Ескалација на протестите во Бугарија
2 септември 2020Демонстрантите блокираат патишта и одржуваат секојдневни протести во главниот град Софија и други градови веќе два месеци, барајќи оставка од премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев поради корупција.
Борисов веќе отпушти неколку министри и неодамна предложи усвојување на нов устав, но демонстрантите ги отфрлија овие чекори.
Илјадници демонстранти уште од утрото излегоа во центарот на Софија извикувајќи „Оставки“ и „Мафија“. Во неколку наврати тие фрлаа со каменици, јајца, јаболки и домати врз полицијата. Полицијата возврати со шок-бомби, бибер-спреј и солавец.
Здравствените власти велат дека над 45 луѓе, вклучително и најмалку 27 полицајци и неколку новинари се повредени за време на судирите откако демонстрантите се обидоа да ги пробијат полициските кордони и да влезат во парламентот.
Шефот на полицијата во Софија Георги Хаџиев ги отфрли обвинувањата од Хелсиншкиот комитет дека полицијата употребила прекумерна сила. Хаџиев вели дека биле уапсени 35 лица, повеќето фудбалски навивачи со криминални досиеја.
На првата парламентарна сесија требаше да се дискутира за барањето на владејачката ГЕРБ на Борисов за уставни измени. Партијата соопшти дека обезбедила поддршка од 120 пратеници за проектот, но неизвесно е дали ќе успее да ги обезбеди неопходните 160 гласови.
Претседателот Румен Радев во изјава во парламентот и порача на владата дека треба да си замине и да се организираат предвремени избори.
„Довербата е дефинитивно загубена“, рече Радев. Борисов, кој е на власт речиси 10 години, досега одбиваше да поднесе оставка пред истекот на неговиот трет мандат во март следната година.
„Луѓето не излегоа на улиците со барање за нов устав, туку поради недостатокот на морал во раководството, ерозијата на државата и корупцијата“, рече Радев.
Аналитичарите сметаат дека предлогот на Борисов за уставни промени е обид за купување време и задржување на функцијата.