1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Незадоволните сѐ погласни, нови ублажувања сѐ поизвесни

СН/дв | агенции
4 мај 2020

Нова недела со коронавирусот во Германија. Канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери се под засилен притисок за ублажување на рестрикциите поради пандемијата, кои од ден во ден наидуваат на сѐ поголема критика.

https://p.dw.com/p/3bjfN
BdT | Corona Virus: Das öffentliche Leben in Stuttgart
Фотографија: Imago Images/Lichtgut/M. Kovalenko

Во Германија деновиве кружат слики од масовни демонстрации против ограничувањата на правата и слободите на граѓаните во екот на пандемијата. 

Земјата дневно бележи сѐ помалку заразени со коронавирус, па по месец и половина релативно строги рестрикции многумина се прашуваат кога работите ќе се вратат во нормала. Падот на бројот на новозаразени би бил „Пирова победа“ доколку мерките бидат пребрзо укинати, предупреди институтот Роберт Кох.

Но, германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмајер, смета дека е добро што гласно се дискутира за тоа кога треба да се укине која мерка.

Кои мерки се во сила

Притисокот врз владата расте и со економијата која трпи голема штета, но и од одделни општествени групи, на пример младите родители кои не знаат кога децата ќе им се вратат во градинка или редовно во училишните клупи, а тие на работа.

Повеќе:

-Фризерите почнуваат со работа: Им дојде крајот на долгите коси

-Германија: Нови мали чекори кон нормалноста- но со растојание

-Одлуките не ги носат виролозите, туку политиката

Во среда е најавена нова видео-конференција на Ангела Меркел и премиерите на 16-те германски покраини, под чија  надлежност е спроведувањето на законите за заштита од заразата. Министерот на канцеларската канцеларија, Хелге Браун, претходно предупреди дека „не може да постои апсолутна рамноправност во сите области во општествениот живот бидејќи се настапува чекор по чекор“.

Во моментов во поголемиот број покраини се отворени продавниците до 800 метри квадратни продажен простор, како и поголемите книжарници, салони за мебел и за автомобили. Рестораните и кафулињата смеат само да продаваат храна, но не и да ги служат гостите.Одделни покраини внимателно почнаа со настава за завршните години во средните училишта, додека училиштата и градиниките само ги згрижуваат децата на родителите кои имаат критични професии, како лекари и полицајци.

Во цела Германија и натаму е на сила забраната за собирања на повеќе од две лица кои не живеат во исто домаќинство во јавен простор. Оваа забрана од денеска прва ќе ја попушти покраината Саксонија-Анхалт која ќе дозволи собирања до пет лица.Додека некои покраински премиери го критикуваа тоа што оваа покраина сама реши да ги попупшти мерите, тамошниот премиер Рајнер Хазелхоф вели дека чекорот е „консеквентен“. „Луѓето мораат да видат дека нивната дисциплина се исплатува“, изјави тој за јавниот сервис МДР.

Протест на угостителите и туристичкиот сектор

Во минатата недела канцеларката и покраинските министри договорија скорешно отворање на музеите, галериите, золошките градини, ботаничките градини, како и фризерите и козметичарите, што постепено се случува со темпо, кое го одредува секоја покраина посебно. Во продавниците кои се отворени како и во јавниот превоз од минатата недела задолжително е прекривање на носот и устата - со маска или на пример, со марама. „Канцеларката Меркел и премиерите не смеат натаму да ги остават на цедило хотелиерите и угостителите“, изјави за весникот Билд шефицата на Здружението за хотели и гостилници, Ингрид Хартгес. 

Засега не е наведено кога би можеле да почнат со работа хотелите и рестораните.Туристичкиот сектор е во уште поочајна ситуација. Според зборовите на Норберт Фибиг, претседател на ова здружение, оваа бранша до средината на јуни ќе загуби 10,8 милијарди евра. И тој бара од властите јасен план кога туризмот може да заживее чекор по чекор.

Министерот за надворешни работи; Хајко Мас, пак повика на претпазливост. „Не смееме и не сакаме да одлучуваме избрзано. Не можеме и не сакаме повторно да собираме 250.000 луѓе кои се на одмор“, алудираше Мас на акцијата за враќање на германските туристи по избивањето на пандемијата.