021

Кој и да биде иден канцелар – нова германска влада веројатно нема да има без Зелените и Либералите, кои сега се на потег. Тие веднаш по изборите за Бундестагот најавија брза меѓусебна координација.

https://p.dw.com/p/40w2A
Копретседателката на Зелените, Аналена Бербок и лидерот на ФДП, Кристијан Линднер
Копретседателката на Зелените, Аналена Бербок и лидерот на ФДП, Кристијан Линднер

И победникот на изборите Олаф Шолц од СПД и губитникот Армин Лашет од конзервативната Унија сакаат да станат канцелар. Но, кој и да успее да направи коалиција тешко дека ќе може без Зелените и Либералите - и јасни отстапки за двете партии. Повторна широка коалиција меѓу Унијата и СПД е малку веројатна опција. Од третопласираните Зелени со 14,8% поддршка и Либералите, кои се на четврто место со 11,5%, ќе зависи кој ќе седне во кабинетот на канцеларот.

Зелените и Либералите за тимска работа

Слични изјави и од Зелените и од Либералите (ФДП) на изборната вечер. „Време е за промени“, најави шефот на партијата Кристијан Линднер на изборната забава во централата на партијата, познатата „Куќа на Геншер”. Тој и неговата партија се радуваат на изборниот резултат и на благо зголемената поддршка.

И кај Зелените се зборува за „Обнова на земјата“. Но, во партијата не владее преголема еуфорија. Зелените очекуваа поголема поддршка и номинираа свој кандидат за канцелар – Аналена Бербок. „Сакавме да постигнеме повеќе, но не успеавме во тоа,“ изјави Бербок. Сепак смета дека Зелените добиле евидентен „мандат да влијаат на иднината“.

Infografik BTW21 Wahlergebnis MK 0502

Изненадувачка понуда од ФДП за Зелените

Зелените и Либералите всушност традиционално не се „мирисаат”. Па така, во предизборната кампања пред сѐ си ги нагласуваа разликите во однос на климатската заштита, даночната и социјалната политика. Но, на изборната вечер, врвниот кандидат на ФДП, Кристијан Линднер им понуди на Зелените набрзо да започнат преговори за можно учество во формирањето на владата. Сметал, како што рече, дека прво треба да разговараат партиите со „најголема поларизација“. Кандидатот на Зелените, Аналена Бербок веднаш ја прифати подадената рака.

Со други зборови: партиите што ќе одлучуваат за канцеларот сакаат прво меѓу себе да се договорат со кого би сакале да коалицираат – Олаф Шолц или Армин Лашет. Според медиумски извештаи, први разговори меѓу шефовите на либералите, Кристијан Линднер и ко-претседателот на Зелените, Роберт Хабек имало уште на изборниот ден. Преку овие првични контакти дуото од двете помали партии сигнализира дека сакаат да одиграат решавачка улога во формирањето на идната влада.

Ставот на либералите често пресуден

Претседателот на ФДП, 42-годишниот Кристијан Линднер, во едно телевизиско интервју неодамна изјави: „Не ми се допаѓа кога велат дека ние одредуваме кој ќе биде канцелар.“ Но, либералите се повторно токму тоа – клучниот тег на вагата, како и многупати досега во историјата на Германија, на чиј тек либералите многупати влијаеле преку учество во владата. Тоа некогаш било во коалиција со Унијата, некогаш со социјалдемократите, но никогаш досега во тројна коалиција и со Зелените. За тоа сега има две опции: т.н. „Семафор коалиција“ меѓу СПД, Зелените и ФДП, или „Јамајка коалиција“ меѓу партиите на Унијата, Зелените и ФДП.

Зелените за Олаф Шолц, либералите за Армин Лашет

Ако на изборната вечер го прашавте членството на ФДП, одговорот ќе беше јасен: префериран состав на новата влада е „Јамајка“ коалиција од Унијата, Зелените и Либералите со Армин Лашет за канцелар - и покрај тоа што тој излезе втор на изборите. Во разговор со ДВ ниту еден од либералите не зазема позитивен став за т.н. „семафор коалиција”, односно од СПД, ФДП и Зелените, на чело со победникот Олаф Шолц. Велат дека во таква констелација нив само ќе ги „подмачкаат”.

Кај Зелените пак друга слика. Партијата има веќе искуство во владеењето со социјалдемократите од 1998 до 2005. Канцелар во тоа време беше Герхард Шредер, вицеканцелар Јошка Фишер.

Победникот Олаф Шолц од СПД или поразениот Армин Лашет од ЦДУ: кого Зелените и ФДП на крајот ќе донесат во канцеларската фотелја
Победникот Олаф Шолц од СПД или поразениот Армин Лашет од ЦДУ - кого Зелените и ФДП на крајот ќе донесат во канцеларската фотелја?Фотографија: Wolfgang Rattay/Reuters & Martin Meissner/AP/picture alliance

Претседателот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Антон Хофрајтер, во интервју за телевизијата АРД посочи дека Унијата е губитник на изборите. Со други зборови: Зелените не се многу наклонети да помогнат Лашет да стане канцелар. Затоа на изборната забава на Зелените јасно се чувствуваше дека се преферира коалиција со победникот СПД и Либералите. Поклопувањата во политиките се поголеми со СПД отколку со ЦДУ, велат многумина од членовите на Зелените.

И покрај тоа, Зелените во изминатите години си ги држеа сите опции отворени. Не сакаа да бидат ограничени единствено на коалиција со СПД, особено од јануари 2018-тата, откако Аналена Бербок и Роберт Хабек дојдоа на врвот на партијата. Двајцата ги сметаат за дел од прагматичното крило на Зелените кое застапува реалистична политика.

Покер за функции: Либералите условуваат

Либералите повлекоа две црвени линии за учество во владината коалиција: да нема зголемување на даноците и да нема разводнување на т.н. „кочница за задолжување”. Државата треба само во мошне ограничен обем да прави нови задолжувања. Либералите стравуваат дека коалиција под водство на СПД би можела да се откаже од таквиот курс.

ФДП поставува и уште еден услов: „Сакам да бидам министер за финансии”, нагласуваше Кристијан Линднер постојано во предизборната кампања. Но, и копретседателот на Зелените, Роберт Хабек, фрлил око на истата функција. Можеби при распределбата ќе биде од помош тоа што Хабек и Линднер се на „ти”. Поранешниот шеф на Зелените, Џем Ездемир, може да си замисли да биде прв човек во министерството за надворешни работи. 

Спорна тема: заштита на климата

Покрај персоналните решенија, на Зелените им е во двете можни констелации од особено значење темата за заштита на климата. Ако се согласат за Јамајка-коалиција, би можеле како цена за тоа да бараат Министерство за клима, животна средина и економија.

Либералите за заштита на климата пред сѐ се потпираат на иновативноста на економијата. Државни прописи за заштита на климата како што бараат Зелените, партијата засега не прифаќа.

Но, по изборите и на оваа тема се насетуваат промени. Потпретседателот на партијата, Јоханес Фогел, во радио интервју изјави дека би можеле да се договорат за горна граница за јаглероден диоксид и потоа да се ослободат иновативните сили на економијата. „На земјата и на климата во светот” тоа може добро да ѝ дојде, вели Фогел во емисијата на Дојчландфунк.

Заеднички им е успехот кај младите гласачи

При сите културолошки и политички разлики, Зелените и Либералите ги поврзува тоа што младите гласачи и оние кои гласаат за првпат особено често се одлучиле за една од двете партии. Дуото кое ќе одлучува за владината коалиција доби по една четвртина од гласовите на младите. Барем од оваа група тие недвосмислено добија легитимитет да одиграат клучна улога во составувањето на идната влада.