1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата ќе ja штитиме ако ги изгониме арамиите од власт

Костадин Делимитов10 мај 2016

Денарот е стабилен, но ако се урниса, виновна ќе биде исклучиво корумпираната и криминална власт која ја произведе паниката кај штедачите. Затоа таа мора да замине, вели поранешниот гувернер во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1Ik9d
Фотографија: Petr Stojanovski

Монетарната власт и деловните банки во моментов имаат сила успешно да се справат со настанатата вознемиреност кај штедачите. Паниката со повлекување на парите од банките не потекнува од разни креатори на заговор против државата (противници на оваа власт), туку од самата власт која е планетарно неодговорна и исто толку корумпирана, што граѓаните го разбраа, предупредува поранешниот гувернер Петар Гошев. Последните монетарни мерки за него не се изненадување и не очекува да предизвикаат шокови на пазарот на пари. Клучно според Гошев е сите да сфатат дека колку подолго власта ќе опстои, толку подолго ќе трае лечењето на општеството!

ДВ: Господине Гошев, можна ли е девалвација на денарот? Во 2001 година, во многу посериозни услови, домашната валута ја задржа стабилноста, дали ќе биде така и во 2016?

Гошев: Во овој момент нема ниту услови, ниту потреба за девалвација на денарот. За среќа, сé уште факторите од кои зависи тоа прашање не одат во прилог на таков исход. Инфлацијата е исклучително ниска. Во февруари, базичната инфлација беше околу нула, а десетгодишниот тренд на инфлацијата (просечно од 2 до 2,5%) го нема подјадено нивото на реалниот ефективен девизен курс. Дефицитот во тековната сметка на платниот биланс е умерен и, засега, без поголеми осцилации. Банкарскиот систем е стабилен, капитализираноста му е висока, а коефициентите на ликвидност се добри. Се разбира, ниту една економија не може да остане во зоната на стабилноста доколку самата власт подолго време произведува услови за нарушување на елементите од кои зависи политичката и економската рамнотежа во едно општество.

ДВ: Има ли капацитет НБРМ да се справи со шоковите?

Гошев: Прво да кажам дека во овој момент имаме напад на рамнотежата на девизниот пазар и напад врз стабилноста на банките. Нападот се манифестира преку зголемено повлекување на депозити од банките и зголемена конверзија на денари во девизи. Нервозата ја произведе самата власт. Граѓаните разбраа колку оваа власт е корумпирана, како се задолжува неодговорно, како неодговорно ги троши народните пари и дека многу народни пари одлева во странство на свои приватни сметки. Заедно со политичкиот ќорсокак, тоа ги натера граѓаните да мислат дека таквата власт може да ги загрози и нивните депозити, или пак дека таквите услови неминовно ќе доведат до девалвација на денарот. Народната банка и самите банки имаат сила во овој момент успешно да се справат со настанатата вознемиреност кај штедачите Народната банка имаа доволно девизни средства да интервенира на девизниот пазар, има стандардни и нестандардни инструменти да ја намали побарувачката на пазарот - да изврши контракција на понудата на пари и на тој начин да воспостави рамнотежа на пониско ниво на економска активност. Всушност да го одбрани курсот на денарот. А самите банки пак, имаат доволно ликвидност да одговорат на зголемените побарувања за повлекување на депозити.

ДВ: До сега монетарната политика беше максимално релаксирана, сега одеднаш се преземаат мерки во спротивна насока. Дали е ова шок за пазарот на пари?

Гошев: Мерките што ги презеде НБРМ досега се само почетни. Не се од групата на т.н. шок терапија. Всушност за такви мерки сé уште има време ако, не дај боже, затребаат. НБРМ, засега, само ја зголеми каматата на основниот инструмент, благајничките записи, за 0,75 базични поени (од 3,25 на 4%), овозможи банките со поголема камата да запишуваат девизни депозити кај неа и ја зголеми задолжителната резерва за денарски обврски на банките со девизна клаузула. Затоа, ова не произведува никаков шок на пазарот на пари. Се работи само за сигнали кои сугерираат поскапување на парите од домашни извори.

ДВ: Последните мерки на НБРМ се резултат на шпекулациите, кои го направија своето. Што мислите, дали се претера со несериозното политизирање, или пак со неодговорните политики на институциите?

Гошев:: Мерките на НБРМ не се резултат на шпекулации. Тие се резултат на реалното поведение на штедачите предизвикано од катастрофалните политики на власта во сите сегменти. Ништо не е исполитизирано од страна на граѓаните. Сé е исполитизирано и изманипулирано од страна на власта. Поради тоа, поради корупцијата, лагите и неодговорното трошење на јавните пари, граѓаните констатираа дека институциите раководени од оваа власт не се грижат за нивните интереси - не го штитат јавниот интерес - туку раководителите на тие институции само ги ѕидаат своите лични сметки и вкупно имотно салдо загрозувајќи ги фундаментите на државата. Де факто, граѓаните констатираа дека нема држава и затоа се побунија и бараат начини како да се заштитат.

ДВ: Со овие мерки сега благајничките записи станаа поатрактивни за банките. Власта обвинува за обид за уривање на денарот, но од друга страна прстот се вперува и кон неа за можно сценарио преку кое дополнително би се поттикнало финансирање на дефицитот откако подзапреа парите од надвор. Каде е одговорноста според Вас за паниката што се шири?

Гошев: Оваа власт десет години работи на производство на сеопшта криза во земјата. Сé што е урнисано во земјата е од неа, па ако дојде до „урнисување“ и на денарот (се надевам нема) и тоа ќе биде нејзино дело, а не на некои „шпиони“, „заговорници“, „предавници“, „странски платеници“ и слични. Со кризата која што ја произведе и ја одржува власта нема да ги зголеми изгледите за подобро финансирање на дефицитот во буџетската сметка. Напротив, ќе ги влоши (тоа веќе се случува), да не речам ќе ги затвори сите канали за поволно финансирање. Ако кризата продолжи економскиот раст неминовно ќе настрада, со тоа и приходите во буџетот. Драматично ќе се влоши и финансиската сметка на платниот биланс. Имено, сигурно ќе дојде до намалување на дознаките од сранство, до отежнување и поскапување на задолжувањето од странство по основ на кредити, до намалување на приливите преку странски директни инвестиции и до зголемување на финансиските одливи од земјата. Според тоа, паниката што се шири не потекнува од разни креатори на заговор против државата (противници на оваа власт), туку од самата власт која е планетарно неодговорна и исто толку корумпирана. Затоа, мојот совет до штедачите е: не ги повлекувајте депозитите од банките, туку активирајте се сите да ги изгониме од власта овие арамии, лажговци и лажни патриоти. Само така ќе ја стабилизираме економијата и заштитиме штедните влогови, работните места и државата како пристојно место за живеење.

ДВ: Монетарната политика треба да биде противтежа на фискалната, но со овие чекори како да оди во прилог на задоволување на апетите на власта за трошење. Дали Народната банка остана независна и имуна од влијанијата од власта?

Гошев: Монетарната политика и фискалната политика треба да се усогласени за да се оствари најдобар можен позитивен ефект врз економијата. Со оваа власт тоа не е можно. Со последниве и идните мерки што ќе мора да ги преземе НБРМ, доколку кризата продолжи, просторот за трошење на власта нема да се зголеми, туку драматично ќе се стесни. Но, за жал, тоа ќе значи и влошување на условите за живот на мнозинството граѓани во земјата.

ДВ: Постојано се зборува за јавниот долг, дали нивото е навистина загрижувачко?

Гошев: Дефинитивно, нивото на јавниот долг е загрижувачко. А често пати велиме дека уште позагрижувачка е структурата и конкретната намена на јавните расходи. Да не е така власта нема да ги зголемува неизмирените обврски кон приватниот сектор; нема да позајмува за да не ја доведе во прашање исплатата на пензиите; нема да го крие вистинскиот износ на јавниот долг; нема да го крие вистинскиот број на вработени во јавниот сектор; нема да прикажува повисок раст на БДП од стварно остварениот итн...

ДВ: „Кризата кога тогаш ќе заврши, колку време ќе и треба на економијата да се опорави од ова што се случува?

Гошев: „Важно е да заврши агонијата со оваа власт. Да си замине од институциите за да може тие да профункционираат, а нејзините главни актери да си ја добијат заслужената казна-политичка и кривично правна. Потоа работите може да тргнат кон подобро. Со секој нареден ден на останување на власт на арамииве, потребното време за лечење на општеството станува подолго.