Германија од 15 јуни дозволува патување во европските земји
3 јуни 2020Германската влада одлучи да го укине предупредувањето за туристички патувања во 29 европски земји, почнувајќи од 15 јуни. Ова го соопшти денеска германскиот министер за надворешни рабти Хајко Мас по владината седница во Берлин. Бидејќи во Шпанија и во Норвешка уште важи забрана за влез во земјата и по 15 јуни, патничките ограничувања за овие две земји се привремено продолжени до 21 јуни, а веднаш потоа ќе бидат и тие укинати.
Од 15 јуни германските граѓани ќе можат да патуваат во 26 земји-членки од ЕУ, Велика Британија и четири држави од Шенген просторот, кои не се дел од ЕУ: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн, со тоа што укинувањето на патувањето за Шпанија и Норвешка се пролонгира за една недела.
Но, укинувањето на предупредувањето за патување во никој случај не значи и поттик за туристички патувања, истакна министерот Мас. Освен тоа, доколку ситуацијата со коронавирусот во одделни земји се влоши, повторно ќе биде воведено патничко ограничување за нив. Германската влада притоа се ориентира на граница од 50 новозаболени на 100.000 жители во текот на седум дена за сите европски држави. Доколку таа бројка се надмине повторно ќе се воведуваат рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот.
Повеќе:
Се чека знак за старт: Летен одмор во Европа
Германија ќе дозволи патувања за 31 европска земја од 15 јуни
Како ќе се патува со авион во време на корона?
ЕУ ги отвора интерните граници, надеж за спас на летната сезона
Министерот Мас на 17 март го издаде предупредувањето за туристички патувања поради избувнувањето на пандемијата на коронавирус и тоа глобално, за сите 200 земји во светот, што е досега единствен чекор. Досега предупредувања за патување во одредена земја беа издавани доколку постои опасност по живот, на пример во воени области.
Министерството за надворешни работи на граѓаните и натаму ќе им дава индивидуални совети за патување со кои ќе се наведуваат ризиците за секоја поединечна држава. Германската влада дополнително ќе одлучи во врска со предупредувањето за патување во другите европски земји.