Емотивна Македонија
24 мај 2019Би можеле слободно да кажеме дека јавноста и политиката се поприлично нервозни. Емоциите и чувствата ни го имаат замаглено умот, се помалку се држиме до фактите, до реалните состојби, се поретко знаеме да ги препознаеме, или за нив да се заложиме.
Зошто цела оваа осетливост кај индивидуите, колективитетот, властите, зошто волку бес, фрустрации, дерења, мрчења, хистерија што би рекле некои?! Зошто стравот и чувството на безизлезност се поткрепени со најчесто популистички пораки и политики?! Од Трамп до Брегзит, преку кризата и претливоста на Европа, до нашите балкански касаби, владее чувство на завера и конспирација, насекаде летаат тешки зборови, логики од минатиот век, кои се повеќе не одалечуваат од ветувањата за отворено општество, космполитизам, просперитет и помирување.
На овие тешки прашања еден доста луциден и револуционерен автор, Вилијам Дејвис, се обидува да даде одговор во својата фантастична книга: “Нервозни држави, или како емотивноста завладеа со светот“.
Дејвис ги опишува модерните политички организации, душевната состојба на индивидуите и колективитетот како особено нервозни, лесно раздразливи, се помалку подложни и отворени за дебата и дијалог, неспособни да резонираат рационално и преку согледување на фактите. Моторот на таа емотивност, просто и банално сумирано, авторот го идентификува во денешните медиуми кои функционираат во таканареченото „реално време“. На прва би рекле дека тоа веќе ни е јасно и дека не е ништо ново, но прашањето и проблемот не се толку едноставни.
Ќе тргнам од еден пасус кој веќе го навестив: „Со инвазијата на дигиталната технологија во општествата е се потешко да се појасни што припаѓа на умот, а што на телото, што е дијалог на помирување, а што е конфликт. Индивидуите и властите живеат во состојба на постојан и огорчен алармизам, доверувајќи ги своите судови и мислења се почесто на емотивноста, наместо на фактичката реалност".
Емотивност и чувства на местото на разумот и фактите
Читајќи ги овие зборови, човек веднаш добива чувство дека станува збор за Македонија. Всушност, авторот зборува за состојбите во светот, но кога некој толку прецизно ќе погоди одредена хипотеза, тоа што го кажува патува како стрела погодувајќи точно во центарот на метата. И неизбежно, од овие генерични тези, имаме што да излечеме како поука и за нашата земја.
Претходни колумни:
- Претседател како шеф на опозиција
- Што навистина донесе Заев од Берлин?!
- Нотр Дам, Воинот на Коњ и изметот за активистите
Претходно би сакал да го потенцирам историскиот момент и позадина, за да разбереме дека проблемот не е толку едноставен колку што наликува во прво време. Не е работата дека денешните демогози се потхранети од некаков си генеричен порив да се изживуваат преку комуникацијата на социјалните мрежи. Камо среќа да беше така. Демогозите и демагогијата доаѓаат и си одат, ќе заклучи Дејвис, но подлабокиот феномен - избликот на емотивност и чувства на местото на разумот и фактите, промената во методот, кој се претвора во тренд, преминот од дијалог и суштинското толкување на проблемите и нивната замена со синхронизираната експлозија на ниските страсти и инстинкти при вреднување и реагирање на реалноста, која ја губи објективноста, а со самото тоа и авторитетот - е нешто што е осудено да потрае. Не е проблемот дека измисливме нови технологии на комуникација после радиото и телевизијата, колку дека го имаме срушено и напуштено стариот начин на размислување, кој прави разлика помеѓу душевните состојби, телесните нагони, помеѓу тоа што е мир, а што е состојба на постојан судир.
Помеѓу крајот на 16 и 17 век, се раѓа нешто што се нарекува „идеалот на разумот“. Декарт, модерниот пророк на методологијата, го теоретизира напуштањето на емоциите и чувствата, устоличувајќи го калкулираниот разум. За време на Француската револуција, разумот е обожествен, се издига до „богињата на разумот“. Во овој историски период поставени се интелектуалните основи на модерното општество, а научното знаење, јавната администрација, прогресот се претвораат во општествени поими. Издигнувањето на разумот над емотивноста се претвора во една продуктивна операција, би рекле во еден револуционерен пресврт кој почнува пред 3 века. Денес, тоа присуство на разумот во општествениот живот и јавните работи, како да изумира.
Томас Хобс, својата теорија за државата ја гради на идејата дека првата задача на политиката и на општествениот договор е токму отстранувањето на стравот, кој сам по себе креира насилство и трибализам. Научниот метод и рациото потоа ќе создат субјекти како експерти, новинари и државници, помагала како статистичките методи, државни архиви и мемории, нови правила и начини како преку почитување на границите на реалноста да се избегнуваат дисторзиите, инстинктивните и емотивните гледишта врз нештата.
Потоната доверба
И да се вратам на нас. Кај нас конкретно довербата во политичарите и политиката, новинарите и експертите, самите институции, се еродирани и се повеќе тонат. Сите ние сме свесни до кој степен емотивноста има продрено во нашите коментари и судови, колку нашите гледишта знаат да бидат навивачки, варварски, ставени во полза на одреден политички табор, колку се навикнавме емотивноста да завладее во политиката и да ги диригира емоциите и чувствата на граѓаните.
Ние се уште се соочуваме со сериозните последици на режимизацијата која своето погонско гориво го пронаоѓаше токму во емотивните повици на национализмот, популизмот, лажниот патриотизам, во тие сирени на политичка манипулација кои само создадоа лажна идеолошка и трајна партиска и клиентелистичка поделба во нашето кршливо општество. И ден денес се соочуваме со опозиција која нема намера да се откаже од деструктивна емотивност и наративот за изгубената нација, за изгубеното име, за нашиот неминовен колапс доколку токму тие повторно не се вратат на власт.
Кај власта овој тип на емотивна манипулација е далеку помалку изразен. Рационалноста во надворешната политика, разумот и вистинскиот компромис при решавањето на спорот со Грција, делуваа како отрезнувачки момент за опиената македонска јавност. Но, ни оваа власт не се откажува од своите емотивни наративи, каде токму употребувајќи ги или злоупотребувајќи ги споредбите со режимот, се обидува површно да ја истакне различноста или да си изгради алиби за слабите реформи на домашен план.
Глува комуникација
Притоа проблемот на кој функционира емотивноста кај јавноста и како политиката пред се ја наметнува не е за потценување. Тоа ми наликува на една двојна глува комуникација која заемно си влијае, и ретко приметува каде навистина нешто е производ на емотивност, а каде е разумно расудување. Некаде пак, е тешко да се воспостави границата помеѓу двете.
Пример ми се и последните претседателски избори. Така луѓето емотивно ја казнија власта во првиот круг, и покрај тоа што многумина на рационално и когнитивно ниво не можат да поднесат и да се помират со победа на ВМРО. Се разбира, мнозинството граѓани емотивната реакција не ја повторија во вториот круг, свесни дека би нанеле огромна политичка штета. И власта која требаше да разбере колку разум имаше во таа емотивна порака, наместо да изигра рационално, да поднесе одговорност, да направи некаква реална промена, да се предаде на рациото, таа пак се препушти на емоциите и евтиниот политички импулс, измислувајќи ја глупавата „метла“ и сега не знае како да излезе од уште поглупите очекувања шта таа ги побудува кај народот. Значи, излегувајќи од една емотивна состојба и надминувајќи ја, граѓаните повторно беа втурнати во еден друг емотивен набој, кој денес се релативизира, минизира, или просто избегнува.
Ова ми е еден добар пример, дека и покрај сите партиски дисторзии кои можат да настанат преку злоупотреба на социјалните мрежи, лажните вести, граѓаните понекогаш го надминуваат личниот емотивен бес и делуваат рационално во интерес на поголемата слика. И токму затоа мнозинството граѓани кои таа рационалност ја докажале, заслужуваат пореален однос кога станува збор за носењето политики или реформи.
Со други зборови нашата влада покажа дека на одредени теми знае да се откаже од емотивното и да го прегрне рационалното, но и дека сега граѓаните тоа го бараат на многу повисоко ниво. Индивидуи, партии, делови од стручна јавност, корумпирани личности, нема никогаш да го прегрнат тој тежок дијалог и тивка соработка кој треба да се воспостави помеѓу јавноста, колективитетот и властите, но времето за градење доверба е најчесто кратко, и ако се изгуби тој момент, потоа тешко ќе ги вратиме емоциите во шишето од кое излегле.
Пример, погледнето го емотивниот набој кој се создава во една недела помеѓу власта и граѓаните, или помеѓу власта и реалните состојби.
Безбедносни реформи се носат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, и покрај спротивставеноста на одредени пратеници од власта, стручната јавност и експертите кои тврдат дека реформите се обична шминка.
Со месеци зборуваме дека реформскиот процес е заглавен или недоволен. Такви пораки ни доаѓаа од Америка и од Франција, од германски експерти дома кои ни велат дека законите на хартија треба да се преточат во реалност, дека важни се приоритетите. Наместо тоа, нашиот премиер со месеци зборува како датумот за преговори со ЕУ е готова работа, а сега кога и самиот сфати дека реалноста не е таква, почнува да игра на емотивната карта дека тоа би го разочарало Балканот или би создало политичка криза. Факт е дека ние заслужуваме заради промената на името, но реалноста е дека немаме реформи, и дека зависиме од поголеми регионални прашања, нешто што оваа власт до скоро не сакаше да си го признае.
Со години се зборува за руинирањето на Охрид и сега кога статусот на светско културно наследство е загрозен, власта и опозицијата си ја префрлаат вината. Но јавноста знае дека сите се виновни, па и самите тие, дека сите имаат удел во лошите одлуки и дивоградбите, дека претходните многу уништија, а дека актуелните малку или речиси ништо не сакаат да поправат.
Реалност на состојбите
Ќе нафрлам неколку други ситуации. Мукоски е дел од официјалната делегација во Рим. Тендерите се фаворизирани, без оглас се потпишани 596 договори во вредност од 33 милиони евра. Сопственик на хотел претепува сопственик на менувачница и потоа си оди на свадба. Полицијата не го приведува, обвинителството со денови не постапува. Дечко со епилепсија раскажува за својата голгота како низ целата држава не може да пронајде лекови. Што мислите, дали сите овие вести и реални состојби кои не се адресираат, или тоа не се прави доволно ажурно, влијаат емотивно врз јавноста?
Проблемот кај нас е што и во отсуство на злоупотреба на одредени теми, самата реалност на состојбите предизвикуваат доволно негативен емотивен набој, камоли ако на нив ги придодадеме сите можни лажни вести, деструктивни манипулации, трачеви и озборувања.
Со други зборови, за ние да почнеме да ја напуштаме емотивноста како јавност, мораме да видиме сериозна заложба кај властите да ги адресира и емотивните прашања, не само политичките. Или ако сакаме поинаку, премногу прашања на политиката поради несоодветно соочување со нив, се претворени во емотивна проблематика.
Тоа верувам дека се надминува, како што наведов погоре, со рационалност, со непарцијалност, со разумни политики кои полека никнуваат на одредени полиња, но се уште е прерано да ги дадат своите плодови. Во спротивно, ризикуваме да ни се вратат старите стравови, тие повторно да доминираат на јавната сцена, за да може една друга, далеку подеструктивна политика, да јава на бранот на незадоволството.
Како последен пример ќе ја наведам оставката на Богоевски. Павле плати цена за нешто што можеме да го наречеме емотивна одговорност. Нема должност за морална или политичка одговорност, не ја судиме неговата работа во Собранието, ниту очигледно тој самиот мисли дека етички погрешил, освен во самиот чин на набавка на забранети супстанци. Но, емотивниот суд на јавноста беше јасен, тој беше осуден во самиот старт, затоа што превладеа чувството дека настанала фрактура помеѓу неговата јавна функција и примерот кој го дава како носител на мандат од граѓаните, но и поради нерешливиот сомнеж дали бил докрај искрен во својата верзија на настаните. Дека тоа е морализаторски - да, дека е лицемерно - секако, но таа емотивна состојба на граѓанинот што суди, а партијата слуша, се решаваше со конечно надминување на криминализацијата на лесните дроги и личната употреба, или со барем подложување на тестирање за дрога на пратениците и констатирање на фактичката состојба. Но, наместо се тоа, огромна е политичката и партиската хипокризија. Се искористи емотивниот набој, оставката да се даде во вистински момент и употреби како пример за моралната супериорност на пратеникот, на партијата која го кандидирала, и целата оставка да се стави во релација и споредба со моралните и политички (не)одговорности на политичкиот противник. Клучното прашање, кој снимал, а кој ја пуштил во јавност снимката, колку опозицијата или други некои структури се инволвирани во целата работа, ќе остане верувам неразјаснето.
Замаглување на умот, пострашно и од некои дроги.