Екстремниот топлотен бран во САД и Канада не попушта
12 јули 2021Жителите на западниот дел од САД и на почетокот од оваа недела мора да се подготват на екстремна горештина и шумски пожари. „Натпросечната жештина ќе продолжи и натаму во делови од Запад во САД“, соопшти Националната метеоролошка служба во прогнозата за денеска. Во Долината на смртта во Калифорнија, позната по неверојатната горештина, вчера била измерена температура од 53,3 степени Целзиусови, мининално пониска од претходниот ден - речиси 54 степени. Предупредувањето од топлотен бран таму е продолжено и за наредните денови. Во Лас Вегас во сојузната држава Невада живата во термометарот вчера се искачи на 45,6 степени по 47 степен во саботата.
-повеќе:
Екстремни горештини во Канада: Десетици починати и близу 50 Целзиусови степени
Фотографија на денот: Апокалиптична горештина во Калифорнија
Западот на САД на викенд не се бореше само со енормната горештина, туку и со шумски пожари. При пад на авион кој бил во мисија на следење на пожари, во саботата во Аризона загинале двајцата од посадата, причината за падот не е позната. Пожари се шират и во сојузните држави Орегон и Калифорнија, загрозено е и снабдувањето со енергија на Калифорнија. Гувернерот на оваа држава, Гaвин Њусом уште минатата недела воведе вонредна состојба поради екстремните жеüтини и пожарите. Тој претходно апелираше до граѓаните да штедат електрична струја и вода.
На викендот станиците за итна медицинска помош во западниот дел на САД повторно регистрирале пораст на заболувања и смртни случаи кај кои улога играле високите температури.
На почетокот на месецов жежок бран го зафати северозападот на САД и западна Канада, со температури до 50 степени Целзиусови, предизвикувајќи бројни смртни случаи.
Во канадската општина Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени, досегашниот рекорд во земјата изнесуваше 45 степени. Неколку дена подоцна пламената стихија го уништи речиси целосно ова место.
Изминатиот месец, според Американската служба за климата НОАА, со просечна температура од 22,6 степени во земјата, бил најтоплиот јуни од почетокот на мерењата на температурите пред 127 години.