1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Главоболки околу пописот 

ДТЗ /ДВ
29 декември 2020

Нови тензии и несогласувања меѓу партиите во Северна Македонија. Опозицијата поднесе 26 амандмани, а забелешки имаат и од дел од албанскиот опозициски блок

https://p.dw.com/p/3nL58
Volkszählung Frau mit Strichcode auf der Stirn Symbolbild
Фотографија: BildPix.de/Fotolia

Растат тензиите и несогласувањата меѓу партиите во пресрет на одржувањето на пролетниот попис во Северна Македонија. Статистичката операција, којашто 18 години како не е спроведена во земјата, постојано наидува на нови препреки и барања на дел од партиите, коишто власта ги оценува како нереални, со цел пролонгирање на процесот. Од СДСМ се категорични дека попис во 2021 година ќе има, додека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето за набавка на терминали за отпечатоци од прст. Тие поднесоа 26 амандмани за Законот за попис кој влезе во собраниска процедура. Со забелешките бараат државата да набави 10.000 терминали за отпечатоци од прст, со кои ќе се добие реална и вистинска слика за бројноста. За опозицијата е спорно и барањето за врзан потпис на директорот и заменикот директор на Државниот завод за статистика (ДЗС). Повеќе време за амандмани и рок за попис на 30 април побараа и албанските опозициски партии. Од Алијанса и Алтернатива се противат ДЗС да го спроведува пописот.

Пописот не смее да се политизира

Предлог-законот за попис денеска беше разгледуван на собраниската Комисија за европски прашања. Тој се очекува на собраниска седница да биде ставен по 18 јануари.

-повеќе на темата: Северна Македонија ќе се попишува електронски во време на пандемија

Пописот не смее да се политизира, порачаа од владејачката СДСМ и ја обвинија опозицијата за неконструктивност. „Со предлог Законот за попис, имаме за цел, оваа статистичка операција, сега и во иднина да не се третира веќе како политичко прашање. Пописот не смее и нема да зависи од волјата на политичките партии и лидери. Тој погрешен концепт на ВМРО ДПМНЕ, пописот да биде политичка операција се потврди како погрешен во 2011 година“, изјави Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка на СДСМ. Според неа, попис на населението ќе има идната година во април, бидејќи тоа е неопходно за развојот на државата.
Координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, изјави дека тие ќе го поддржат законот, но сметаат дека треба да се пролонгира рокот за завршување на пописот и тој да биде на 30 април, за што имаат поднесено амандман. Тие исто така бараат Државниот завод за статистика да не биде надлежен за  операцијата, туку од страна на Владата да биде формирана службена државна пописна комисија, која ќе го надгледува пописот, бидејќи, „немаат доверба во институцијата која од девет раководни места, нема ниту еден Албанец“.

-повеќе на темата: Во „5 до 12“ и отпечатокот ќе влезе во пописот

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека поднеле 26 амандмaни на предлог-законот за попис. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски рече дека е подобро пописот да се пролонгира за еден месец, додека се набават овие апаратчиња, отколку тој да не биде кредибилен. „Се работи за суштински амандмани кои ќе ги аргументираме затоа што со нив би значело подобрување на самото законско решение и влевање на доверба во целото ова решение кое што се нуди сега“, рече Мицевски на прес-конференција во Собранието.

Не е спорен предлогот, туку тајмингот

Експратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, со отворено писмо му се обрати на претседателот Стево Пендаровски, повикувајќи го да не го потпишува законот за попис и со тоа да спречи донесување закон за кој нема минимален консензус. Претседателот Стево Пендаровски, пак,  вчера во интервју за Јавниот сервис рече дека не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата да се обезбедат терминали за отпечатоци од прст за пописот, доколку со тоа се даде поголема веродостојност на самата статистичка операција, но смета дека нема доволно време.

-повеќе на темата: Попис по нов метод, но со стари дилеми

„Ако тоа е прифатливо за да имаме поголема валидност на тој попис, зошто да не? Само се плашам, знаејќи ги нашите тендерски постапки, а имаме само три и пол месеци до практичното отпочнување, дали можеме да ги набавиме тие апаратчиња. Не гледам проблем во предлогот, туку во тајмингот“, истакна Пендаровски во вечерашното интервју за Јавниот сервис. Во однос на европското знаменце со кое е поднесен законот за попис, Пендаровски вели дека не е важно дали законот има европско знаменце или не, најважна е политичката волја дали може сите да се усогласат што е витален државен интерес.
Претходно и премиерот Зоран Заев изјави дека се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на законот за попис да бидат прифатени. „Јас не знам како ќе дадат отпечаток од прст граѓаните што се иселени по една година, ама правиме напори, ако треба, да се снајдеме и за терминали за отпечатоци“, рече Заев. Премиерот додава дека власта прави напори да ги прифати предлозите од опозицијата за што побарале донации од 5 милиони евра за 5.000 апарати за отпечатоци од прст.