1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Должничко „ропство“- „ЕУ мора да ја поддржи Црна Гора“

Кено Верзек
19 април 2021

Душан Релјиќ вели дека се уште има надеж во врска со одбивањето на ЕУ да ѝ помогне на Црна Гора да излезе од должничкото ропство во кое западна поради кинески заем.

https://p.dw.com/p/3sDkm
Montenegro Autobahnbau mit chinesischer Unterstützung
Фотографија: Savo Prelevic/APF/Getty Images

Црна Гора е првата европска земја која западна во сериозни економски проблеми поради кинески заем.Подгорица го зела кредитот во 2014 година за да го изгради автопатот од Бар до црногорско – српската граница.

Еден од најскапите автопати во светот е воедно и еден од европските инфраструктурни проекти на кој му се припишува висок степен на корупција. Притоа се нејасни придобивките од автопатот. 944 милиони долари се премногу за една мала земја. Тоа е околу една четвртина од вкупниот долг, а тие се отприлика 100 отсто од бруто националниот производ.

Првата рата ќе доспее во јули, а новата реформска влада не знае каде да најде пари за тоа. Брисел го одби барањето на Подгорица да ѝ помогне. Еден од портпаролите во Европската комисија на почетокот од неделава изјави дека Европската Унија не плаќа кредити кои поедини земји ги земале од трети земји. Душан Релјиќ го критикува ваквиот став.

ДВ: Како ја оценувате одлуката на Брисел да не ѝ помогне на Црна Гора?

Душан Релјиќ: Изјавата на портпаролот на Европската комисија е многу груба, но се уште не е кажан последниот збор. Од ова се засегнати и Европската унија и Кина. Не ѝ е во интерес на Кина да изгледа како безмилосна хегемонистичка сила, како што често е претставена на Запад. Претпоставувам дека Кина ќе ѝ понуди на Црна Гора репрограмирање на долгот. Слично ќе направи и ЕУ. Решението нема да биде во тоа ЕУ да ги плати црногорските долгови, но ќе ѝ го направи отплаќањето на заемот поподносливо. Едно мора да се каже: грубите зборови на портпаролот на Европската комисија не се начин на кој се постигнуваат геополитички цели.

Dusan Reljic SWP
Душан РелјиќФотографија: CIFE

Какви се реакциите во Црна Гора на пораката од ЕУ?

Оваа изјава не одекна само во Црна Гора, туку и во целиот регион. Стана јасно дека од Брисел пристигаат голем број љубезни пораки, но кога ситуацијата ќе се искомпликува, тогаш следи груба реакција. Сепак повторувам, ова не е последниот збор на Брисел. Но, штетата е направена. Ова е нафрлена топка за сите странски актери кои влијаат на регионот и кои се трудат да покажат дека не може да се смета на Европската унија.

Ако ова не е дефинитивниот став на ЕУ, како тогаш би можела да изгледа помошта на Брисел за Црна Гора?

Сметам дека меѓународните финансиски институции како што се Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Лондон, во која ЕУ има свој капитал, или Европската инвестициска банка (ЕИБ) како банка на Европската унија, имаат многу инструменти за помош преку кои може да интервенираат, па така и во овој случај.

Дали за ЕУ би било добро да преземе политичка иницијатива и тоа да го стори јавно?

Да. Бидејќи не смее да се заборави дека во Црна Гора дојде до промена на власта. Триесет години земјата беше под власт на Мило Ѓукановиќ кој се уште е претседател. Под негово покровителство беше склучен договорот за автопатот и тука имаше многу матни работи во позадина. Не смее да се заборави дека Ѓукановиќ ја разви најголемата европска мрежа за шверц на цигари. Сега новата влада мора да ја преземе одговорноста за сите застранувања од минатото. Ако Европската унија сака да покаже дека демократските промени преку избори во регионот се можни, тогаш би било мудро да ја подржи новата влада и покрај сите грешки, неискуство и хетерогеност.

Со години е познато дека корумпираните компании од опкружението на Ѓукановиќ профитираат од проектот за изградба на автопатот. Како би можела Европската унија да ѝ помогне на Црна Гора а да не поттикне корупција со тоа?

Проблемите со корупцијата се појавија кај сите големи инфраструктурни проекти, а особено кај изградбата на автопати во западнобалканскиот регион. Ако се направи нацрт на репрограмирање на долгот, мора да се истражи дали и на кој начин би можеле да учествуваат и институции како ОЛАФ – телото на Европската унија кое се занимава со борба против корупција, но и Интерпол. За жал, искуствата не се позитивни, и тоа ни го покажува изградбата на „Патриотскиот автопат“ меѓу Приштина и Тирана. Но, ако нема политичка волја, тогаш не може да се сузбие корупцијата.

Портпаролот на Комисијата укажа на тоа дека Европската унија е најголем донатор на Црна Гора во регионот. Каква е вашата оценка за актуелната финансиска помош од Брисел?

Европската унија има намера во следните седум години да насочи девет милијарди евра во регионот. Но, мора да се појасни фактичката состојба. Само годинава, трговскиот дефицит во регионот во однос на ЕУ е толкав, односно над девет милијарди евра. Пандемијата уште повеќе влијае врз зголемување на овој јаз. Во следните седум години ЕУ ќе одвои 500 евра помош во развојот по глава на жител во регионот. Тоа неодамна го пресметавме со моите колеги. Но, во земјите членки оваа сума ќе биде десет пати поголема.

Долго време се залагате за тоа земјите од Западниот Балкан да добијат пристап до фондовите на ЕУ?

Овие држави се економски, општествено и геополитички одамна интегрирани во Европската унија. Во Брисел мора суштински да се промени начинот на кој се перцепираат за да се сфати дека овие земји безнадежно ќе заостануваат доколку не се третираат како членки на ЕУ. Во пресрет на пристапувањето на Романија и Бугарија имаше посебни пристапни структурни фондови за овие две земји. За западнобалканскииот регион вакво уште повеќе е потребно.

Новата црногорска влада се надева дека би можела како прва земја во регионот да стане дел од Европската унија. Реално ли е ова?

По 30 години деспотско владеење – навистина мора да се употреби овој збор – исклучително е тешко да се крене на нозе државна администрација каква што би очекувал Западот. Да се потсетиме само на „длабоката поддржава“ на тајните служби кои се лично поврзани со Ѓукановиќ. Освен тоа Црна Гора е многу поделена и недоволно развиена земја. Сигурен сум дека премиерот Здравко Кривокапиќ често се буди со чувство на разочарување дека можеби до вечерта веќе нема да биде премиер. ЕУ би требало да ја поддржи оваа влада за да покаже дека позитивен развој во регионот е возможен. Ако не го стори тоа, тогаш кај луѓето во регионот ќе се зголеми впечатокот дека Европската унија е подготвена да склучува бизниси со деспоти како Ѓукановиќ или претседателот на Србија, Александар Вучиќ, што ќе предизвика уште повеќе млади да го напуштат регионот, бидејќи не гледаат перспектива – не само економски, туку и политички.

Душан Релјиќ е експерт за Југоисточна Европа во Фондацијата за наука и политика во Берлин, водечки тинк-тенк за германски, европски и геополитички прашања. Фокусот на неговата работа е регионот на Западниот Балка и политиката на проширување на ЕУ во регионот. Релјиќ работел како надворешно политички новинар, бил дописник од Бон на југословенската новинска агенција Тајнуг, а подоцна работел и за радио Слободна Европа од Минхен.