Германија: Северна Македонија заслужува европска перспектива
22 октомври 2019„Германија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа секогаш сме го правеле“, порачува германската амбасада во Скопје во денешното соопштение. Изјавата на амбасадата е последна во серијата реакции од политичари и партии од Германија кои го критикуваат француското вето на самитот на ЕУ во Брисел и најавуваат продолжување на поддршката. Од германската амбасада велат дека очекуваат „Северна Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ“.
Вчера слична поддршка стигна и од германскиот министер за економија Петер Алтмајер како и од партијата на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ.
„За Германија, започнувањето на пристапните преговори на Европската унија со Република Северна Македонија е и останува да биде суштинско прашање на безбедноста и стабилноста во Европа“, наведува амбасадата.
„За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа.“
„Германскиот Бундестаг со својата одлука на 26 септември 2019 г. ја исполни оваа одговорност. Нашата позиција не се промени, и таа и понатаму треба да служи како импулс за размислување за другите. И ние сме за тоа, пристапниот процес во целина да биде потранспарентен и подобар. Но, исто така сме уверени, дека вреди да ѝ се понуди европска перспектива на Република Северна Македонија“, наведуваат од германската амбасада во Скопје.