Нотр Дам, Воинот на Коњ и изметот за активистите
19 април 2019Неделава темата која доминираше во светот и кај нас беше пожарот на катедралата Нотр Дам, сместена во срцето на Ил де Франс, еден од најголемите симболи на западната историја и европскиот идентитет.
И со колку ли само симболика беа полни тој чад и оган што извираа од Нотр Дам. Колекција на симболи. Христијанството, Париз, Европа, крајот на Европа, нацијата, универзалноста, Богородица, крстот, мистеријата на верата, силата на сакралното, моќта на секуларното, амбицијата на луѓето, негрижата на луѓето, гордоста на Западот, крајот на Западот, Средниот век, Нашиот век, Виктор Иго, Ѕвонарот и Есмералда, ноарот, Двете кули, претенциозното минато, непретенциозната сегашност, сегашноста која не се грижи доволно, што со нашето културно наследство... Дури некаде се појави и неизбежната Игра на Тронови, за која смеам ли да кажам – не ја гледам, но веројатно и таа има нешто да каже за огнот и падот на катедралите.
Сите ние пред ваквите настани се обидуваме течението на моментот, на тагата, или личната ванитозност и цинизмот да си го насочиме кон нашата воденица. Сите имаме потреба нешто да кажеме, да се вивнеме во некакви морални висини, да ја наметнеме моралната надменост, да покажеме колку знаеме за проблемот, да им посочиме на другите колку погледот им е на погрешно место. И знаете што е проблемот, во таа какафонија, никој не успеа до крај. Товарот на симболичното на таа голема и стара црква не е лесно пренослив, и си остана таму каде што е, на своето место, потемнет од чадот и прекриен од болка, но на располагање на сите нас.
Чудото на Нотр Дам лежи токму во фактот дека овој настан им припадна на сите, ма колку биле себични, жедни за морална надменост, дрски и бесчуствителни во релативизацијата, искрено засекирани за нашите цркви и манастири, информирани за степенот на оштетеност, оние што бараат Црквата или Ватикан да плати, оние што веруваат во божјата казна, оние што сега им се отворија очите за Сирија, оние што мислат на сиромашните, сите ние бевме допрени и поттикнати од тој ист настан. Нотр Дам ни беше на располагање на сите, и мора да се признае, некои бедно го искористија тој подарок. Најголем дел од луѓето, биле верници или атеисти, учени или неучени, левичари или десничари, пред овој настан имаа само една мисла: жал ми е!
За Скопје 2014 почнува еден сосема нов живот
Што значи дека мене од сѐ ова мислата ми се сведува на некаква си жал, тага за нешто, и ќе пробам да сублимирам каде тагата за Нотр Дам и цела таа симболика претекува во мојот дом и мојата околина.
Пред неколку дена на социјалните мрежи - тој ќорсокак на артикулираната човекова мисла, таа токсична преткомора на општествениот судир - шегувајќи се напишав дека би го запалил Скопје 2014-та, но дека никој од светот не би дал ни денар за возобновување на кичот и стиропорот. Некој луциден интернаут ме потсети дека стиропорот е самогаснечки, што мојата имагинација веднаш ја судри со суровата реалност. Скопје 2014-та е неуништливо! Барем неуништливо од природни причини, додека од политички би можело да биде, но тоа нема да се случи.
Знаете ли дека откако дојдовме до компромис со Грција околу името и идентитетските прашања, откако им го препуштивме, со право, монополот над хеленистичкото историско наследство, дека на пример, и споменикот „Воинот на коњ“ стана дел од светското културно наследство. Тоа важи за Филип и за Софија, за малиот Александар и сите останати споменици од најлудите години на нашето кратко самостојно постоење.
Која перверзија, која иронија на судбината, кој апсурд. Реалната симболика на политичкиот инженеринг на Груевски, тој криминоген проект на историска ревизија, еднаш помирени битните историско-идентитески прашања, се претвори од кич и трагедија во светско културно наследство.
Со други зборови, победи реалното пред фалсификатот, но фалсификатот останува материјално и духовно како таков, неговата суштина е непроменета, без разлика што денес е помирена со реалноста на автентичната симболика.
Оттука, ова значи дека секоја идеја или надеж за палење или отстранување на мегаломанската оставштина на Скопје 2014-та, тоа симболично во симболичното, нема да биде остварена, и можеби за 20-30 години, некои нови генерации ќе заборават на криминалот, насилието и самоволието во позадина на ова лудило.
Значи дека во светот и животот постои драматичноста на губењето, но и драматичноста на постоењето на нешто лажно и криминално. Што значи, за Скопје 2014-та драги мои, почнува еден сосема нов живот.
Нашиот проблем не лежи само во негрижата, туку и во самата грижа
Со оправдана резигнација ќе заклучиме дека тој нов живот изостанува кога станува збор за нашето реално материјално и нематеријално културно наследство. Но, дека истото важи и за нашите природни богатства, спомениците на природата, кои доживуваат навистина трагична судбина.
Еден важен светски историчар на уметноста деновиве го минимизираше тоа што се случи со Нотр Дам. Неговата појдовна точка беше дека непоправливата штета настапува кога ќе ги изгубиш делата кои се централни за Западната култура. Тоа на пример, се нема случено со катедралата, а дури и многу оплаканите витражи се завршени само во 1967 година и се тривијални, односно, лесно надоместливи. Со други зборови, Нотр Дам не е компромитиран, ќе биде автентично реконструиран и ништо не е дефинитивно загубено. Но, што кај нас е компромитирано?!
Сега кај нас се повикаа апели за спас на бројни споменици на културата и објекти на културно наследство. Некаде прочитав дека се преку 1200 објекти, оставени на забот на времето. Но, нашиот проблем не лежи само во негрижата, туку и во самата грижа, која е неправилно или неавтентично применета.
Прочитав на пример од Донка Барџиева-Трајковска, која беше категорична дека надлежните институции не ги исполнуваат законските обврски и не се грижат за подобрување на културното наследство, дека: „Кај Бигорскиот манастир и кај Трескавец, не се применети меѓународните конвенции кои под реставрација/реконструкција подразбираат реставрација во автентична техника и форма. Во Бигорски е направена реплика на формата во нов материјал, а во Трескавец сосема нови конаци. Всушност, ваквиот начин на реконструкција само на 'форма', а не и во материјал и техника, претставува препознатливо обележје на нашиот пристап во 'заштитата и конзервацијата' како негативна практика која мора да се напушти".
Мислам дека истата судбина допрва ќе ја доживее и Турската чаршија, и слушнав дека ниту нашите министри од повиканите ресори, ниту пак нашиот национален координатор за култура, не биле премногу заинтересирани за проблематиката и автентичноста на изведбата.
Други колумни од авторот:
Ја гледаме ли нашата црна дупка?!
Селфи на новиот национален идентитет
Тотален неинтерес за природата, екологијата и животната средина
Впрочем, како би биле? Ова е една прагматична, бизнис ориентирана власт која својот живот го троши на менаџирање на мнозинството со криминогената ДУИ и амнестираната „Осумка од ВМРО“, и тие немаат намера да се позанимаваат со нешто посуштинско, освен - како украдените пари да ги вратат во своите џебови.
Како кога се крена галама за мизерната состојба на Аквадуктот. Отидоа на еден ден, од премиер до министри, градоначалници и советници, се изнасликаа, и ништо, ене го Аквадуктот, подеднакво, ако не и помизерен од кога било.
Катастрофалната ситуација која владее кај нашето културно наследство, важи и за нашите природни богатства. Младата шведска климатска активистка имаше добра поента: „Спасете го светот како што сакате да ја спасите катедралата Нотр Дам“.
Јас би рекол, спасете го природното богатство на Македонија, ако сакате да имаме простор за културно наследство. Оваа влада покажа тотален неинтерес за природата, екологијата и животната средина и продолжи онаму каде што застана Груевски. Со негов проект за гасовод го доуништија Водно, во Скопје има градежна експанзија поголема од кога било, дозволија самоволие и уништување на Матка, на крајбрежјето на Охрид никнуваат нови дивоградби, трската во Струга гореше за нечиј приватен имот, сега се најдоа и затекнати со ресторанот во заштитено подрачје на Козјак, земјиште продадено за смешни пари, додека во Скопје горат помали или поголеми депонии, а на истокот од земјата никнуваат токсични рудници.
Да се разбереме во едно нешто: со уништување или негрижа за културното наследство и природата, тие јавни, колективни, идентитетски добра, пропаѓа во вода самата идеја за нацијата, националното, националниот идентитет, теми за кои оваа влада покажа голем политички интерес и сензибилитет да ги реши. И сега трагично е тоа што се постигнало помеѓу две држави, да се урне заради домашната негрижа на нештата кои се реална потпора и основа за нашето наследство, култура и идентитет.
За кого навиваме?
Конечно нешто и за нас, обичните смртници кои постојано наоѓаме оправдување само во негрижата на институциите. Актерката Ристиќ ни покажа што е грижа и реален активизам, и серијата на институционални закани, сега и смрдливи опомени, граѓанската малициозност кон нејзината мобилизација, ни говорат дека ова општество и граѓанство е далеку од реална промена и подобрување. Исчекор има, но граѓанското и институционалното подобрување треба да одат чекор во чекор. Ако луѓето исчистат треба институциите да соберат, и обратно, ако институциите некаде се грижат, не треба да се посереме на трудот. Но, јас би рекол дека со ваков граѓански менталитет, или ваква партиска војска пикната во институциите, ни Цезар не би напредувал ниту за една педа.
Тие сме луѓето бе луѓе, и во институциите и во приватниот сектор, во уметноста или културата. Тие сме, истите што повеќе или помалку работат, плукаат или коленичат пред секоја власт, и ефектите ги гледаме - никако да напреднеме. Власта има свои сериозни одговорности, но и ние, неодговорни и итри какви што сме станале, сакаме само власта да ја обвиниме. А истите луѓе сме, на власт биле, или власт бирале, тие сме, сите валкаме и сите можеме да исчистиме, сите можеме добро или лошо да сработиме, да живееме во благосостојба, или во оваа несостојба.
Човековата негрижа е основа за секоја катастрофа. Прашањето, кое ургентно се наметнува, е - за кого навиваме, за пожарот или за Нотр Дам?