Германска поддршка за НАТО-членство на Финска
12 мај 2022Германскиот канцелар, Олаф Шолц, денеска, во разговор со финскиот претседател Саули Нинисто, ја поздрави подготвеноста на земјата да се приклучи кон НАТО.
„Ја поздравувам одлуката на Финска без одложување да се придружи на НАТО“, порача Шолц на Твитер. Тој додаде дека го уверил Нинисто оти германската влада ќе ѝ пружи целосна поддршка на Финска.
Во телефонскиот разговор со Нинисто, Шолц ја поздрави заедничката изјава на шефот на финската држава и на премиерка Сана Марин нивната земја веднаш да се приклучи на западниот одбранбен сојуз, изјави денеска портпаролот на германската влада, Штефен Хебестрајт. Во разговорот станало збор и за безбедносната ситуација во Европа како резултат на руската агресивна војна против Украина.
Повеќе: Финска и Шведска на пат кон НАТО
Финскиот претседател, Саули Нинисто, и премиерката, Сана Марин, претходно денеска соопштија дека земјата мора да поднесе барање за членство во НАТО без одложување. Оваа одлука треба да биде одобрена во парламентот.
„Финска мора се пријави за членство во НАТО без одложување. Се надеваме оти во наредните денови ќе бидат преземени неопходните чекори, многу брзо“, нагласија во заедничкото соопштение финските претседател и премиерка.
Финска дели граница со Русија, долга 1.340 километри, и има комплексна историја во односите со Москва, а досега беше надвор од Северноатланската алијанса за да ги задржи пријателските односи со источниот сосед.
Повеќе: Руската агресија ја турка Финска поблиску до НАТО?
Русија денеска предупреди оти ќе мора да преземе „воено-технички чекори“ поради одлуката на Финска да стане членка на НАТО.
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека пристапувањето на Финска во НАТО „ќе нанесе сериозна штета во руско-финските односи, како и за стабилноста и безбедноста во северна Европа“.
„Русија ќе биде принудена да преземе чекори за одмазда на воено-технички и други карактеристики за да се спротистави на растечките закани за својата национална безбедност“, наведе Министерството.
Финска, иако има право да одлучува за начините на кој ќе обезбеди сопствена безбедност, „мора да биде свесна за својата одговорност и за последиците поради таквиот потег“, додаде Министерството за надворешни работи, кое го води Сергеј Лавров.