1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски, Гетославија и ние

11 ноември 2019

„Малиот Шенген“ ниту е, ниту може да биде Југославија во ваков формат. Тоа може да биде само Гетославија, балканско гето за сите големи и мали, искрени и лажни сонувачи за ЕУ.

https://p.dw.com/p/3SoTG
Nord-Mazedonien: Westbalkan Gipfel
Фотографија: Government of North Macedonia

Нема нови сознанија. Вакви се одговорите од Обвинителството, една година по бегството на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во Будимпешта, откако правосилно беше осуден на двегодишна казна затвор за случајот „Тенк“. Досега е потврдено дека Груевски на 11-ти ноември 2018 година во 19 часот од Албанија влегол во Црна Гора. Точно се знае кога и во чија придружба потоа влегол во Србија, за на крајот да стигне и до посакуваната дестинација - Унгарија. Но, ни по една година сѐ уште не се знае како излегол од Македонија. Нема снимка на која се гледа дека тој поминува на регуларен граничен премин, што ги засили шпекулациите дека или бил сокриен во дипломатско возило, или дека ја преминал границата преку зелен појас.

Снимките од граничните камери кои Албанија требаше да му ги достави на македонското Обвинителство, одеднаш станаа непостоечки, со образложение дека, наводно, автоматски се бришеле по одредено време. Од Тирана до Обвинителството не доставиле никаква друга информација за влезот на Груевски во таа земја, па дури ни за хотелот каде што престојувал додека чекал да добие пасаван (привремен патен документ) од унгарската амбасада во Тирана. Таа амбасада била првата станица каде што тој официјално декларирал дека бара политички азил во Унгарија. Откако добил пасаван, на неговата бегалска рута бил превезуван со унгарски дипломатски возила, што му гарантирало посебен статус, и придружуван од претставници на унгарски амбасади во три држави - Албанија, Црна Гора и Србија.

Домашната јавност не знае како течела подготовката за бегство во Скопје и со чија логистика. Со оглед дека во моментот на бегството по него не беше распишана ни национална, ни меѓународна потерница, тој патувал непречено. На 13-ти ноември Груевски на Фејсбук соопшти дека се наоѓа во Унгарија и дека побарал азил. Една недела подоцна го доби. Заради  нерасветлените околности на бегството, до денес тлее сомнежот дали „избегал" или на сите им одговарало да не е овде? Поранешниот српски претседател Борис Тадиќ изјавуваше дека зад бегство „стои фаланга од регионални популисти кои организираат глувчешки канали за пренесување на осудени криминалци, и дека се работи за организиран трансфер на човек за кој водствата на Албанија, Црна Гора и Србија добро знаеле дека само неколку часа го делат од одење в затвор".

Домашните власти, пак, цела година повторуваат дека Груевски нема да избегне соочување со правдата, дека ќе биде вратен, дека ќе си ја отслужи казната... Засега јавноста нема информации на што се темели таквото уверување.

А во предвечерјето на годишнината од бегството на Груевски, премиери на земјите низ кои помина неговата бегалска рута (Албанија и Србија), во Охрид потпишаа декларација во рамките на иницијативата „Мал Шенген“ за економско поврзување и зајакнување на регионот, преку слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал. Во споменатиот контекст исклучок е Црна Гора која не ја прифаќа таа иницијатива, бидејќи смета дека сите мерки предвидени со неа се опфатени со ЦЕФТА-договорот.

Има некоја непријатна симболика на совпаѓањето на бегалскиот „прв роденден“ и градењето на темелникот за „Малиот Шенген". Имено, персоната што ја дотурка земјава до оценка од Европската Комисија за „заробена држава“, живее или вегетира - не знам, но што и да прави - тоа го прави во земја членка на ЕУ. Ние, кои овде треба да се справиме со негативните последици од неговото децениско владеење, би требало подобро да размислиме пред да влеземе со грло во јагоди во вакви иницијативи, со земји чија стратегиска цел е ЕУ, но во практика тоа не го потврдуваат. Инклинираат кон други пазари и политички центри, забораваат што е тоа слобода на говор, слобода не медиуми, слобода на граѓанско организирање, битка против криминал. Тешко е да се поверува дека земји кои на нивен терен имаат проблем со имплементација на демократски вредности, дека преку засилување на економската соработка ќе го направат Балканот поинаков.

Генерално, никогаш нема штета од повеќе соработка, но кој ја бранел досега? Па Вучиќ само до вчера им порачуваше на неговите сораѓани дека нема да дозволи „македонско сценарио“, односно да падне од власт, како што паднал Груевски. И ред други недобрососедски алузии. И сега за потребите на тие што не се подготвени за проширување на Унијата, а и на оние кои „бавно брзаат“ кон ЕУ, Србија се наметнува како лидер во јакнење на задниот двор на Европа. Се плашам дека оваа економска иницијатива може да се претвори во траен концепт за самоомеѓување на овој простор и во децениска вежбалница за второлигаши.

Политичарите пак се правдаат дека тоа не е идеја за создавање на нова Југославија, туку за создавање Балкан поразличен од тој што го познаваме. „Малиот Шенген“ ниту е, ниту може да биде Југославија во ваков формат. Тоа може да биде само Гетославија, балканско гето за сите големи и мали, искрени и лажни сонувачи за ЕУ, кои на патот кон неа го изгубиле наративот, себеси, моралот или компасот, па сега на мала сцена ќе вежбаат за големиот натпревар.

На крајот, од кој извор да ја црпиме надежта во искреноста на оваа иницијатива? Дали утре некој економски субјект од земјава ќе има поголема соработка, на пример, со фирмите на Драган Даравелски, пребеган и одомаќинет во Србија? Ако пак судиме по случајот со Груевски, односот на политичарите од соседството, заспаните надлежни институции и камерите кои автоматски бришат снимки од границите, водат кон еден суров резултат: тој што го пуштија да избега веќе една година е „Европеец“. А тие си останаа Балканци. Значи, не е до економијата. До политиката е, и до нејзината волја за борба против криминалот. За такво нешто во декларацијата од Охрид нема ни збор.