1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот кон ЕУ останува отворен, уверува ЦДУ

БГ
21 октомври 2019

Од партијата на канцеларката Меркел излегоа со изјава во која ги уверуваат Скопје и Тирана дека европскиот пат им останува отворен и ги повикуваат да продолжат со реформите. Париз нема да каже вторпат „не“, велат оттаму.

https://p.dw.com/p/3RfDM
Deutschland Bundestag | Bundeswehreinsatz in Afghanistan
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Двајца пратеници на владејачката германска ЦДУ/ЦСУ, Јохан Вадефул и Кристијан Шмит од име на двете сестрински партии уверуваат дека ЕУ перспективата на земјите од Западниот Балкан не е затворена со француското вето на самитот во Брисел.

Вадефул ги повика Северна Македонија и Албанија „негативниот исход од Европскиот совет да го земат како поттик за натамошни реформи“.
„Доколку двете земји останат на својот курс, Париз нема да може по вторпат да го сопре почетокот на пристапните преговори. (...) Германија се залага за европска перспектива на Западниот Балкан“, изјави Вадефул.
Неговиот колега од сестринската ЦСУ, Кристијан Шмит вели дека „одлуката на Европскиот совет мора итно да се ревидира“.
„Приближувањето на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ не смее да остане блокирано. Остануваме убедени дека за сите земји од Западниот Балкан има место во ЕУ, откако ќе ги исполнат критериумите. Тоа вклучува и конечно почеток на преговорите“, вели Шмит. Германскиот пратеник предупредува дека доколку „ЕУ не се грижи за Западниот Балкан, други сили во него ќе создадат зони на влијание“.
„Тоа не би требало никој да го посакува“, вели Шмит.

Bundeslandwirtschaftsminister - Christian Schmidt
Кристијан Шмит повикува на итно ревидирање на француското „не“Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Двајцата пратеници потсетуваат на заклучоците на Бундестагот во кои, особено за Албанија, беа наведени дополнителни услови за почеток на преговорите. Шмит смета дека тие се доволна гаранција за скептични држави како Франција, Холандија или Данска да дозволат отворање на преговорите.