Трамп сака да ја вакцинира Америка прва
21 мај 2020Зад принципот на „глобално јавно добро“ се кријат два различни проблеми: заштита на интелектуална сопственост и дистрибуција на првите количини од вакцината. Првиот проблем веројатно ќе биде полесен за решавање од вториот.
Претседателот на Јужна Африка Сирил Рамафоза изјави дека Африка сака вакцината против коронавирусот да биде ослободена од патент. Но тоа е малку веројатно затоа што лабораториите кои работат на развој на вакцина ќе сакаат да си повратат дел од милијардите долари кои ги инвестираат. Притоа можат да се потпрат на поддршката од САД кои се спротивставуваат на било какво оспорување на правата на интелектуална сопственост, и ја повторија таа позиција и неделава пред СЗО.
Оттука, вакцината веројатно нема да биде бесплатна, а неколку компании се понудија да ја обезбедат за одредена цена.
Но таквите ветувања за одредена цена се релативни. Беа давани и порано за лекови за ХИВ, вели Метју Каванах, професор по глобално здравје на Универзитетот Џорџтаун. Но производителите на генерички лекови подоцна открија дека вистинските трошоци за лекот биле десетпати па и повеќе пониски од она што се претставувало.
Марк Фајнберг, директор на Иницијативата за меѓународна вакцина за СИДА, вели дека фармацевтските лаборатории ја научиле лекцијата за правење профит во време на трагедии и не сакаат и овојпат да бидат прикажани во лошо светло. Тоа ќе и наштети на нивната репутација, но и на нивниот профит.
Фајнберг смета дека патентот за вакцината за коронавирусот ќе биде споделен затоа што откако ќе се развие вакцината, ниту еден поединечен производител на лекови не може да произведе доволно за да го задоволи интересот во светот.
Кој прв ќе се вакцинира?
Останува тешкото прашање, кој меѓу 7,6 милијарди луѓе на планетата прв ќе се вакцинира? СЗО, европските лидери и невладините организации инволвирани во битката против Ковид-19 сакаат да создадат нов механизам кој ќе обезбеди рамномерна распределба на вакцината. Први во редот за боцкање ќе бидат здравствените работници во било која земја погодена од вирусот, а потоа круцијалните службеници како полицајците, пожарникарите, возачите на автобуси, а потоа сите други.
Но Трамп, кој брза да ја отвори економијата и да ја нормализира состојбата затоа што го очекуваат избори во ноември, не е многу заинтересиран за меѓународната солидарност. Неговата администрација има цел- иако во моментов само хипотетичка затоа што клиничките тестови на вакцините тукушто започнаа- да поседува 300 милиони дози вакцини до јануари. Идејата е дека тоа ќе биде доволно за да се вакцинираат сите во САД.
„Неговиот менталитет е крајно изолаторски. Неговиот менталитет е високо ксенофобен, што е спротивно на она што е потребно за борба со пандемијата“, вели Стен Вермунд, декан на Школата за јавно здравје на Јејл.
Администрацијата на Трамп веќе инвестираше стотици милиони долари во неколку експериментални вакцини кои ги развиваат четири компании- Џонсон и Џонсон, Модерна, Санофи и АстраЗенек- во надеж дека една од нив ќе произведе вакцина на територијата на САД.
Најдобриот начин да се спречи национализацијата на вакцината ќе биде да се изградат фабрики на неколку континенти.
Јавно-приватната иницијатива наречена ЦЕПИ, основана во 2017 поради Ебола вирусот, инвестираше половина милијарда долари во девет компании кои работат на развој на вакцина против Ковид-19. Во замена за финансирањето, коалицијата бара успешната вакцина да биде споделена за да може да се произведе брзо и во голем број. Со такво јавно финансирање, лабораториите веќе градат производствени линии не чекајќи ги клиничките тестови.
Со цел да се вакцинира целата планета против Ковид-19, ќе биде од помош доколку се создадат повеќе вакцини, наместо само една.