ЕУ: Дискриминација преку Ковид-пасоши?
28 април 2021По средбата на канцеларката Ангела Меркел со покраинските премиери, опозицијата ја обвини сојузната влада за неодлучност. Затоа што во Германија и натаму не е јасно дали може и се сака на лицата кои се вакцинирани или опоравени од Ковид-19 да им се „вратат“ основните права, и тоа пред тие права да им се „вратат“ на сите други граѓани на земјата.
Заговорниците на оваа идеја нагласуваат дека основните права на граѓаните смеат да се ограничуваат само со основана причина. Затоа бараат луѓето кои претставуваат помала опасност за ширење на коронавирусот што побрзо да ги добијат назад своите уставно дефинирани права. А другите пак аргументираат со принципот на еднаквост- односно дека принципот на „укинување" на одредени темелни права мора да важи или за сите или за никого. А постои и трета група која се залага за тоа вакцинираните луѓе да не добијат никакви привилегии се до моментот кога сите граѓани на Германија ќе имаат можност да примат вакцина.
Слобода за патување в лето?
Дебата на оваа тема не се води само во Германија. И на ниво на Европската унија би требало да се воведе единствен дигитален Ковид-пасош односно сертификат, со кој би се гарантирала слобода на движење во Шенгенскиот простор на лицата кои имаат примено две дози вакцина, односно за луѓето кои се опоравиле од Ковид-19 или имаат пресен негативен тест за коронавирус. Земји како Шпанија, Грција и Кипар, значи оние членки од ЕУ чија економија зависи во голем дел од туризам, инсистираа на усвојување на овој „зелен пасош“, кој во јавноста се нарекува и „Ковид-пасош“.
А тој би требало да биде воведен уште пред почетокот на летната сезона. Ќе има само информативен карактер, нагласи европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс по усвојувањето на одлуката за овој документ на средината на април. Но, патувања во рамките на ЕУ и натаму се можни и без „Ковид-пасош“, кој всушност не е никаков пасош. За тоа под какви претпоставки некој смее да влезе во одредена земја и натаму одлучуваат самите држави членки на ЕУ.
Шпанија одбегнува дебата
Сличен концепт во Шпанија, но само во рамките на државните граници, предложија владите на автономните покраини Андалузија и Галиција, кои ги предводи конзервативната Народна партија (ПП). Владејачката коалиција во Мадрид, сочинета од Социјалистите (ПСОЕ) и лево-радикалниот Подемос, ја отфрли таа идеја.
Во Шпанија практично не се ни водеше дебата околу дигиталниот „зелен пасош“ во контекст на основните права, вели Хуан Мигуел Гонзалес, портпарол на Шпанското друштво за јавно здравство и здравствениот сектор (СЕСПАС) : „Како и кај многу други работи поврзани со Ковид-19, нема доволно транспарентност кон граѓаните, а беше избегната и јавна дебата за таквите темелни работи“.
Повеќе:
Пасош за вакцинации на ЕУ: што ќе содржи и кои се предностите?
Многу пречки за воведување на ковид-пасоши во ЕУ
СЕСПАС смета дека тавите правила се проблематични и тоа од повеќе причини поврзани со уставните одредби, нагласува Гонзалес. Така, првенствено во овој момент воопшто нема научни сознанија за тоа дека вакцинираните лица не можат да го пренесуваат вирусот.
Италија веќе го усвои новиот закон
Италија пак веќе го примени она што во Шпанија го бара ПП: од почетокот на неделава во земјата постои дигитален „Ковид-пасош“, односно сертификат на кој се наоѓаат податоци дали некое лице преболело коронавирус или е вакцинирано, односно е негативно на тест за коронавирус. На сопствениците на овие „зелени пасоши“ им е дозволено слободно движење низ целата земја.
Декретот за усвојување на имплементацијата на сертификатот во Италија воопшто не беше спорен, вели Естер Хапахер, професорка за италијанско право на Универзитетот во Инсбрук. Таа додава дека единствено надлежната институција за заштита на личните податоци предупредила од можни „нуспојави“ во поглед на основните права: „Дури и моментно единствената опозициска партија Браќа на Италија бараше воспоставување слобода на движењето и брза имплементација на ‘зелениот пасош' на ниво на ЕУ“.
Воопшто не се ни водени некои важни дебати и поради тоа што Уставот на Италија дозволува ограничување на слобода на движење од здравствени причини, објаснува Хапахер. Таа вели дека моментно во Италија нема воопшто дебата околу идејата за поврзување на „зелениот пасош“ со некои дополнителни привилегии за оние кои би го поседувале.
Задолжително вакцинирање?
Во Франција владата деновиве ја актуелизираше официјалната корона-апликација (TousAntiCovid), па е можно во неа да се „уфрли“ и статусот на вакцинирање, односно резултати од тестовите за коронавирус. За разлика од големите дискусии пред воведувањето на апликацијата минатата година, овојпат во јавноста нема претерана загриженост за заштитата на личните податоци, напоменува експертот за уставно право, Жоан Набат од Универзитетот во Бордо. Во Франција исто така не се дебатира околу „наградување“ на вакцинираните лица, претседателот Емануел Макрон редовно ја нагласува доброволноста на користењето на апликацијата и вакцинирањето, што ќе остане и натаму.
Повеќе:
Ковид-пасошите во ЕУ доаѓаат налето?
Доколку „зелениот“ статус на апликацијата би бил предуслов за одредени активности, на пример влез во ресторан или учество на некои манифестации, тогаш таква можност би добиле и пресно тестираните лица, смета Набат. Сите други опции само би ги разлутиле Французите: „Тоа би претставувало прикриена обврска за вакцинирање. А мнозинството Французи решително се противи на тоа, без оглед на пандемскиот замор“.
Со „пасош“ во паб
Во Велика Битанија владата моментно проверува можност за дигитална потврда за вакцинација, која во земјата ќе ја добива секое целосно вакцинирано лице. Тоа би можело да го олесни влезот на тие луѓе на големи приредби, а пристапот на нив би бил можен и за лицата со пресен негативен тест. Наскоро се отвораат пабовите (17.05), тогаш влезот, според мислењето на законодавците, ќе им биде дозволен на сите, без оглед дали имаат „зелена“ потврда. Но, сопствениците на пабовите можат сами да ги регулираат правилата за користење на нивните услуги, односно од гостите да бараат на влезот да им покажат соодветни докази.
Кога премиерот Борис Џонсон на почетокот на април зборуваше дали тој Ковид-пасош еден ден би можел да стане задолжителен, во Долниот дом на Парламентот беше соочен со голем отпор. Меѓу критичарите на таа идеја се и претставници на опозицијата, но и на неговите владејачки Ториевци.