Ексклузивно: Кина без причина ги испраќа Ујгурите во логори
18 февруари 2020Интерен документ на кинескиот државен апарат покажува дека муслиманите во Кина, Ујгурите, се казнувани за секојдневното однесување во приватниот живот. Документот е во суштина список кој покажува поради какви се` ништожни работи луѓето со години се затворани во логори: поради носење шамии или бради, одење на аџилак или во странство. И поседување верски книги исто така е наведувано како причина за притвор.
Документот „протекол“ и дојде во рацете на новинари на Дојче веле и на партнерските истражувачи, јавните сервиси НДР и ВДР и весникот „Зиддојче цајтунг“. Документот содржи лични податоци на луѓето под надзор од округот Каракакс во автономниот регион Синкјанг во западна Кина. Тој содржи околу 140 страници, на кои се податоци за преку 300 луѓе кои биле интернирани во логори. На списоците се имиња, адреси и матични броеви и на роднини, пријатели и соседи на тие луѓе. Во документот можат да се најдат лични податоци за околу 2.000 луѓе. Сите информации не можат временски да се идентификуваат, најновата белешка е од март 2019 година.
Преку еден милион Ујгури во логори
Експерти проценуваат дека повеќе од еден милион луѓе се држат во логори во Синкјанг против нивна волја и таму поминуваат низ процес на „идеолошка едукација“. Со други зборови, низ процес на превоспитување. Кинеската влада тоа во јавноста го нарекува „доброволни образовни мерки“.
Во документот се наведуваат бројни причини поради кои луѓето се доведувани во тие логори. Најчесто е поради кршење на законот за контрола на раѓање. Кина има законски прописи за тоа колку деца може да има едно семејство. На многу места во документот се наведува дека причина за интернирање на одреденото лице е што има премногу деца.
Други причини се: „Лицето има долга брада“, „Лицето било на аџилак“, „Лицето кликнало на интернет-страница која содржи линкови кои водат кон недозволени страници на интернет“, „Лицето без причина стоеше подалеку од местото на подигање на знамето“, „Лицето е уапсено затоа што поради постите за Рамазан ресторанот не работел како вообичаено“.
И покривањето на жените причина за интернирање во логор
И однесувањето на членови на семејството очигледно претставува причина за интернирање. Во графата на списокот во кој се наведени причините за интернирање се наоѓа и образложение како „Покривање на сопругата“ или „Роднини на лице по кое се трага во странство“. Покрај тоа, поединци се сомничат и дека се членови или симпатизери на исламистички терористички групи. Списокот исто така покажува дека Ујгурите од одредени годишта се категоризирани за „посебно опасни“, тоа првенствено се однесува на момчиња.
Бидејќи логорите официјално не се затвори, нема судење пред интернирањето. Интернираните лица очигледно се препуштени на милоста и немилоста на кинеската администрација и проценките на државните службеници за тоа каков е односот на одредено лице кон Комунистичката партија на Кина.
Во еден случај на пример се наведува: „Ова лице во 2014 година донираше 5.000 јуани за џамијата и има три деца. Тоа не е во согласност со дозволеното планирање на семејството и претставува своевидна опасност и ризик, па се препорачува продолжување на примената на образовно-воспитни мерки.“
Неколку научни работници и стручњаци, на кои новинарите на Дојче веле, НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“ им го дадоа овој документ на проценка, претпоставуваат дека тој е автентичен. Јазикот е во склад со начинот на пишување кој може да се види и во останатите владини документи.
Опасни само зашто се муслимани
Ријан Тум, кој ја истражува ујгурската култура и историја на Универзитетот во Нотингем, вели дека документот претставува доказ за „енормен и невиден акт на колективно казнување“, кој е и расно мотивиран. „Некој е опасен поради тоа што припаѓа на етничка група како и лице кое извршило нешто брутално и забрането.“ Концептот на тероризам на кинеската држава се проширува на таков начин што „тој во основа вклучува секоја активност на некој муслиман.“
Повеќе:
И кинеските Ујгури меѓу терористите на ИД?
Меркел патува во Кина со тежок багаж
Дури и роднините во Кина не се во можност да дознаат каде се наоѓаат Ујгурите одведени во логори и каква им е натамошната судбина. Податоците за тоа не можат да се проверат. Информант кој живее во Норвешка, Абдувели Ајуп, и самиот Ујгур, кој и самиот живее под закани за својот живот, се обидел да пронајде роднини на лицата на списокот во документот од Синкјанг. Успеал да најде 29 лица, најголем дел живеат во егзил во Турција. Голем дел од нив нагласиле дека со своите муслимански роднини не се чуле веќе неколку години, од безбедносни причини, зашто и самиот телефонски повик од странство е доволен за некој да биде одведен во логор.
Во ноември НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“, заедно со други медиумски партнери, во текстот со наслов „China Cables" известија дека постојат интерни документи на кинеската администрација кои покажуваат систематско угнетување на муслиманските малцинства во Синкјанг. Познавачите на приликите веруваат дека таму постојат повеќе од 1.000 такви кампови.
На прашање на германските новинари до кинеската влада за постоење логори во кои се држат Ујгури, нема одговор. Сепак, во текот на состанокот со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји во четвртокот (13.02) во Берлин изјави: „Во Синкјанг нема концентрациони логори. Таму нема милион приведени или затворени. Тие тврдења се стопроцентно чисти лаги.“ На крајот, кинескиот министер заклучи дека обвинувањата се „резултат на предрасудите кон Народна Република Кина.“