Дозвола за првата анти-корона таблета
23 декември 2021Надежите на фармацевтската компанија Фајзер се големи. Шефот на компанијата, Алберт Бурла, изјави дека антивирусниот лек Паксловид „ќе го промени начинот на којшто го третираме Ковид“. Лекот би требало да помогне за симнување на товарот од плеќите на здравствениот систем и болниците.
По дозволата од страна на американската агенција за лекови ФДА, со Паксловид би требало да се лекуваат пациенти над 12 години кои се позитивни на коронавирусот и имаат благи до умерени симптоми, но истовремено се изложени и на голем ризик од влошување на болеста. Според ФДА, Паксловид е првиот Ковид-лек во САД кој ќе се дава во форма на таблети.
Лекот, кој во САД ќе биде бесплатен, би требало да се дава само на рецепт. Американската влада, според сопствени наводи, купила 10 милиони пакувања од лекот за 5,3 милијарди долари (4,7 милијарди евра). Претседателот Џо Бајден соопшти дека првите 250.000 дози ќе бидат достапни во јануари.
Европската агенција за лекови ЕМА минатата недела даде поддршка за употреба на Паксловид во итни случаи. Со тоа, лекот во ЕУ може да се употребува уште пред да биде издадена дозвола за него. Одлуката лежи во рацете на националните институции.
Според наводи на Фајзер од почетокот на ноември, таблетата успешно спречува тежок тек на болеста кај пациентите со визок ризик. Меѓуанализа на резултатите од тестовите покажала дека таблетата го намалува ризикот од болнички третман и смрт за 89%, соопшти Фајзер. Како моќни нуспојави на лекот се наведени промени во чувството за вкус, дијареја, висок крвен притисок и болки во мускулите.
Експертите во лекови како Паксловид гледаат ново средство за бобра против пандемијата. Но, во споредба со вакцините, кои служат за превенција, лековите се значително поскапи и во примената честопати покомполицирани. Така, на пример, Паксловид треба да се зема максимум пет дена по почетокот на симптомите.
И американската агенција за лекови нагласи дека лекот не е замена за вакцината. Паксловид, меѓу другото, содржи Нирматрелвир, супстанција која го инхибира SARS-CoV-2-протеинот, со што треба да се спречи размножување на коронавирусот.