Европа се изолира од Велика Британија
21 декември 2020Континенталниот дел од Европа сѐ повеќе се изолира и ги суспендира сообраќајните поврзници со Велика Британија. Откако Франција ја затвори границата кон Велика Британија, затворени се британското важно пристаниште Довер на Каналот Ламанш и Евротунелот. И холандската влада веќе не дозволува влез на патници од фериботите од Велика Британија.
До сите превозници и патници од страна на пристаништето Довер синоќа е испратена молба да не тргнуваат на пат, засега одлуката која стапи на полноќ е со рок од 48 часа. Дозволен е само товарен сообраќај.
Сѐуште секоја ЕУ-земја носи самостојна одлука
Забраната, која Франција ја воведе поради новата уште побрзо пренослива варијанта на коронавирусот, важи за сите гранични премини и за сите врсти сообраќај – авионски, поморски, копнен, преку кои постои врска со Велика Британија. И Германија ги огранични можностите за патување, Министерството за сообраќај воведе забрана за слетување авиони од Велика Британија и Ирска, повикувајќи се на регулатива на ЕУ, која овозможува прекинот да трае прво до 31 декември. Исклучок се чисто товарни летови, како и оние со медицински персонал или авиони кои во Германија се враќаат само со посадата.
Ноќеска 63 патници на лет од Лондон не смееја да го напуштат аеродромот во Хановер пред да им биде направен ПЦР тест и да се дознаат неговите резултати. Во аеродромската зграда биле поставени монтажни кревети на кои патниците ја поминале ноќта, а биле снабдени и со потребните продукти.
Повеќе на темата:
Мутираната верзија на коронавирусот не е причина за паника
Италија и Австрија во локдаун, Европа во клештите на Ковид-19
Коронавирус препораки: Како да се заштитите себеси и другите од Ковид-19
Велика Британија: Првата вакцина против корона ја доби 90-годишната Маргарет
Ограничувања се воведени и кон Јужна Африка, откако и таму е докажана појава на мутираниот вирус. Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека во Германија не е регистрирана новата варијанта на коронавирусот, но вестите за нејзиното ширење се сфаќаат сериозно.
Во забраната за воздушен сообраќај кон и од Велика Британија први беа Белгија и Холандија, а покрај Германија, ги следат и Ирска, Чешка. Летонија и Бугарија. Италија и Австрија исто така најавија воведување мерки.
Бројни проблеми
Британскиот премиер Борис Џонсон за денеска свика кризна седница на владата, најавувајќи мерки за изолирање. Поради затворањето на важните поврзници, се зголемува притисокот пред сѐ врз товарниот сообраќај меѓу Велика Британија и ЕУ. На автопатиштата во правец на Довер и Евротунелот ионака со денови владеат големи застои. Причина е фреквентноста пред Божик, но и зголемените пратки од медицински материјал поради пандемијата на коронавирус. Освен тоа, многу претпријатија брзаат да ја искористат преодната фаза пред стапувањето во сила на Брегзит на 31 декември и да ги наполнат магацините.
Британскиот здружение на логистичката бранша изрази загриженост за ситуацијата на возачите. Сојузот на производителите на храна и на пијалоци предупреди од тесни грла во снабдувањето со свежи намирници пред Божик.
Бедем против британската варијанта на коронавирус
Според досега непотврден извештај на весниот „Билд", германската канцеларка Ангела Меркел се залага за тотално изолирање на Европа од Велика Британија до 6 јануари. На почетокот на неделава, според тој извештај, ЕУ треба да донесе одлука за комплетно укинување на патничкиот сообраќај меѓу европското копно и Обединетото Кралство.
Канцеларката Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, во телефонски разговор дискутирале околу новата ситуација. Според информации од Елисејската палата, во фокусот била интенцијата за заеднички настап во ситуацијата и затворање на влезните врати за вирусот.
Мутацијата на коронавирусот, како што велат британските служби, е до 70 проценти позаразна од досега познатата форма и се шири претежно во Лондон и во југоисточна Англија со огромна брзина. За овој регион властите воведоа карантин со ограничувања на движењето на граѓаните. Ресрикциите се заострени и во Велс и Шкотска.
Дали новите вакцини делуваат?
Владата во Лондон изрази загриженост поради новата корона-варијанта. „Таа е надвор од контрола и мора повторно да ја ставиме под контрола", истакна министерот за здравство Мет Ханкок за Би-Би-Си. Според првите анализи на британските научници, мутацијата располага со невообичаено голем број генетски промени, пред се во т.н спајк протеинот преку кој коронавирусот продира во клетките.
Вакцината на германската фирма Бионтек и нејзиниот американски партнер Фајзер, која се користи во Велика Британија, создава имунолошки одговор на организмот токму против овој протеин. Затоа постои стравување дека вакцината можеби нема да дејствува против новата варијанта. Британскиот премиер Борис Џонсон меѓутоа изјави дека нема никакви укажувања дека мутацијата предизвикува потежок тек на болеста или повисока стапка на смртност или пак дека вакцината е помалку ефикасна против мутацијата.