Досега најсилен апел на папата за вакцинирање
10 јануари 2022Папата Франциско денеска повторно повика на вакцинација против коронавирусот. „Здравствената грижа е морална обврска“, рече Папата во обраќањето за време на новогодишниот прием на дипломатите акредитирани во Ватикан. Денешниот повик е досега е најјасниот апел на поглаварот на римокатоличката црквата за време на пандемијата на коронавирусот, оценуваат набљудувачите.
Освен тоа, папата Франциско денеска ги осуди неоснованите идеолошки дезинформации за вакцините против Ковид-19, поздравувајќи ги националните кампањи за вакцинација.
Папата Франциско го одржа своето годишно обраќање повеќе 200 дипломати акредитирани во Ватикан. „Гледам дека на оние места каде што се изврши ефикасна кампања за вакцинација се намалија ризиците од тешки последици од болеста. Поради тоа важно е да се продолжи со имунизација на општата популација што е можно повеќе“, рече папата, кој и' посвети на пандемијата пет од вкупно 6 страници долгото обраќање.
Тој предупреди на мешање на идеологиите во кампањата за вакцинација. „За жал, гледаме дека во светот има сѐ повеќе идеолошки поделби. Луѓето често дозволуваат на нив да влијае идеологијата на моментот, засилена со неосновани информации или со лошо поткрепени факти“, нагласи папата Франциско.
„Вакцините не се маѓично средство за лечење, но секако претставуваат, со останатите лекови кои треба да се развијат, најразумна солуција за запирање на болеста“, додаде тој.
Поглаварот на католичката црква е целосно вакциниран, а во своето обраќање повика и на праведна дистрибуција на вакцините за сиромашните нации, како и напуштање на „монополитичките правила“ околу патентите за вакцините поради поголемо добро.