1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц: потценуван, исмејуван, а сега спасител на СПД?

Сабине Кинкарц
27 септември 2021

Кој е човекот кој ги воскресна германските социјалдемократи и по долгиот пост повторно им донесе победа на изборите за Бундестагот? Ви го претставуваме Олаф Шолц, човекот кој истрајно и упорно напредуваше кон врвот.

https://p.dw.com/p/40uip
Олаф Шолц, кандидатот на Социјалдемократска партија за германски канцелар, најмногу придонесе за тесната победа на партијата на изборите за Бундестагот
Олаф Шолц, кандидатот на Социјалдемократска партија за германски канцелар, најмногу придонесе за тесната победа на партијата на изборите за БундестаготФотографија: Michael Probst/AP/picture alliance

Радост и огромно благодарност за тоа што им ја донесе победата – Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го славеше својот канцеларски кандидат Олаф Шолц во изборната вечер кога излезе на бината во централното седиште на партијата во Берлин. Тој успеа да направи нешто што само пред неколку месеци изгледаше крајно нереално – да ја извлече СПД од долгогодишниот пад на поддршка во анкетите и да оствари значително подобар резултат од изборите од 2017. Пролетоска партијата уште имаше поддршка од само 15%, така што овој резултат е брилијантен камбек.

Ова не значи дека вратата до канцеларската фотелја му е автоматски отворена – кој ќе ја води Германија ќе се знае дури по коалициските преговори во претстојните недели, а можеби и месеци. Не само СПД, туку и ЦДУ и ЦСУ можат да направат владина коалиција со Зелените и ФДП. Во преговорите пратениците влегуваат со крената глава водени од чувството дека постигнале многу.

СПД му должи многу на Шолц

Шолц, Шолц, само Шолц. Во изборната кампања СПД првенствено се потпираше на својот кандидат за канцелар. Тој доминираше на плакатите, на бините, политичките дебати. Кампањата на социјалдемократите беше целосно фокусирана на 63 годишниот политичар. „Тој си ја тера работата и знае како да го прави тоа што е потребно“ беше пораката со која социјалдемократите го презентираа Шолц.

Infografik BTW21 Wahlergebnis MK 0502

Државник со голема владина одговорност – тоа е сликата која за него сакаше да ја промовира СПД. По природата на нештата логичен наследник на Ангела Мерел која по 16 години се повлече од канцеларската позиција. Од 2018 Олаф Шолц е министер за финансии во кабинетот на Меркел, како и вицепремиер во владата на широката коалиција на СПД и партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ.

Кандидат за канцелар на партијата која не го сакаше за свој претседател

Колку е всушност Олаф Шолц социјалдемократ? На прв поглед чудно прашање за чиј одговор треба да се погледа блиското минато на партијата. Во 2019 година Олаф Шолц сакаше да стане претседател на СПД. Но, на конгресот, според гласовите од членството загуби од двоецот Заскија Ескен и Норберт Валтер – Борјанс кои ветија дека политички ќе го свртат СПД кон лево.

Олаф Шолц од секогаш повеќе го сметале за дел од конзервативното крило на партијата. Дотолку повеќе беше изненадување одлуката на Ескен и Валтер-Борјанс во август 2020 да го номинираат токму него за кандидат за канцелар. СПД избра кандидат за претседател на владата човек кого не го сакаше за претседател на партијата.

Протреси сѐ и продолжи по својот пат

Шолц за одлуката коментираше дека тие имаат одлична, блиска и хармонична соработка. „Веднаш по нивниот избор за челници на партијата започнавме тесна соработка со што ни се зајакна меѓусебната доверба, така што во еден момент бев сосем сигурен дека ќе ми предложат вакво нешто, а и двајцата имаа релативно рано чувство дека јас сум вистинскиот кандидат.“

Една реченица која прецизно покажува како Олаф Шолц се носи со кризи: протреси се, стани и продолжи по својот пат без да се сомневаш во себе. Шолц е благословен со непоколеблива самодоверба. Во неговата повеќедецениска политичка кариера има доживеано повеќе потреси и падови, но ниту еден не можел да го исфрли од колосек.

Олаф Шолц меѓу лидерскиот двоец на СПД, Норберт Валтер Борјанс и Заскија Ескенс
Олаф Шолц меѓу лидерскиот двоец на СПД, Норберт Валтер Борјанс и Заскија ЕскенсФотографија: Reuters/Bensch

Трезвено и прагматично – тоа се бара во кризни времиња

Иако Шолц не помина најдобро во парламентарните истражни комисиии за даночниот скандал, ниту случајот со измама „Вајркард“, сепак тоа немаше никакви политички последици за него. Од секогаш умеел да ги неутрализира таквите обвинувања. Впрочем и сега само една недела пред изборите беше на распит кај парламентарната комисија за финансии која истражува грешки во надзорот на единицата за перење пари.

Во корона – пандемијата Шолц како министер за финансии беше задолжен за исплата на милијарди евра помош. Точно знаеше како да ја искористи оваа позиција и да се стави во фокусот на јавноста. „Ова е оружје кое сега мора да го примениме за да го направиме она што е потребно“, вети пролетта 2020 година, кога пандемијата стаса и во Германија.

„Никој не треба да стравува“

Германија може финансиски да се справи со пандемијата – гласи мотото уште од тогаш. 400 милијарди евра ново задолжување до крајот на 2022 година презема Германија. Земјата ќе излезе брзо од овие долгови, вети Шолц во кампањата: „Никој не треба да стравува бидејќи ова веќе еднаш ни успеа во последната криза во 2008/2009 година. Ќе го направиме истото за помалку од десет години.“

Слично аргументира и во однос на климатската заштита. Зелените имаат неколку добри идеи, но тие може да ги спроведат само со СПД и нивниот пристап за да функционира сето тоа економски и општествено. „Прагматична, но насочена кон иднината“, вака Шолц ја сумираше партиската програма.

Во однос на надворешната политика се залага за континуитет. Под негово водство Германија ќе се залага за „посилна, суверена Европа“ која „ќе зборува со еден глас“ оти во спротивно “нема да играме никаква улога“, рече Шолц. Со речиси десет милијарди луѓе во светот во иднина „ќе има и други сили, не само Кина, САД и Русија“, туку и многу азиски земји. Соработката со САД и НАТО остануваат како едни од неговите основни принципи.

Избори во Германија: „Хипикот“ Бербок против „џогерот“ Шолц и „вљубениот“ Лашет

Со  „шарм” на автомат

Изгледа дека тоа наиде на добар прием кај граѓаните. Во несигурни времиња прагматизмот се цени повеќе од харизмата. Попусто од Шолц ќе барате да се отвори, да покаже емоции, па дури и во моменти на најголема радост тој сепак демонстрира воздржаност на британски батлер.

Шолц многу доцна научи дека во политиката треба и себеси да се инсценираш и добро да ја продадеш својата порака. Во предизборната кампања настапуваше попријателски, со поголема блискост до луѓето, ја промени гестикулацијата и мимиката.

Тивок и ефикасен подем 

Многу години карикирано го викаа „Шолцомат”, игра на зборови од Шолц и автомат. Поимот прв го употреби неделникот Цајт во 2003 година бидејќи тогашниот генерален секретар на партијата делувал како машина, кога тогашната реформа на пазарот на трудот позната како Харц IV, ја бранеше во повеќе наврати со технократски објаснувања. „Јас бев тој што требаше да ја продаде реформата и морав да покажам одредена неумоливост", се оправдуваше Шолц подоцна.

Ниту на негивата партија не и беше секогаш лесно со претежно интровертниот прагматичар од Хамбург кој кажува онолку колку што е нужно потребно во ситуацијата. Кога се кандидирал за партиски позиции  по правило имал најлоши резултати. Сепак му успеа на политичката вертикала со труд да стаса до врвот. Тивко и мошне ефикасно.

Од критичар на капитализмот до сојузен министер за финансии

Притоа помина низ значајна политичка промена. Како заменик претседател на Подмладокот на СПД, во 80-тите години уште радикално социјалистички се залагаше за “надминување на капиталистичката економија”. Но, преку неговата работа како самостоен адвокат специјализиран за трудово право во Хамбург младиот правник многу научи за тоа како функционира економијата и самостојното претприемништво. Тоа оставило печат. Шолц беше генерален секретар на партијата, дојузен министер за труд, сенатор и градоначалник на Хамбург пред да стане сојузен министер за финансии во 2018. Како канцелар би сакал да владее со Зелените и Либералите. Но, нив сега им пристапува и Унијата за преговори. Кој на крајот ќе ја добие трката и дали Олаф Шолц ќе стане канцелар ќе покажат следните недели и текот на коалициските преговори.  

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ