1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

28 февруари 2020

Помеѓу „Чумата“ на Албер Ками и „Слепило“ на Жозе Сарамаго, каде е Македонија во своите реакции кон коронавирусот?! Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3YYFM
Italien - Casalpusterlengo - Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/LaPresse/C. Furlan

Не би рекол дека сме дотолку апсурдни или апокалиптични, но секако сме мелодраматични. Во среда, ден во јавното здравство познат како „Мој термин“, некаде околу пладне, Македонија го доби првиот потврден случај на лице заразено со коронавирусот.
Тоа што следуваше беше донекаде за очекување. Набрзина се рашири паника, бевме сведоци на масовно купување брашно и паштети, заштитните маски и средствата за хигиена речиси и ги снема од рафтовите и аптеките, лукот на пазарите набрзина се продаде, голем број на медиуми познати како ловци по кликови или ширачи на лажни вести бедно ја искористија ситуацијата за зголемување на паниката, опозицијата не издржа, а да не ја искористи вирозата за политички цели.
Паниката кај граѓаните и на социјалните мрежи, и покрај јасните препораки и апели да се смират страстите, накратко излезе од контрола. Факт е дека во држава која не е позната по својата функционалност и големата спремност на својот здравствен систем, ќе постои голема недоверба кон институциите и властите.

Вакцина против вирусот

Но, сега е важно да се разбере дека паниката и психозата можат само да доведат до поголема дестабилизација и од самиот вирус. Тоа што во овој момент е најважно да се разбере е дека добрата, јасна и прецизна информација, како и подигнувањето на граѓанската свест се најдобрата вакцина против вирусот. Алармизмот во вакви ситуации прави повеќе штета отколку добро. Истото важи и за лажните вести. Оттука потребна е голема доза на одговорност кај сите политички и општествени чинители. Опозицијата не смее да ја користи својата моќ и да инвестира во паника со осудување на власта како „дозволила“ вирусот да дојде во Македонија. Во исто време, власта не смее пред избори да си препишува некакви си заслуги или да бара поен плус, на темата како добро се справиле со вирусот.
Ако нешто треба да произлезе после овие избори, тогаш тоа е власт која сериозно ќе се замисли кои промени треба да се направат за подигнување на свеста кај граѓаните, како и за подигнување и подобрување на условите во нашите здравствени установи, во градинките и училиштата. Владината мерка да се набават хигиенски средства и сапуни за училиштата и градинките како последица на коронавирусот, нешто што би требало да важи секогаш, само по себе кажува во какви услови нашите деца учат и се развиваат, и колкави се слабостите на нашиот институционален систем.

Претходни колумни на авторот: 

- Вистината и желбите во време на избори

- Дали Америка е подготвена за револуцијата на Сандерс?

- Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот


Притоа, мора да се мисли на последиците од самиот вирус надвор од стрикно здравствените прашања. Нашата економија е мала и нашите ресурси се ограничени. Некој ќе треба да мисли и за пост-вирус фазата. Допрва ќе биде потребно да се соочиме со економските последици од вирусот, нешто што нема да зависи само од нас, туку и од регионалните и глобалните реакции на епидемијата. Затоа, не се потребни ниту паники, ниту пак преголема лежерност, не се доволни ни пофалби, ниту само критики, туку една балансирана и свесна поставеност пред предизвикот. Со други зборови, не очекува еден голем цивилизациски, културен, граѓански и политички испит и предизвик. Политиката е предупредена, а истото важи и за граѓаните.

Стравот е вистинската болест

Сега, некои од овие работи се лесни за кажување, а сериозно тешки за спроведување во реалноста. Се соочуваме со емотивното, потсвесното, нерационалното. Односно, пред се, се соочуваме со стравот. А стравот, повеќе и од короната, е вистинската болест.
Стравот е негативна емоција која инстинктивно избликнува во нас самите како последица на информации за опасност кои стигнуваат до нашиот мозок. Стравот, кај тој што е предизвикан, најчесто се преведува во три вида на реакции. Под 1: дефанзивна позиција и консеквентно агресивен став. Под 2: бегство. Под 3: имобилизација или скаменување.
Но, мислам дека тука има и многу повеќе ако на момент застанеме и ги разбистриме главите. Кога стравот би бил само монструм кој го следи човека низ неговото мачно постоење, не би можеле да го објасниме нашиот милениумски прогрес и способност за самонадминување. Што ни кажува дека стравот има две лица, во исто време не одалечува и затвора, но знае и да не привлекува и отварa кон предизвиците. Јас како обожавател на Дилан Дог лесно си го објаснувам тој феномен.
Да не беше така, тогаш како ќе си ја објасневме неверојатната културна и забавна продукција, биле тоа трилери или хорори, сите тие супер успешни серии за зомбија или заразни пандемии кои го донесуваат човекот до работ на истребување. Или уште од антиката, а потоа и Средниот век, сите тие приказни и бајки, за вештерките и Баба Рога, за лошата кралица или за волкот. Или ако се вратиме уште поназад, стравот во антиката е пред се страв од боговите, од нашата мала и ограничена човечка состојба поради која е нужно да имаме почит, страв и трепет од божјата волја. Во политеистичкиот Пантеон на грчките божества, посебно место имал богот Фобос, на кој наводно и Александар му принесувал жртви пред битка со Персијците. Од Фобос произлегува зборот фобија, како персонификација на нашите стравови и паники.
И во Библијата, стравот е сеприсутен, не толку пред Бога, колку пред боженственото присуство. И сега ако Бог или боженственото поттикнуваат само на чувство на страв, без никакво чувство на привлечност, тогаш тие би требало да се демони, титани, а не богови.
Всушност идејата која тука доаѓа до израз е дека стравот е нешто поголемо од нас луѓето. Но, дека во исто време како што може да ни втера студ во коските, може и да ја распламти нашата борба и егзистенција. Односно, дека таа контрадикторна последица од стравот, всушност ја развива нашата мислечка способност. Или поточно, дека во екстремните состојби, не во живеење на стравот, туку во разбирањето на димензиите и пропорциите на стравот, се создава знаењето за нашето постоење и состојба. Во Делфи, Сократ бил импресиониран од исклесаната максима: Познавај се себе си! И тоа можеме да го интерпретираме како повик да си ги познаваме границите, нашата кршливост, фактот дека сме осудени нашето битие да заврши некогаш. Но, во исто време тоа е повик да ја продлабочиме нашата природа, нашиот внатрешен живот кој е составен од емоции и чувства, знаења, вредности и идеали.
Така Сократ максимата ја трансформира во прашање: Јас, кој сум? Како човечко битие, што сум јас? Одговорот кој го остава на Западот и сите понатамошни генерации е дека: Ти си твојата душа. Каде под „душа“ се мисли дека во нашата внатрешност, покрај стравот, постои и страст и љубов и знаење. Односно, дека може да постои и храброст, како лек за стравот. Храброста не е спротивна на стравот, туку е над стравот, го надминува. Без страв храброста е невозможна, тогаш би се имало само бестрашност и смелост, како отсуство на важните инфромации кои произлегуваат од емоцијата на стравот.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Перцепција на опасноста

Затоа, добрата поука од овој страв и паника од коронавирусот е дека можеме секогаш да разбереме кои сме. Да сме уплашени е во ред, но потоа имаме можност да се информираме, да се соземеме, да бидеме достојни и дисциплинирани, да мислиме и на општото добро, односно, да се надминеме. Поточно, не да ги игнорираме опасностите на овој конфузен и тешок за дешифрирање свет и живот, туку да ги препознаеме, и благодарение на тоа, да ги победиме.
Постои и еден друг аспект на стравот, а тоа е асиметријата која владее помеѓу стравот и опасностите кои навистина ни се закануваат во животот. Во денешно време огромна е разликата помеѓу тоа што човек го смета за опасно, и тоа што навистина и објективно е опасно по нас.
Односно, се почесто човек се грижи за настани и феномени кои имаат многу мала веројатност да не погодат, додека од истата причина, се ставаме во огромен ризик без речиси никаква свест за последиците.
Еден мој драг пријател има вистинска фобија од летање, иако сите знаеме дека статистички летањето е најбезбедната форма на транспорт. Од друга стана, истиот тој нема никаков проблем да развие доста голема брзина со своето патничко возило на нашите небезбедни и руинирани патишта. Тој чувствува дека така има поголема контрола над ситуацијата, кога во реалноста се става себе си во далеку поризична ситуација од, на пример, летањето.
Од тоа произлегува дека кај модерниот човек, доколку ризикот е волунтаристички и самонаметнат, тогаш мислиме дека е низок и под контрола, а доколку ризикот ни е наметнат од други и сме без можности да го контролираме – како што е случајот и со епидемијата на коронавирусот – тогаш субјективно го перцепираме како многу поопасен.
Како што насекаде се наведува, јасно е дека обичниот грип произведува многу повеќе жртви од коронавирусот. Или пак, знаеме дека загадувањето кај нас во Македонија причинува преку 3.000 смртни случаи годишно. Или, дека годишно во просек 160 лица гинат во сообраќајни несреќи, додека авион се нема срушено преку 2 децении во нашата земја.
И покрај сето тоа, никој не стравува од овие објективни и релативно мошне присутни ризици, споредбено со денешната епидемија на коронавирусот. А би требало да сме свесни, дека во нашата земја шансите да дојдете во контакт со канцерогени честици е драматично поголем од шансата да заболите, а камоли да настрадате од коронавирусот. Ова е еден од многуте знаци за нашиот нерационален однос со светот кој не опкружува и несигурноста која од него произлегува.
Оттука повторно ќе се вратам на храброста, не само индивидуална, туку и колективна, онаа на граѓаните и на јавните институции. Храброст не е да се минимизира, ниту да се драматизира една епидемија, да се создава паника и алармизам, или да се носат претерани мерки со цел да се оправда дека нешто се прави. Затоа сметам дека и нашите власти, покрај некои пропусти, добро се имаат поставено кон проблемот со кој се соочуваме. Идејата за храброст и одговорност која тука ја застапувам, не предвидува херојски гестови, туку способност да се поставиме рационално и интелигентно, разумно и во рамнотежа со опасностите и можностите, совладувајќи ги проблемите во рамките на она што е возможно да се направи.
Тој што во овој момент очекува видливи резултати, сега и веднаш, нема најдобар контакт со реалноста. Таквиот човек одбира својот страв да го пренесе на другите, или да го искористи за политички поени, од кои штета потоа ќе имаме сите како колективитет.
Затоа сметам дека вистинската храброст во ваквите моменти е да се знае како да се соочиме и со моментите на несигурност, без нетрпеливост кон фактите и реалноста. Секоја брзоплетост не одалечува од способноста рационално да ги согледаме проблемите, да го прошириме нашето знаење и познавање на проблемот, и следствено, да го решиме низ еден подолг период и низ еден разумен процес.
Зборовите на американскиот претседател Рузвелт во екот на Големата Депресија се просветлувачки: Треба да имаме страв од стравот! Делува како игра на зборови, но не е. Затоа што мислата сака да каже дека стравот се победува со оружјето на интелигенцијата – затоа што од стравот над кој не владееме, произлегуваат само катастрофални последици. И материјални и морални.
Стравот може да биде нашата болест или нашиот инструмент со кој ќе ги соочиме и надминеме проблемите. Изборот е буквално само наш, и зависи од секој од нас.