1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој може да патува во Германија за време на пандемијата

11 јуни 2020

Веста дека германската влада не препорачува патување во 160 земји во светот заклучно со 31 август годинава, многумина ја протолкуваа и како забрана за влез на странски (македонски) државјани во таа земја. Тоа не е точно.

https://p.dw.com/p/3ddTy
Coronavirus | Deutschland | Österreich | Grenze
Фотографија: picture-alliance/SvenSimon

Поради пандемијата на коронавирусот, Владата во Берлин одлучи да им препорача на своите државјани да не патуваат во речиси сите држави надвор од ЕУ. Ваквата одлука, во најголем дел, е донесена заради заштита на граѓаните во претстојната летна туристичка сезона, и дополнително, за да не се повтори ситуацијата од почетокот на пандемијата кога над 240 илјади германски државјани останаа заглавени ширум светот па мораа да бидат враќани во татковината со специјални летови. Министерот за надворешни работи Хајко Мас притоа порача дека сака да избегне повторување на таа ситуација по секоја цена.
Но, препораката не значи и забрана за влез на странски државјани во Германија, се разбира, под одредени услови.
„Предупредувањето за патување се однесува на патувања од Германија во странство. Ограничувањата при влез во Германија тука не се опфатени. Ограничувањата и граничните контроли при влезот во Германија се утврдени од германското Министерство за внатрешни работи и контролирани од полицијата“, се наведува во соопштението на германското МНР“.
А еве што вели германското Министерство за внатрешни работи на оваа тема:
„Државјани на трети земји (надвор од ЕУ) кои поседуваат долгорочна дозвола за престој, или пак виза за подолг престој, можат да се вратат во своето место на живеење“.
Тоа значи дека сите македонски државјани кои имаат дозвола за престој или виза, можат во било кое време да се вратат во Германија, доколку се разбира, пронајдат начин како да го сторат тоа имајќи ги предвид ограничувањата кои во моментов владеат во Северна Македонија.
Од друга страна, патувањето во Германија од туристички причини и натаму е ограничено за трети земји (меѓу нив и Северна Македонија). Таквото ограничување е донесено на ниво на ЕУ и начелно требаше да трае до 15 јуни, а сега се продолжува до почетокот на јули. 
Од 15 јуни, согласно одлуката на Берлин, туристички посети и патувања се дозволени во и од 31 европска држава, 26 земји-членки на ЕУ, плус Велика Британија, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. За останатите се уште важи забраната која беше донесена на ниво на ЕУ. Во таа забрана не влегува само Северна Македонија, туку и сите останати држави од регионот на Западниот Балкан.
Што се однесува до транзитот низ Германија, на македонските државјани тој им е дозволен доколку нема алтернатива. Тоа може да се докаже со приложување на карта за превоз или авионски билет. Доколку се исполнат овие услови, може да се патува и низ внатрешноста на Германија за да се дојде до посакуваниот аеродром, на пример.
Дополнително, македонските државјани кои што можат да докажат дека „извршуваат важна функција или демонстрираат валидни причини за влез во земјата“ исто така смеат да влезат во земјата. Оваа одредба во прв ред се однесува на оние лица кои имаат добиено или имаат гаранции дека ќе добијат работна виза во земјата или на просторот на ЕУ. За сите нив важи правилото за слободно движење на работна сила за време на епидемијата на Ковид-19 на ЕУ.

Ограничувањата не важат, односно влезот во Германија им е дозволен на сите лица без оглед на државјанството, кога се работи за лични или семејни причини. На пример: медицински третман, посета на брачен партнер, спојување на семејство (само доколку веќе се поседува виза, односно таа е издадена пред почетокот на ограничувањата), или посета на образовните, училишни и студиски институции за кои е неопходно лично присуство. Сепак, имајте предвид дека конечната одлука во вакви случаи им е оставена на дискреција на полициските и граничните службеници на самата граница. Во овој случај, неопходно е да се пополни изјава која можете да ја најдете на овој линк и која при влезот во земјата им се предава на службениците. 
Притоа, сојузната германска полиција им препорачува на сите кои планираат да патуваат во Германија во овој период претходно да ги проверат препораките на покраината во која планираат да престојуваат. Ова од причина што честопати одредбите и препораките на сојузните покраини можат и да се разликуваат од оние на централната влада. На пример, дали по пристигнувањето во земјата ќе мора да одите во самоизолација или карантин. Во моментов, на територијата на целата земја, во сила е генералното правило дека секој кој доаѓа од трета земја мора да мине две недели во карантин согласно препораката на Роберт Кох Институтот.

Препораките на германското МВР можете да ги прочитате на следниот линк.

Накусо, можете да патувате во Германија доколку:

- Имате дозвола за престој или долгорочна виза; 

- Имате потреба од транзит низ земјата и за тоа не постои алтернатива;

- Имате неодложна потреба од медицински третман;

- Посета на семејство со претходна виза;

- Во секој случај ќе морате да минете две недели во домашен карантин (самоизолација).