1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска отказ за шефот на германската тајна служба?

Кај-Александер Шолц
18 септември 2018

Ангела Меркел наводно е на мислење дека шефот на германската разузнавачка служба треба да си замине од функцијата. Но, Ханс-Георг Масен не е само персонално решение. На коцка е целата коалиција.

https://p.dw.com/p/353qj
Hans-Georg Maaßen
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Шефот на германската разузнавачка служба Ханс-Георг Масен е причина за одмерување на силите во владеачката коалиција. Тој, по насилните судири кои избија по убиството на маж во Кемниц, од страна на, како што се претпоставува, баратели на азил, се вмеша во политичката дебата невообичаено јасно. Масен го критикуваше зборот „лов“ на мигранти, кој го употребуваа медиумите, а беше употребен и од канцеларката, затоа што, според него, за тоа нема доволно докази. Критичарите потоа го обвинија за минимизирање на десноекстремни инциденти.

Повеќе: 

Шефот на тајната служба на Германија ѝ дал информации на АфД?

Германија: Шефот на тајната служба го вознемири политички Берлин

Во текот на минатата недела притисокот врз Масен се зголемуваше, иако тој им даде опширно објаснување на парламентарците во Бундестагот и се обиде да ја релативизира својата изјава. Покрај двете опозициски партии - Левицата и Зелени, притисок вршат пред сѐ социјалдемократите.

Во четвртокот поради случајот Масен се состанаа шефовите на трите владејачки партии - ЦДУ, ЦСУ и СПД. Резултат нема. Советувањата се одложени за денеска. Во текот на викендот се одржа уште еден партиски конгрес на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која наскоро е соочена со важни избори во покраината Баварија. На ЦСУ ѝ се заканува историски лош резултат.

Öffentliche Sitzung des NSA-Untersuchungsausschusses
Притисокот врз Масен се зголемува од ден на денФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Дали Меркел веќе има одлука?

Вчера се вжештија линиите во владините кварт во Берлин. Весникот „Велт“ ексклузивно јави дека Меркел веќе има донесено одлука, која гласи - Масен треба да си оди. Наводно, како што јави „Велт“, таа за тоа веќе разговарала телефонски со останатите членови на кабинетот.

Дали ваквите информации се точни, прашаа новинарите на владината прес-конференција. Од заменикот портпарол на владата дојде одговор дека извештајот нема да се коментира. И портпаролката на надлежното министерство одби да се изјасни, велејќи дека сето тоа биле само„шпекулации“. Во новинарски жаргон ваквите изјави се нарекуваат и „заѕидување“.

Меркел, која вчера беше во посета на Алжир, се држи до договореното со коалиционите партнери. Рече дека „нема што да додаде“ на она што е речено по средбата. Таа нагласи дека владината коалиција не може да се распадне поради одлука за една личност, која е подредена по ранг.

Случај за министерот за внатрешни работи

Она што целата работа ја прави комплексна е што Масен раководи со институција која во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Шеф таму е лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер. Всушност само Зехофер може да го отпушти Масен. Компетенциите на канцеларката досегаат само до шефовското место на едно министерство, но не и надолу. Зехофер би морало да му даде отказ на Масен, но тој тоа не сака да го направи. Мора ли поради тоа и самиот да си замине од функцијата? Во Берлин се шпекулира наголемо.

Дури и Сојузниот претседател, кој во моментов е во посета на Финска, се изјасни околу состојбата во Берлин: „Можам само да изразам надеж дека одлуките кои мора да бидат донесени, ќе бидат донесени брзо“, рече Франк-Валтер Штајнмајер. Претседателот, иако и самиот поранешен СПД-политичар, се изјасни претпазливо. Неговата функција налага да се однесува натпартиски. Сепак, опомена дека мора да се донесе одлука: „Не треба да се потцени фактот дека од Германија токму во вакви турбулентни времиња се очекува стабилна Германија и стабилна влада како партнер.“

Berlin BfV Hans-Georg Maaßen Innenminister Horst Seehofer
Шеф на Масен (л.) е Зехофер (д.)Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Играта на АфД

Како што во вакви политички битки е вообичаено, се работи и за излегување од целата мешаница со донекаде зачуван образ. Тоа особено се однесува на Зехофер. Меѓутоа тој, како што пишува „Велт“, иднината на Масен ја врзал наводно со својата иднина. „Ако паднам јас, тогаш паѓа и тој“, рекол наводно Масен во четвртокот пред политичарите на ЦДУ и ЦСУ.

Тоа и не е многу неверојатно, зашто откако во 2015 година миграциската политика стана топ-тема во Германија, Зехофер и Меркел јавно се расправаа, па и се караа околу тоа.

Само деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) стартуваше кампања на солидарност со Масен, пред сѐ на социјалните мрежи. Доколку падне, АфД ќе го претвори Масен во еден вид маченик. Масен во таков случај би бил жртва на „етаблираната политика“, напиша Алис Вајдел, една од двајцата шефови на пратеничката група на АфД во Бундестагот.

Она што е особено пикантно во изразувањето солидарност од страна на АфД - Масен одамна е соочен со обвинувања за политичка блискост со АфД. Ваквите обвинувања по настаните во Кемниц добија нова храна. Зашто, и АфД ја проблематизираше оценката дека имало „лов“ на мигранти. Што навистина се случувало во Кемниц, што е всушност работа на службата за разузнавање, сѐ уште нема.